|
||||
| Селективната тишина за Македонија и денешните „лекции“ за меѓународното право |
|
Кога денес се зборува за почитување на меѓународното право, најголемата закана не е неговото прекршување од страна на силните, туку селективната и лицемерна примена од оние кои се претставуваат како негови чувари. Македонија тоа го научи на најтежок можен начин. Лицемерието на дел од меѓународната заедница кон Македонија не започна во 2008 или 2011 година. Неговите корени се уште во 1993 година, со начинот на кој македонската држава беше примена во Обединетите Нации. 1993 година Македонија не беше примена во ОН под своето уставно име, туку под наметната привремена референца – „поранешна југословенска република Македонија“. Тоа беше тежок преседан: држава која ги исполнува сите услови за членство беше лишена од основното право на самоименување, спротивно на принципот на суверена еднаквост утврден во Повелбата на ОН. Тогаш меѓународното право не заштити, туку се повлече пред политички притисок на една земја членка, дозволувајќи националниот интерес на посилниот да стане поважен од универзалните норми. Само неколку години подоцна, под силен надворешен притисок, Македонија беше принудена да го смени државното знаме – еден од највисоките симболи на државниот идентитет. Таа одлука не беше плод на внатрешна демократска расправа, туку резултат на економски блокади, политички уцени и закани. Повторно, немаше реакција, осуда или принципиелна одбрана на суверенитетот. Молкот стана правило. Притисоците не застанаа на името и симболите. Македонија беше ставена во позиција да прави интервенции и во својот Устав, со цел да се „смири“ надворешен актер и да се одржи минимална меѓународна стабилност. Со тоа беше нарушен еден од темелните принципи на меѓународното право – дека уставниот поредок е исклучива внатрешна надлежност на суверената држава. И овојпат, без јасна осуда, без одбрана на принципите. 2008–2011: Кулминација на двојните стандарди: ветото за членство во НАТО во 2008 година и игнорирањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во 2011 година претставуваа кулминација на веќе воспоставената практика: Македонија може да биде исклучок од правилата. И покрај тоа што МСП јасно утврди дека е прекршено меѓународното право, голем дел од европските држави и лидери кои денес говорат за „поредок заснован на правила“, тогаш избраа да молчат и да се прават дека пресудата не постои. Така беше испратена јасна порака, меѓународното право важи само кога е поддржано од политичката волја на моќните. Со ова триесетгодишно молчење, тие држави го создадоа преседанот на селективна примена на меѓународните обврски. Затоа, оние кои дозволија присилен влез во ОН без име, кои молчеа при промена на знамето и уставот, и кои ја игнорираа пресудата на МСП во 2011 година, денес немаат ниту морален, ниту политички легитимитет да ѝ држат лекции на Македонија за принципиелност и меѓународно право. По три децении притисоци, условувања и игнорирање на меѓународните норми, денешната позиција на Македонија, јасно и навремено изразена од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, не е чин на конфронтација, туку резултат на политичка зрелост. Затоа ставот на Македонија во однос на случајот со апсењето на Николас Мадуро и поддршката за САД е логичен и државнички, а не идеолошки. Поддршката за САД произлегува од трезвена стратешка проценка: -САД се клучен стратешки, безбедносен и политички партнер на Македонија, особено во рамките на НАТО и регионалната стабилност; -Меѓународниот поредок одамна не функционира како апсолутна правна рамка, туку како систем во кој интересите, моќта и сојузништвата играат суштинска улога; -Македонија веќе плати висока цена за верување во „чиста“ правна логика без реална политичка поддршка. Во свет во кој правото се применува селективно, малите држави немаат луксуз на морализам без заштита. Тие мора да градат јасни сојузништва и да ги штитат сопствените интереси. Македонија има историско право денес да биде јасна, суверена и доследна на сопственото искуство – особено кон оние кои молчеа кога таа беше жртва на двојни стандарди, а денес се обидуваат да држат лекции за меѓународно право.
|






















