|
||||
| ПЛАТИ ИЛИ ЌЕ ТЕ ГОНИМЕ: Бизнисмен обвинува за рекет тежок 1 милион евра |
|
Гевгелискиот бизнисмен Томе Главчев поднел кривична пријава против поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и обвинителите Бурим Рустеми и Лиле Стефанова, обвинувајќи ги за злоупотреба на службената положба и изнуда на поткуп во рамки на истрагата за случајот „Поштенска банка“. Според наводите во пријавата, настаните датираат од почетокот на 2019 година, во период кога Специјалното јавно обвинителство активно водеше истраги за повеќе високи профилирани случаи. Главчев тврди дека во јануари истата година бил контактиран преку посредникот Бојан Јовановски-Боки 13 кој, како што наведува, му пренел порака дека постои можност постапката против него да биде запрена – но само доколку исполни одредени финансиски услови. Средбата, според неговото сведочење, се одржала во просториите на тогашната телевизија 1ТВ во Скопје, медиум кој во тој период беше директно поврзан со Јовановски. Таму, како што тврди Главчев, му било пренесено дека треба да исплати вкупно еден милион евра за да се влијае врз исходот на постапката. Барањето, според него, било структурирано – 30 проценти од сумата, односно околу 300.000 евра, требало да бидат исплатени веднаш, додека остатокот по донесување на одлука за запирање на истрагата. Тој наведува дека ваквиот модел на плаќање му бил претставен како „гаранција“ дека предметот ќе биде затворен во негова корист. Дополнително, Главчев во пријавата посочува дека пред ова барање за поткуп, од него биле барани и средства за медиумско рекламирање, исто така преку структури поврзани со Јовановски. Станувало збор за износи од 50.000 и 100.000 евра, кои, според неговите тврдења, биле условувани како начин за „одржување на комуникацијата“ и обезбедување поволен третман. Откако категорично ги одбил сите барања, Главчев тврди дека се соочил со продолжување и интензивирање на постапката против него. Според неговите наводи, предметот не само што не бил запрен, туку се водел со години, што, како што посочува, предизвикало сериозни последици врз неговото работење и углед. Овој случај, доколку наводите се потврдат, повторно ги отвора прашањата за начинот на функционирање на поранешното Специјалното јавно обвинителство-СЈО и улогата на неформални посредници во правосудните процеси. Воедно, ја враќа во фокус и аферата „Рекет“, во која централна фигура беше токму Бојан Јовановски, а во која веќе беа утврдени злоупотреби поврзани со изнуда на пари од бизнисмени. Засега нема официјална реакција од посочените лица во пријавата, ниту информации дали надлежните институции отпочнале постапка по наводите на Главчев. МН |





















