|
||||
| ВЕЛИГДЕНСКО ПРАЗНУВАЊЕ ВО КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА „ПРЕСВЕТО СРЦЕ ИСУСОВО“ ВО СКОПЈЕ |
|
Најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден во Република Македонија Католиците традиционално го слават во црквата „Пресвето срце Исусово“ во Скопје. По тој повод во саботата на 4 април 2026 година се одржа света Велигденса литургија која ја служеше бискупот скопски и епарх струмичко-скопски, монсињор д-р Киро Стојанов, во сослужение на бројни свештенослужители и Црковниот хор од Католичката црква. Денес Католичката црква има богато развиен верски живот, а денешната Катедрала „Пресвето Срце Исусово“ претставува катедрален храм и седиште на Скопската бискупија при Католичката црква. Таа е центар на црковниот живот на Католичката црква. Инаку, Скопската катедрала во 2019 година беше посетена од Светиот отец папата Франциск. Изградбата на денешната катедрала „Пресвето Срце Исусово“ започна во 1975 година и траеше 7 години, до 1982. Бискуписки водител на изградбата беше монс. Антун Циримотиќ. Посебен впечаток во катедралата денес остава витражот, кој е претставен на 12 стаклени панели, дизајнирани со ликовите на 12-те апостоли. Инаку, Католичката црква во Македонија е една црква со два обреда, поради што се вика Католичка, што значи општа, односно заедничка црква. Според тоа, католичките верници и храмови од источен обред во Република Македонија се присутни најмногу во струмичкиот крај, односно, во градот Струмица, во Радово, во Нова Маала, како и во Гевгелија, Богданци и Стојаково, додека католиците од римскиот обред се најбројни во Скопје, Битола, Охрид и во други места. Во текот на повеќе векови, христијаните во Македонија, како и на другите ближни и далечни простори исповедувале заедничка и општоприфатена вера, што зборува дека и Православната и Католичката црква егзистираат на овие простори од тогаш до денес. Меѓутоа, поради различните култури, начинот на размислување и други причини, поделбата на православни и католици во смисла на верска поделеност, како и во светот така и во Македонија, постои од 1054 година. Така, во борбата за црковно ослободување од елинистичкото влијание, покрај националниот дух кај македонскиот народ се буди и духот за црковна независност од Цариградската патријаршија. По неуспешното барање сојузник во разни независни цркви, обидот за ослободување од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија завршува со Унијата, односно соединување со Католичката црква во 1859 година
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски, монсињор д-р Киро Стојанов Инаку, првата унијатска црква, односно Католичката црква од византиско-словенски обред во Македонија, е формирана во Кукуш во 1859 година, позната како Кукушка унија или Кукушко соединување, во која членувале голем број видни македонски преродбеници. Тоа, всушност, било движење за отворање на училишта на македонски јазик, или на јазикот на кој зборувале Македонците во кукушко-солунскиот регион. Унијатството, односно соединувањето било движење за еманципација и ослободување од грцизмот, односно црковно-просветно движење против грцизмот што во тој период имал широки размери во етничка Македонија. Денешната Католичка црква со источен обред во Република Македонија на чело со бискупот д-р Киро Стојанов е организирана во пет енории и три филијали и тоа: во Богданци, Гевгелија со филијала во Стојаково, Нова Маала со филијала во Чанаклија, потоа Радово, како и Струмица со филијалата во Петралинци. Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски,монсињор Киро Стојанов им го честиташе Велигден на католичките верници и на литургијата ја прочита воскресната проповед, во која, меѓу другото, рече: „Како и во претходните години, така и оваа година, за жал, додека се подготвуваме да го прославиме празникот Воскресение Христово, слушаме вести што ни доаѓаат од еден немирен свет. Светиот отец Лав XIV зборува за овие конфликти како за „рана“ нанесена на целото човечко семејство, која остава лузни врз луѓето со генерации. На Блискиот Исток крвта од минатите конфликти сè уште не се исушила на земјата на која беше пролеана, а конфликтот повторно се разгоре ширејќи се во соседните земји, со епизоди на насилство и уништување, кои шират омраза и страв, што предизвикува загриженост. Драги браќа и сестри, и ние сме мал народ во големото човечко семејство, па на меѓународно ниво нашето мислење тешко ќе може да се пробие во „игрите“ резер-вирани само за големите и силните, а како католичка заедница во нашата татковина претставуваме малобројност, па затоа нема да биде лесно нашата заложба за градење мир да продре, но сепак имаме голема сила што може да направи големи работи. Оваа сила е и наше богатство, а тоа е Исус Христос, кој, и покрај нашите несовршености, живее меѓу нас. Тој ни овозможува да бидеме сведоци на надежта и спасението и носители на светлината и правдата во времето во кое живееме. Ние сме семе посеано на огромно поле, семе што раѓа изобилен плод. Ние сме семе на сочувство и љубов, а преку нас Бог е присутен на овој свет. Следејќи го примерот на својот Учител и Господ, христијаните ја добиле власта да бидат знак за светот во негово име и повикани се да им понудат помирување на сите луѓе упатувајќи ја својата молитва на благодарност кон Бога во името на сите. Како христијани, ние можеме да бидеме светлина за луѓето на нивниот пат кон Бога. Нека воскреснатиот Господ навистина нè води и нè обликува според Неговата волја за да бидеме вистински сведоци на Оној што умре и воскресна за нас! На сите вас ви посакувам честит празник Воскресение Христово - Велигден - Христос воскресе!“ ХРИСТОС ВОСКРЕСНА – НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА Ваш бискуп/епископ + Киро Стојанов Славе Катин |






















