|
||||
Зоран Тодоровски |
Зоран Тодоровски (Скопје, 3. III. 1950 – 5. III. 2015) е македонски историчар чиј фокус бил насочен кон изучување на поновата македонска историја, особено кон настани и личности, кои припаѓаат на Македонското револуционерно движење од првата половина на XX век. Тој е автор на бројни научни трудови. Подготвил повеќе монографии, како и извори за историските личности како што се: Крсте Мисирков, Тодор Александров, браќата Владимир и Владислав (Славчо) Ковачев, потоа Петар Шанданов, Тодор Поп Антов и др. Зоран Тодоровски е роден на 3 март 1950 година во Скопје. Во родното место завршува основно и средно образование, а потоа студира на Филозофскиот факултет во Скопје, каде дипломира на Групата за историја со историја на уметноста во 1972 година. По завршувањето на студиите, од 1975 до 1989 година, работи како советник за заштита на спомениците на културата и музејска дејност во тогашниот Републички комитет за култура, а во периодот 1989–1990 година бил советник на министерот за култура. Во меѓувреме, во 1989 година, магистрирал на Групата за историја на македонскиот народ во XIX и XX век на тема „Дејствувањето на Автономистичката ВМРО 1918–1924“. Од 1990 до 1996 година, Зоран Тодоровски работи како асистент во Одделението за историја на македонскиот народ (1913 –1941) на Институтот за национална историја (ИНИ). Во 1995 година докторирал на тема „Внатрешната македонска револуционерна организација 1924 – 1934“, по што бил назначен за научен соработник од 1996 година. Во 2000 година станува виш научен соработник, а од 2003 година тој е и научен советник во Одделението за историја на македонскиот народ (1913 –1941) во ИНИ. Професор е по предметот “Историја на Македонија (1913–1941)“. Во текот на својот живот Зоран Тодоровски бил именуван и за директор на Државниот архив на Република Македонија и раководи со него дванаесет години во периодот од 1999 до 2002 година и од 2006 до 2015 година. Тој се залагаше за унапредување на работата во Државниот архив, за развој на издавачката дејност на Архивот, за архивските истражувања во странство, за меѓународната соработка и сл. Во овој период тој бил и претседател на Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“ (2000 - 2002). Фокусот на научниот интерес на професор Зоран Тодоровски бил насочен кон изучување на поновата македонска историја, особено кон настани и личности, кои припаѓаат на Македонското револуционерно движење од првата половина на XX век. Тој е автор на бројни научни трудови, од кои дваесет книги и зборници на документи (монографии, научни статии и реферати). Значајни се неговите трудови посветени на ВМРО 1918 - 1924 – 1934 и на македонското прашање во бугарскиот парламент, а подготвил и повеќе монографии, како и избори за историските личности како што се: Крсте Мисирков, Тодор Александров, браќата Владимир и Владислав (Славчо) Ковачев, потоа Петар Шанданов, Тодор Поп Антов и др. Во своите трудови Зоран Тодорвски се осврнува на недоволно истражени личности и настани поврзани со постоењето и активностите на повеќе македонски револуционерни организации: ВМРО, ВМРО (об), МЕФО, Илинденската организација, ММТРО, МПО, како и други прашања од македонската историографија. Сите негови истражувања се базираат на нови документи, со богати историски факти, анализи, кои имаат посебна важност за осветлување на македонската историја. Со своите трудови Тодоровски учествувал и во над 30 меѓународни конференции. Во соработка со Главната управа на архивите на Бугарија, Тодоровски го издава дневникот на Крсте Мисирков, а исто така и зборникот со документи на Тодор Александров. Во своите трудови тој се застапува Тодор Александров и Иван Михајлов да го завземат своето вистинско место во македонската историја, за која говореше дека била делумно селективна и еднонасочна. Односно, дека во претходниот период поголемо внимание им било посветено на комунистичките и левите струи, додека неоправдано и ненаучно биле запоставувани десните струи на истото движење. Тодоровски беше еден од најпознатите критички настроени историчари кој за својата дејност ќе изјави: „За мене објективноста е најважна или како што рекол Тодор Александров: Вистината е поголема од светлината, но ја гледа само оној кој може и сака да ја види“. Зоран Тодоровски умира на 5 март 2015 година во Скопје. |