|
|
| ВО ВИТЕЛОТ НА ВОЈНАТА ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (7) |
|
Во есента на 1943 година, во кошарите на селото Черешница, се криеле македонски партизани под водство на херојот Васил Алексовски. Кога тоа го дознале комитаџиите од Костур на чело со Темо, ги нападнале кошарите. Кога видел Васил Алексовски што се случува, излегол пред кошарата и извикал: – Браќа, не пукајте, и ние сме Македонци! Комитаџијата Темо, за жал, тогаш одговорил со оган и на место го убил Алексовски. Кошарата била на семејството Ристовски од селото Черешница и сопственикот кој се наоѓал таму бил заробен од Темо и предаден на Германците во Солун, кои го убиле. Ристовски беше левичар и голем македонски патриот. Во тој дух растеа и децата на фамилијата Ристовски. Еден од нив беше и Кочо Ристовски, дете-бегалец во Унгарија. Подоцна стана познат детски хирург во градот Мишколц и тој беше најголем македонски патриот што имам сретнато во мојот животот, кој за жал, почина многу рано. Во 1944 година, кога Германците се повлекоа, македонските партизани во октомври влегоа во селото и нас малите деца нè научија да ја пееме песната за Васил Алексовски, која и денес не ретко ја пеам, плачејќи: „Васил, Васил Васил го убија, Васил, Васил Васил го убија, Васил, Васил Васил го убија, Васил го убија шпиони на Темо, шпиони на Темо фашисти Македонци“… Овде чувствувам потреба, поради трајниот спомен кон храбриот македонски син Васил Алексовски, да истакнам дека припадниците на комитската чета кои беа бугарски експоненти и носители на бугарската кауза против македонскиот народ, кој им сврти грб, ги прогласи за предавници и изроди и ги нарече со потсмев комитаџии. Еднаш Германците се повлекоа од Костур и преку Парангата стигнаа до местото Дауло, близу до влашкото село Клисура, каде што од заседа беа нападнати од Еласитите (припадници на Грчкота народноослободителна војска кои биле под влијание на КПГ). Неколку Германци Од есента на 1945 година братучед ми Стефо цела година учеше во Костур за да стане кројач. Димитар и Харила и´ помагаа дома на тета Нана, инаку тие работеа во воденицата. Тогаш јас ги пасев овците иако имавме главено како овчар едно момче од Клисура, кое се хранеше и спиеше кај нас. Тоа траеше само неколку месеци, потоа јас сам ги пасев овците. Тогаш баба ми Тана ми велеше: – Внуче, денешната работа да ја завршиш денес, зашто утре ќе имаш друга работа и друг касмет. Тогаш многу пати спиев со еден од моите братучеди Димитар или Харила во воденицата. Не само јас нив, туку и тие многу ме сакаа мене, иако беа повозрасни. Честопати со нив одев на нивите и еднаш кога се вративме дома со полна кола бериќет, Димитар ми рече: – Читај што пишува над вратата на оваа куќа. Прочитав: 1927 година. Тој ми рече:– Тогаш се родив јас Од септември 1945 година почнав да одам на училиште. Училиштето во нашето село беше големо и доста ново. Во близината имаше три чешми со студена изворска вода. Мајка ми сакаше јас да станам трговец, тоа и´ беше во умот од времето што го поминала во Стамбол. Ми наполнија една мала кутија со разни нешта, како цигари, кибрити итн., и ме однесоа сред село да продавам. Јас немав абер да бидам трговец, така што многу деца кои сакаа да купат нешто од мене, си зедоа, а не ми платија ништо. На тој начин кутијата брзо се испразни и кога виде мајка ми дека не носам дома пари, веќе никогаш не купија друга стока за да продавам. Ете, така заврши мојата кариера како трговец. Во училиштето напредував доста брзо и на 25 март – грчкиот национален празник од учебната 1946 година, учителката ми кажа една стихотворба која веднаш ја запомнив и ден-денес ја помнам. Таа стихотворба требаше да ја рецитирам на прославата на која беше присутно речиси целото село. Стихотворбата зборуваше за една болна старица која отишла на лекар и од него побарала дозвола да јаде многу секој ден. Стихотворбата имаше комична содржина и ја потенцираше работата на лекарот и кај мене остави силен впечаток. Тогаш не ни сонував дека по дваесет години и јас ќе станам лекар.
Во селото имаше полицајци кои многу лошо се однесуваа спрема нас Македонците. Еден ден, одејќи дома, пред црквата слушнав како некој писка, бидејќи го тепале, па молеше да прекинат со тепањето… Кога стигнав дома, дознав дека тоа бил мојот братучед Мани Манче, кој беше десетина години поголем од мене. На брзаница со мајка ми, отидовме кај него дома и таму го видовме Мани како лежи в постела, а жените со масло му ги мачкаа раните. Целото тело му беше модро и со рани. Летото братучедот Стефо се врати од Костур и веднаш почна да работи во воденицата и по нивите. Тогаш многу пати фашистичката полиција од селото Горници одеше по соседните македонски села и тепаше млади момчиња. Еден ден попладне одев со воловите кон селото откај Големите Ливади и видов оддалеку како трча кон мене Стефо и ми вели: – Речи и´ на Нана дека јас одам партизан на Вичо Планина… Кога стигнав дома, дознав дека Бурандарите од Горници дошле до загоричката месност Арто и таму тепале неколку момчиња од нашето село и поради тоа Стефо се исплашил и заминал меѓу партизаните. Тогаш тој беше само осумнаесетгодишно многу убаво, русокосо момче. Подоцна Стефо ми кажа дека од селото заминал за Черешница, но и таму не можел да најде партизани, па продолжил за Вичо, каде што по неколку денови нашол неколкумина од нив, кои, всушност, беа и првите партизани на ДАГ Есента, моите родители го замолија попот да ми ги даде двата гулаба што беа во едно гнездо на црковниот ѕид, а тие за возврат да му дадат две кокошки. По неколку денови јас му ги однесов кокошките, а попот од гнездото ги извади двете мали гулапчиња и ми ги даде. Едниот гулаб беше сив, а другиот бел, така им ги дадов и имињата – Сивчо и Белчо. Пред прозорецот од горниот кат им направив мала дрвена кутија во која ги сместив и секој ден ги хранев, а по околу две недели им ја отворив вратата, со нетрпение гледајќи дали ќе одлетаат и дали повторно ќе се вратат назад. По малку време, Сивчо излезе, а веднаш потоа и Белчо, па полетаа кон едно дрво што го имавме во градината. Радоста ми беше бескрајна кога видов дека бргу се вратија во нивната куќичка да се напијат вода… Секој ден летаа сè подалеку... По неколку месеци, кога ги пасев овците на Стрилец, видов како кон мене летаат моите гулаби, но, за жал, многу бргу стигнаа орли од планината Врбица, ги нападнаа и ги однесоа со нив. Многу ме заболе кога видов како орлите ги напаѓаат гулабите и многу бргу си отидов дома за да видам дали тоа беа моите гулаби. Цела вечер чекав да се вратат, но нивната куќичка остана засекогаш празна – и преку ноќта, но и кога се разбудив изутрината видов дека ги нема и тогаш бев сигурен дека моите гулаби станаа жртва на орлите. Тогаш се досели кај нас дедо Наси Манче, татко на мојот татко, зашто тој порано живееше кај своите внуци, но се скарал со една од сопругите на внуците и таа го истерала. Така тој дојде кај нас, носејќи ја со себе и својата неразделна гајда, иако дедо ми тогаш имаше 102 години! Тој беше најдобриот гајдаџија во селото и во околните села. Често ме праќаше со стомна да наполнам вода од изворот наречен Главата, па си плукнуваше на прстот и ми велеше: – Да се вратиш назад додека не се исушила плунката, а јас трчав како налудничав. Тој ми имаше раскажано многу приказни, но по кратко време умре. Кога одев кај Џидрови, бев многу нерасположен, затоа што тетин ми Методи беше в затвор, а Стефо партизан и полицајците се однесуваа многу лошо спрема Џидрови. Нана, пак, тогаш по стоти пат ја повторуваше клетвата кон дедо Стојче што ги донесол маџирите во селото: – А бре Стојче, да се вртиш во гробот зашто ги донесе овие маџири во нашето село… Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН |


























