|
|
| Европа пред тест |
|
Мане Јаковлески Во време кога европската интеграција повторно се претставува како единствениот пат напред, од Брисел доаѓа документ што отвора суштински дилеми – не само за Македонија, туку и за самата Европската Унија. Нон-пејперот инициран од Томас Вајц не е обичен технички документ. Напротив, станува збор за иницијатива со јасна цел – целосно разјаснување на правниот статус на вториот протокол од договорот со Бугарија. Тој е огледало на една подлабока криза: судирот меѓу правото и политиката во процесот на проширување. Во неговата суштина стои прашањето кое долго време се избегнуваше – дали протоколот претставува обврзувачки дел од преговарачката рамка со Унијата или е само билатерален инструмент без директно правно дејство? Ова не е формалност. Ова е линија што ја одредува рамнотежата меѓу европските принципи и националните интереси. Документот јасно предупредува дека доколку протоколот содржи идентитетско-политички услови – како толкување на историјата, јазикот или образовните содржини – тогаш тоа може да биде во судир со темелните вредности на Унијата. Членовите 2 и 49 од Европската Унија не се само правни формулации; тие се гаранција за заштита на човековите права и почитување на националниот идентитет. Но токму тука Македонија се соочува со нешто што ретко се гледа во европската практика. Како што нагласува Вајц, ниту една друга земја-кандидат не била изложена на ваков степен на идентитетско-политички условувања од страна на земја-членка. Ова го отвора прашањето за еднаков третман во процесот на проширување и го става под знак прашалник кредибилитетот на европската политика. Нон-пејперот предупредува и на нешто уште поважно: опасноста од создавање трајна асиметрија на моќ. Со сегашната поставеност, протоколот ѝ овозможува на Софија во секој момент да го користи како инструмент за блокада, без јасни временски или правни ограничувања. Тоа значи дека процесот на пристапување може да се претвори во бесконечна политичка преговарачка игра, наместо во предвидлив правен пат. Во тој контекст, иницијативата на Вајц добива дополнителна тежина. Таа е поврзана со амандман во извештајот за Македонија и има за цел да обезбеди поширока поддршка во Комитетот за надворешна политика (AFET). Како можни решенија се наведуваат две опции – барање правно мислење од Советот на ЕУ или усвојување резолуција од Европскиот парламент што ќе го отвори прашањето на институционално ниво. Истовремено, реакциите од Софија не оставаат простор за илузии. Активностите на Илијана Јотова и најавената дипломатска офанзива во Брисел покажуваат дека ова прашање нема да остане во рамките на правната дебата. Тоа ќе биде политичка битка со сериозни последици. Затоа, ова не е само момент за дипломатска внимателност, туку и за јасна стратегија. Македонија мора да инсистира на принципите, не на импровизациите. Европската интеграција не смее да се гради врз правна несигурност и политички компромиси што го доведуваат во прашање националниот идентитет. На крајот, прашањето не е дали Македонија ќе влезе во Европската Унија. Прашањето е – каква Европа ќе ја пречека. Европа на вредности и право, или Европа на условувања и преседани.
|















