|
||||
| Марија Воденска: ВРАЌАЊЕ НАЗАД |
|
Со недоверба во очите и сомнеж во срцето, чувствата се испретумбаа заедно со радоста, тагата и спомените. Вџашена од ненадејната вест, Сава рипна збунета, застана насреде одајата со распрегнати нозе и размавтани раце, дали шепотеше или викаше, и самата не знаеше, ама во тој момент и' рече на снаата, веднаш да и' ги спакува новите алишта, на синот да го подготви автокинот(автомобилот), на мажот да го облече најновиот костум, а таа самата почна да ги фрла домашните алишта од снагата... Не дај Боже, жената како да се шекна, и' штукна мозокот, си рекоа домашните, а внуците гласно се смееја. Таа зборуваше несврзано, претураше и самата во шифоњерите, бркаше низ фиоките и целата задишана се сврте кон мажот и му рече: Вани, пасошите, Вани каде се пасошите? Ах, јас знаев оти ќе притребаат, ајде Вани, тргнуваме! Ете имало Господ, рече Сава и се прекрсти откако тргна белиот „Фиат“. Имало Господ, повторуваше таа, иако има поминато многу години, откако мисли дека со едната нога веќе е во гробот. Сега променета знаеше, со двете нозе се враќа назад, откаде пред триесет и осум години замина, оставајќи ја пепелта запретана со жарот што можеби се' уште тлее... Сонцето го мереше патот до заодот. Уште едно мигнување и ќе се спушти зад ридот, зад кој често Сава го губеше погледот, оти мислеше дека во тој правец остана нивното село, во кое таа не престана да талка со мислите, а сега, со Господ напред, ако е речено... Нешто силно ја штрекна во градите, се сепна. А ако не не' пуштат? Ако на границата не' сопрат? Ако е само лага телефонското јавување од Скопје? Ако е некоја грешка? Во главата и' зовре како да е под нагорен вршник, грлото ја стегна, и' остана суво, повеќе не преговори. Во нејзината визија селото беше исто, од кое ја понесе последната слика, откако ги испрати децата во Југословенските домови. Потоа и таа, пред да преврти годината, ја мина границата, а Вани остана на Кајмакчалан со партизаните. Минуваа многу ноќи, многу денови, години минуваа, Сава и Вани си ги прбраа децата од домовите, а последното се роди на денот на свети Аон во селото Три Чешми. Го крстија Донче, а децата со сет глас го викаа Донче- Македонче. Во почетокот, кога ноќите им беа долги од чекање на децата, уморните снаги ги крепеа со надежта дека децата се живи. А кога децата им се вратија од домовите, мислите им летнуваа во родното гнездо, во младоста, кај сестрите и браќата што останаа во селото. Често се будеше во ноќта кога Сава не можеше да се утеши за татко и' што беше осуден и стрелан од монархофашистите во Бер, на денот кога таа ја помина границата за Југославија. Сега патуваше назад, кон местото на спомените, кон незакоравените рани што останаа да печат, кон родната грутка изорана и расфрлена на сите страни, за навек расеана. Патуваше кон пепелта, во која срцето не може да си го збере од возбуда, при помислата, дали ќе насети искра запретана , дали топлината ќе ја почувствува кога ќе се осмели да стапне пред портата на куќата што сами ја изградија и што и' кажуваа дојденци дека се' уште стои... Автомобилот се лизга низ автопатот кон Гевгелија. Велигден е, втор ден. Убав ден! Сонцето на заоѓање буди спомени. Сава со мислите е веќе на сретсело, ги полни ѓумовите со студена вода. На враќање поминува покрај татковата куќа во која е родена. Пред портата на триножни столчиња наседнале селаните променети како за Велигден. Мажите облечени по европејски, штофени панталони со широки пачевици и бели копринени кошули со низок околувратник и згора штофени елеци со постава, со изл'скани чевли, а постарите со ќилибарни броеници во рацете. Момите и жените со фустани од стофа, копринени прегачи и киниjна околу одгрлените екал'ци, на главата со орешкави парланти и на нив закачена китка од малока или каранфил. Сите се вратени од црквата Света Петка и со вапцани јајца се тупкаат, се надвикуваат. Наоколу растрчани деца, врева се крева и на секаде е весело. Свирачите и тапанџиите се на здивнување, а гајдаџијата го превзема орото. Млади расни момчиња и моми го играат „Пајдушкино“ и мислиш не стапнуваат на земја...Велигден е, убав ден! Сава му го подава помалото ѓумче со пресна вода на татко си, редум се подава ѓумчето, се квасат жедните грла. Тука е и свекорот кој знаеше да и' рече: Невесто, сукни некое зелниче за вечера, со сватот порано ќе се прибериме од џумбушот, притоа бришејќи си ги мустаките од пресната вода и насмевнувајќи се со намиг кон сватот. Така остануваат до доцна, а Сава раскрупнета од раѓањето, чиниш земјата под неја одекнува од чекорите и'. „фиатот“ се лизга, сите молчат. На Вани му се откина длабока воздишка, искорната од утробата и како со чужди глас проговори: Колку е далеку границата!? Откако никој не му го зеде зборот, Вани додаде: Саво, кажи нешто барем ти... Сава, со мислите и спомените во себе,беше загледана во последниот пурпурен одблесок од скриеното сонце зад сртот. Затрепка со застаклените очи што сега гледаа, не што е пред неа, ами таму “ДОЛУ“...Ги гледа сестрите и браќата и селото со куќите полни и напуштени, ги гледаше и двете цркви и училиштето и полето и гробовите на татковците, чии деца немаат запалено ниту една свејќа. Ја има како на слика реката Белица белоушка сребрена како гргори, а во неа децата ги капат прочуените цаконски бакарки. Магливо се присетува на училишната клупа со јасна слика за другарка и ' Неда, со која заедно го завршија екти (шести) клас. Се присети и за ветувањето кога се разделија. Спомените навреа за првите љубовни копнежи со човекот, со кого еве, за голем к'смет веќе педесет години се заедно, изродија деца и сега е тука крај неа, со не помала возбуда како во младоста, кој и сега ја држи за раката и самиот несвесен колку многу ја стиска. Така запиперени со сите магии и отрови, мерудии и љутеници го тркалаа животот низ сите процепи. Се спровираа низ мразни тунели, ги грицкаа ноктите наместо вечера, а кога низ душите ќе им зафучеше ветрот на тагата, папсуваа од лелеци и копнежи, и ќе смогнеа сили пак да се приберат во својот кожурец, да ги издигнат децата што ги зеле на врат. Го гмечеа животот, го цедеа низ решето и низ сито. Кога копнежите отапеа за враќање назад, ги беа спуштиле завесите пред очи, оти таков одблесок со времето почна да им пречи во очите згаснати од силни пориви. Ама не било така! Тие копнееја, самошто копнежите почнаа еден од друг да си ги кријат...И не посакуваа којзнае што, туку враќање само заради видување. Живеачката тука со времето им се смили. Тука им се измажија и исженија децата, домаќини се сторија, внуци им се изродија. А еве, и тие на стари години како да се подмладуваат, и не дај Боже, повторно каменот да се подмести....И пак само мислата и спомените се враќаат и роват. Од градите возбудата се наткрева, Вани и Сава за рака се држат, тука во автомобилот на задното седиште. Се стемнува! ГРАНИЦА! Југословенска, па Грчка. Меѓуграничниот премин одѕвонува во просторот. Може да помине само Сава Саракинлиева Делова, а во листот за виза таа беше Елисавета Саракинлис Делиос. За Ване заверката за пасошот е поминат. Заверката и за синот Доне е поминат... Ами сега што да се прави? Време ни за размислување нема, а камоли за друго!? Вани и Сава си ги разделија алиштата што ги имаа заеднички понесено, се прегрнаа тука старечки со растрепереи усни и замрен глас, а по лицето и на двајцата им забраздија бликнатите солзи. Можноста да се помине грчката граница без визииран пасош пак беше судбински предодредена. Ова беше прва можност за Егејците родени таму. Сава чекореше напред, во моментот се враќаше назад. Вани остана со дождот во очите и пораките: „Чувај се Саво! Така е пишано, ќе те чекам да се вратиш, биди жива и здрава, таков ни е к'сметот. Никогаш заедно да не ја минеме границата“. Сава продолжи сама. Уште еднаш го сврте погледот на назад, ги виде размафтаните раце за поздрав и ги чу разнижаните зборови на Вани: Поздрави ги сите и во Цакони и во С'ботско, а да одиш и при сестра ми Неша во Костурни, да одиш и до Воден ...и да си дојдиш, Саво-о!“ Ова е за првпат Грција да допушти Егејците да можат да ја поминат границата за Грција, со рок за престој од пет дена за Велигден, а во пресрет за вториот избор на Андреа Папандреу за претседател на Грција. На грчката граница „прс и плева“, игла нема кај да пуштиш. За половина час и граничниот премин ќе го затворат. Ами ако не успее да помине, за каде ќе е? Ни за напред ни за назад. Во рацете го стискаше пасошот и во него листот за грчка виза, а во душата и' се пресели стравот за неизвесноста. Во мигот мислата и светна! Почна упорно да се пробива низ толпата луѓе. Некои негодуваа, други ја пропуштаа , ја опоменуваа да не ги налути цариниците оти никогаш нема да помине. Сава им повторуваше оти сака нешто да праша. И праша, ама на грчки јазик. Цариникот ја ислуша кратката приказна за големата желба на Сава, да си ги види своите. Цариникот и' го зеде пасошот и ја праша од каде е, каде оди и при кого оди? Сава како од пушка одговараше на секое прашање: „Его име Елисавет, име а по тин Хриса, та пао стин аделфос ќе аделфис...(“Јас сум Сава од Цакони, ќе одам при братот и сестрите). Цариникот отиде во една друга просторија и по извесно време се врати со пасошот и потврда со која можеше Сава да помине. Цариникот љубезно и' рече: „Кало дромо, ќе кало перасе! ( Добар пат и добар помин), подавајќи и' го пасошот. Сава му заблагодари и се збогува, пробивајќи се меѓу народот да излезе надвор. Се прекрсти и во себе си рече: Како Господ никој не е! И со Господ напред... самошто не си дорече, во тој момент ги здогледа Нуновите од Градско. Ноќта одамна се беше напластила и стануваше погуста. Во селото ШТАМА! Стигнаа некаде пред полноќ. Брмчењето на „Москвичот“ ја наруши ноќната тишина. Од некаде се огласи лаеж на кучиња. Ноќта свежа и миризлива со ѕвездено небо и полната месечина беа единствените сведоци на ова враќање во селото. Белица скокотливо гргори под новиот мост на С'ботско, а Цакони е веќе споено со градот. Нунот Вани прв зачекори над Земјата. По него излезе нуната Цана и другите. Беа петмина. Чудно чувство- земјата како да не ги држи. Сава поревајќи се одвај се додржува. „Кумбаро“, Нунот Вани тивко и со шепот и' се обрати на Сава: „Почекајте тука, јас ќе тропнам на првата порта, овие се сигурно некои од нашите“. МИГ, чиниш ВЕЧНОСТ! По тропнувањето на портата се виде светло на горниот кат од куќата. Се чу глас: „Пјос ине?“ (Кој е?) Нунот Вани му одговори на македонски и му кажа кои се. За миг целата куќа блесна во светлина. Штамата распукна како калинка во мракот. Се чуја повици, џагор, мешање на говорот. Човекот што излезе да ја отвори портата не си веруваше на своите очи, па извикна: „Цаконци сте, леле Боже, цаконци се вратија во селото, станувајте луѓе, цаконци ни дојдоа од Југославија...“ Потоа се испомешаа прегратките заедно со солзите. Трајо домаќинот ги канеше да влезат дома му, а гостите беа нестрпливи, ги бараа и сакаа што побргу да си ги видат сестрите и браќата. Трајо се растрча по селото, ја прогласи веста за дојденците. Селото Цакони таа ноќ се запали од светлина. Сите беа на нога. Во тоа време пристигнаа во родното село Костадин и Марика Маркови од Кавадарци. Прегратки долги, цврсти прегратки се нижеа. Јани, Митра, Мијка, Неда, Јана, сите се тука, мислиш повторно татко им го стрелаат, а тиа го оплакуваат како да е сега заедно со Кака им Сава. Сава занеме. Зошто јазикот и' се заврза? Зошто нема ни говор ни глас, а замреното липање предизвикува бура? Бура, која, којзнае дали ќе се стиши? Зората напукна во Цакони како тресната лубеница на белутракот во Белица. Зажарена, сочна, слатка од која се цеди алов сок налик на гроздова шира. ВЕЛИГДЕН Е! Трети ден. Во секоја куќа, домаќиниите пречекуваат гости со црвени јајца вапцани во кромидови лушпи. Сонцето го пречекаа без да мигнат. Сава, со она што остана во неа, навали да одат на гробиштата. Коските на татко и' и на шестмината стрелани во Бер, беа пренесени во Цакони. Коските на татко и' беа погребани до неговата прва љубов и невеста Софија Торбешова. Сава им беше првото чедо. А Софија беше почината кога Сава имала само четири години. Сава кротко клекна од страната на крстот врз кој имињата беа напишани на грчки јазик, а не како некогаш... И така самата нема како гробот, со растреперени дланки ги запали свеќите, ги кладе на двете страни, а другите ги запали и ги остави во камарката да догорат. Со зарипнат глас тивко, тивко пригушено заплака. Овде ја оставаше својата тежина. Онаа што можеше да се каже и онаа што ја стискаше во градите да не се излее од грлото. Со молежлив глас го редеше татко и'. Го молеше да и' прости што дури сега и' се даде можност свеќа да му запали... Тука Сава го оставаше сиот чемер, сета болка, сите тајни преговори за делото и борбата во ЕЛАС и за изиграната Револуција во Граѓанската војна во Грција, чија жртва, со плејада Македонци е и тој. нејзиниот татко, Ѓорги-Гуши, син на Јованче од Саракиново, по потекло солунчанец. Сега, овде на ова место до гробот на татко си и мајката која не ја узна со милоста, си ги редеше и не се обидоа сестрите да ја отргнат од тука, ничкум навалена врз гробот на татко си. Нејзиниот грижлив татко, кој со голема љубов ја милуваше Савка. Сите што беа околу Сава, ја оставија да се исплаче, да и' олесни на душата. Во четвртокот , во С'ботско е пазарен ден. Овој пазарен ден наликуваше на панаѓур, се славеше доаѓањето на првите цаконци во селото. Славењето продолжи цела ноќ па се до првите мугри, кога цаконци ги испратија своите цаконци до Југословенската граница до определениот рок за враќање во Македонија. Сава уште многу долго време остана зашеметена, со гласот замрен во грлото и со зборовите: „Се' ми е како сон“... Марија Воденска Штип, Велигден 1985 година |
































