|
||||
Костадин Молеров |
Костадин Молеров (Банско, 18. XI. 1876 – Софија, 24. X. 1957) е собирач на македонско народно творештво, поет и револуционер. Како деец на Македонската револуционерна организација учествува во аферата Мис Стон, го организира пренесувањето на оружјето за Серскиот револуционерен округ и учествува во Илинденското востание. Автор е на некои песни од стихозбирката „Жална ми бабо, послушај“, објавена со брат му Димитар. Со него развиле богата собирачка дејност и заедно објавуваат „Народописни материјали од Разлошко“. Костадин Георгиев Молеров е роден на 18 ноември 1876 година во Банско, Пиринска Македонија, во познато семејство. Син е на Георги Молеров и внук на Симеон Димитров Молеров, познати живописци од големиот род на Молерови. Костадин се школува во Серез и во Солунската гимназија, која ја завршил во 1896 година. Истата година станал и член на Македонската револуционерна организација и директно се вклучил во борбите за слободна Македонија. По завршувањето на гимназијата, учителствува во Лом и во Банско. Во учебната 1897/1898 година, тој учителствува во родното место, каде развива револуционерна дејност. Особено овие активности се зголемуваат по формирањето на Револуционерниот комитет во Банско, во 1897 година. Костадин Молеров како секретар на Револуционерниот комитет го организирал пренесувањето на оружјето за Серскиот револуционерен округ. Во 1889 година бил уапсен од турските власти и затворен во Куршумли ан во Скопје. По ослободувањето во 1900 година, Костадин се враќа во Банско, каде повторно застанува на чело на револуционерниот комитет и ја продолжува својата револуционерна активност. Во текот на 1901 година учествува во аферата „Мис Стон“, а во 1902 година, прогонет од властите се префрла во Бугарија, каде го предводи пунктот на Македонската револуционерна организација во Лаџане (денешен Велинград). Во текот на Илинденското востание 1903 година, Костадин Молеров предводи чета во Разлошко. Тој е член на Разлошкото реонско раководство заедно со Димитар Лазаров Тодев и Антон Шипков. По угушувањето на востанието, Костадин повторно се префрла во Бугарија, каде ја започнува својата литературна дејност. Познат е уште како Кочо Молеров или Суодолски. Под псевдонимот К. Суодолски му помага на братот Димитар Молеров во уредувањето на литературно списание „Ајдучка ливада“, кое периодично излегува во текот 1903 година во Софија. Во него се објавувааат раскази и поеми од животот на македонските револуционери, како и сторијата „По грабнувањето на Мис Стон“ од Димитар Молеров. Во текот на 1904 година Костадин Молеров се враќа на чело на четата, но потоа се повлекува од револуционерната дејност и заминува на студии во Швајцарија. Во 1908 гоздина завршува социологија во Лозана, по што се враќа во Бугарија и предава во Враца, Дупница и Сливен. Во 1912 година Костадин учествува во Првата балканска војна како војвода на партизанска чета на Македонско-одринското ополчение. Учествува во ослободувањето на Разлог, а по Првата Светска Војна се враќа во Банско каде работи како директор на месното училиште. Мошне значаен историски и литературен документ, претставува „Ајдучкиот дневник“ на Кочо Молеров. Во него, покрај настаните, тој ги опишувал страдањата, несреќата, самотијата, стравовите и надежта на учесниците во борбата за слобода на Македонија. Кочо Молеров е автор на некои песни од стихозбирката „Жална ми бабо, послушај“, објавена со брат му Димитар, со кого развиле богата собирачка дејност. Тие собираат народни песни, гатанки, поговорки, приказни и друг фолклорен материјал, кои ги обработуваат, споредуваат, го класифицираат и публикуваат. Во 1933 година Кочо Молеров публикува материјали за родното село во списанието за наука, литература и општествен живот „Македонски преглед“ кој го издава Македонскиот научен институт во Софија. Во 1954 година двајцата браќа издаваат зборник „Народописни материјали од Разлошко“ во кој е дадена историјата на Банско, опис на Разлошкиот говор и биографии на одредени личности. Меѓутоа, во творештвото на двјцата браќа, во преден план од секогаш била татковината и борбата за нејзино ослободување. Костадин (Кочо) Молеров умира на 24 октомври 1957 година во Софија. Тихомир Каранфилов |