|
||||
| Македонија меѓу чекалната и влезната врата на Европа |
|
Идејата што ја пласираа српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама за „фазна интеграција“ на Западен Балкан во Европската Унија отвори нова дебата: дали регионот конечно ќе се приближи кон Европа или ќе добие само нова форма на чекање пред нејзината врата. Предлогот е едноставен – земјите од регионот би добиле пристап до европскиот пазар и до Шенген зона, но без право на вето, без свои еврокомесари и без претставници во Европски парламент во оваа фаза. Со други зборови, економска интеграција пред политичко членство. За Македонија, која повеќе од три децении чекори по европскиот пат, ова отвора едно суштинско прашање: дали ваквиот модел носи вистински придобивки или само ново одложување. Економската шанса Најголемата потенцијална корист за Македонија би била пристапот до европскиот единствен пазар. Тоа би значело дека македонските компании би можеле полесно да извезуваат во ЕУ, без царини и со помалку административни бариери. За земја со мала економија, тоа може да значи многу: повеќе извоз, повеќе инвестиции и поголемо вклучување во европските индустриски синџири. Многу фабрики што денес работат во технолошко-индустриските зони токму поради пристапот до европскиот пазар би можеле дополнително да се прошират. Истовремено, пристапот до европските фондови и програми би станал полесен, што би значело повеќе средства за инфраструктура, енергетика и модернизација на економијата. Втората голема придобивка би била приклучувањето кон Шенген зона. За граѓаните тоа би значело патување без гранични контроли низ голем дел од Европа. Но придобивките не се само за патниците. За транспортот и трговијата тоа би значело побрз проток на стоки, помали трошоци за компаниите и подобра логистика. Во пракса, македонската економија би станала многу поповрзана со европската. Намалување на блокадите Македонија во последните три децении искуси колку билатералните спорови можат да го блокираат европскиот пат. Прво спорот со Грција, а потоа и ветото од Бугарија го покажаа најслабото место на европскиот систем – правото на вето. Во моделот што го предлагаат Вучиќ и Рама, земјите кои влегуваат во оваа фаза би се откажале од ветото. Тоа теоретски би значело дека процесот на интеграција би станал помалку зависен од политички блокади и повеќе од реални реформи. За Македонија, која веќе направи сериозни компромиси за да го продолжи европскиот пат, ова би било значајно олеснување. Сепак, постои и друга страна на приказната. Овој модел значи дека земјите би биле дел од европскиот економски систем, но без вистинско политичко влијание. Без свој еврокомесар, без пратеници во Европски парламент и без право на глас во клучните одлуки на Европската Унија, постои ризик регионот да остане во некаква „сива зона“ – интегриран, но не и рамноправен. Затоа критичарите предупредуваат дека ваквиот модел може да создаде Европа со две брзини: полноправни членки и држави кои се економски вклучени, но политички на маргините. За Македонија, оваа иницијатива е и можност и дилема. Од една страна, таа нуди конкретни економски придобивки и поблиска интеграција со Европа. Од друга страна, поставува прашање дали тоа е чекор кон членство или нова форма на долгорочно чекање. По три децении ветувања, разочарувања и компромиси, македонското општество има право да праша: дали ова е конечно отворање на европската врата, или само уште една просторија во долгата чекалница. Одговорот, како и многупати досега, ќе зависи не само од реформите во Македонија, туку и од политичката волја во самата Европската Унија да го прифати Балканот како дел од својата иднина. МН |





















