|
||||
| Кога е најтешко државата мора да биде најсилна, Македонија го положи тестот |
|
Македонија ги врати своите граѓани: 605 македонски државјани безбедно дома Македонија покажа дека знае и може кога е најпотребно. Со последниот чартер-лет кој слета во Скопје, успешно е завршена целосната евакуација на македонските државјани од кризното подрачје на Блискиот Исток. Сите што побараа помош се вратени дома. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека со петтиот и последен лет се евакуирани 147 патници, меѓу кои 119 македонски и 28 странски државјани. Операцијата, која се одвиваше во услови на зголемени безбедносни ризици, заврши успешно и без инциденти, при што државата не само што ги заштити своите граѓани, туку покажа и солидарност кон странски државјани од пријателски земји. Сите летови беа организирани како чартер-операции, а трошоците во целост ги покри државата – јасен сигнал дека безбедноста на граѓаните е над сè. Со ова, вкупниот број на евакуирани македонски државјани достигна 605 – бројка што ја потврдува обемноста и сериозноста на операцијата. Од Министерството нагласуваат дека ова е уште една потврда дека државата стои зад своите граѓани кога е најтешко. Воедно, СОС-телефоните и дипломатско-конзуларните претставништва остануваат активни и подготвени за секоја евентуална потреба. Кога е најтешко државата мора да биде најсилна. Овој пат, Македонија го положи тестот. МН
|





















