|
||||
| Црвената линија станува Аманет за генерациите што доаѓаат! |
|
Пораката на Премиерот Христијан Мицкоски „нема да има уставни измени без гаранции“ не претставува само моментален став на една влада, туку обид да се постави јасна црвена линија што треба да ја следат и идните генерации во ВМРО-ДПМНЕ. Оваа позиција отвора суштинска дилема: дали Македонија конечно учи од сопственото искуство или повторно ризикува да влезе во процес без јасен крај, каде секој нов чекор носи нови услови? Во изминатите години, државата направи сериозни отстапки во име на европската перспектива. Промена на името, договори со соседи, прифаќање на комплексни политички компромиси, сето тоа беше претставено од Заев и Филипче како билет кон Европската Унија. Но наместо јасна цел и извесен крај, Македонија се соочи со нови блокади, нови барања и продолжена неизвесност. Токму во таа реалност се раѓа аргументот дека без цврсти и недвосмислени гаранции, секој нов чекор може да значи повторно отворање на веќе затворени прашања. Ставот на Мицкоски е недвосмислен: идентитетот не смее да биде преговарачка категорија. Но тој оди чекор понатаму – ова не е само политичка порака за денес, туку обид да се создаде долгорочна политичка доктрина. Со најавата дека оваа позиција ќе се пренесе на идните генерации, се прави обид да се вгради принцип во политичката ДНК на партијата: без гаранции, нема отстапки. Тоа значи институционализирање на став кој треба да обезбеди континуитет, нешто што македонската политика до денес го немала. Од другата страна, СДС ја гледа европската интеграција како процес што подразбира флексибилност, компромис и адаптација. Но токму тука се судираат двата концепти: едната што верува дека компромисите се средство за напредок, и другата што предупредува дека тие имаат граници по кои следува разградување на националните позиции. За СДС тоа е прагматизам; за ВМРО-ДПМНЕ – ризик од постепено губење на идентитетските позиции. Клучното прашање, сепак, не е дали Македонија треба да биде дел од Европската Унија – околу тоа постои широк општествен консензус. Вистинската дилема е под кои услови ќе се случи тоа. Ако процесот на интеграција значи постојано редефинирање на идентитетските прашања, тогаш логично се поставува прашањето: дали тоа е пат што води кон членство или пат што нема крај? Во тој контекст, барањето за гаранции и за реципроцитет – особено во однос на правата на македонската заедница кај источниот сосед – претставува обид да се промени досегашната логика на процесот. Тоа е обид да се воспостави нов модел на преговарање, во кој државата поставува црвена линија. Но најсилната политичка порака лежи во најавата дека оваа политика ќе се пренесе на идните генерации. Тоа значи дека темата за уставните измени повеќе нема да биде предмет на лесни политички пресврти по избори. Напротив, се создава континуитет – нешто што македонската политика ретко го имала а тоа ќе биде пресврт и во македонската дипломатија. Пораката „нема уставни измени без гаранции“ станува црвена линија што ќе ја дефинира иднината, не само на една партија, туку и на државата и Аманет на идните генерации.
|





















