|
||||
Станко Караман |
Станко Караман (1889 – 1959) е македонски природонаучник, основач на Природонаучниот музеј, на Зоолошката градина и на Скопскиот парк. Работи на ихтиофауната во земјата и ја објавил својата студија Pisces Macedoniae. Објавил повеќе од стотина научни трудови во кои ја обработува класификацијата на рибите, птиците, влекачите и многу групи од раковидните организми. Најголемиот број од новоопишаните видови и подвидови го носат името на Македонија, реката Вардар и големите планински масиви во Македонија. Опишал повеќе од 60 видови и подвидови. Основач е и на музејските списанија „Acta“ и „Fragmenta balkanica“. Станко Караман е роден на 8 декември 1889 година во Сараево (тогашна Австро-Унгарија), во семјството на Анка Миладинов и Лука Караман. Неговиот татко кој бил биолог и директор на гимназијата, му ја всадува љубовта кон природата. По завршувањето на гимназијата во 1912, тој го продолжува своето образование на Природословниот факултет, група биологија во Загреб, а потоа и во Неапол. Во текот на Првата светска војна тој ги прекинува студиите, за да потоа да дипломира на Универзитетот во Загреб. Веднаш потоа работи на својата докторска дисертација за филогенезата (развојот) на крапот (Cyprinidae), кој припаѓа на најголемата фамилија на слатководни риби. Во 1921 година, Станко Караман се стекнува со титулата доктор по филозофија и работи како асистент за наука на факултетот во Загреб. Тој ги проучува групите водоземци, влекачи и риби, а во 1921/1922 година на научната јавност и` се претставува со три труда од овие области. Проучувајќи ги трудовите на тогашните водечки научници за балканската фауна, него го привлекува истражувањето на специјалната истражувачка комисија „Комисија за македонско земјосознание (Mazedonishe Landeskundliche Kommission), во рамките на Генаралштабот на германската армија за време на Првата Светска војна, со која раководи познатиот истражувач на природата д-р Франц Дофлајн. Во 1921 година, д-р Дофлајн ги публикува резултатите на истражувачката работа во монографијата „Mazedonien“ која го зголемува интересот на д-р Станко Караман за природното богатство на Македонија. Во 1922 година, д-р Станко Караман за првпат ја посетува Македонија, по што ќе излезе неговиот труд „Прилог кон херпетологијата на Македонија“, во кој за првпат ситематски ќе обработи 19 видови водоземци и влекачи, меѓу кои и еден подвид. Наредната 1923 година, д-р Караман повторно доаѓа во Македонија, но овој пат на покана на тогашното Хигиенско одделение при Министерството за народно здравје. Тој останал 6 месеци и ги истражувал истечните води, езерата, мучуриштата и оризиштата во Македонија, односно ендемичните реони во кои комарците ја пренесуваат маларијата. Исто така, тој собира податоци за болеста и болните по маларичните станици, по што наредната 1924 година излегува со својот труд „Анофелитна Македонија и нивното сузбивање“. Во него наведува 5 наместо дотогашните 3 вида маларични комарци и ќе наведе мерки за нивно сузбивање. Односно уништување на ларвите на маларичните комарци со внесување на мали риби, Rhodeus Paraphoxinus во водите каде што ги нема, со што прави прв обид на рационален биолошки, еколошки и економски пристап во борбата на човекот со штетните инсекти.
Како страствен колекционер и проучувач на животинскиот свет во Македонија, д-р Станко Караман е основач на Природонаучниот музеј, на Зоолошката градина и Скопскиот парк. Во есента 1926 година донесен е закон за основање на Зоолошки музеј во Скопје, кој подоцна ќе прерасне во Природонаучен музеј. Во истата година, од страна на тричлена комисија со која раководи д-р Станко Караман, на денешната локација била формирана Зоолошката градина во Скопје, која располагала со скромен број животни кои претежно биле добиени како подарок. Природонаучниот музеј на Македонија (Зоолошкиот музеј) го започнува својот живот во павиљон во сегашниот градски парк, а потоа се сели во потрага по подобри услови за работа. Д-р Караман бил на чело на оваа институција се` до почетокот на Втората Светска Војна. Тој е единстениот научен работник, кој работи заедно со еден препаратор и едно техничко лице. Сам колекционирал материјали, ги обработувал или ги праќал на обработка на познати и признати стручњаци од цела Европа, со кои е во постојана коресподенција. Набргу по формирањето на Музејот, д-р Караман се сели во зграда во Дебар Маало. Потоа во 1934 година повторно го преселува во градскиот парк, во зградата на кафеаната „Кермес“, а во 1939 година, поради недостаток на простор, Музејот повторно се сели во поголема зграда на бул. „Илинден“ каде имале соодветни услови за интензивирање на музејската дејност, особено на колекционерската и научноистражувачката активност. Д-р Станко Караман објавил повеќе научни трудови во кои обработува класификација на рибите, птиците, влекачите и многу групи од раковидните организми. Најголемиот број од новоопишаните видови и подвидови го носат името на Македонија, реката Вардар и големите планински масиви во Македонија. Опишал повеќе од 60 видови и подвидови. Истовремено, пак, тој добива на обработка материјали од Европа, од Северна Африка. Во овој период тој учествува и научноистражувачката дејност на подземната фауна во пештерите на Македонија. Разултатите од истражувањата д-р Караман ги објавува во научното списание „Гласник на Скопското научно друштво“, чиј уредник е од 1937 до 1941 година. Во 1939 година излегува и музејското списание „Analles“ во чии седум броја се изложени резултатите од научно-истражувачката дејност. Исто така, неговото име се сретнува и во меѓународните списанија. Во периодот, д-р Караман превзема уште една иницијатива. Одземајки дел по дел од неплодната и мочурлива површина, која Вардар постојано ја плавел, на површина од над стотина хектари тој ќе го изгради вториот Градски парк во кој ќе насади автохтона флора. Со почетокот на Втората Светска Војна во 1941 година, Музејот привремено ги запира своите активности, а д-р Станко Караман со семејството ја напушта Македонија. Оди во Србија и живее во Крагуевац и Смедерево. По војната прво работи во Биолошкиот институт во Дубровник, а во Македонија се враќа дури во 1952 година и се вклучува во сите активности на Музејот. Продолжува со истражувањата, а новите биолози ги воведува во светот на науката. Д-р Караман особено се грижи за стручно оспособување на препараторскиот кадар, на кој му го пренесува своето знаење. Подоцна Скопје станува центар од каде ова знаење се пренесува на препараторите од музеите од цела Југославија. Во 1954 година заедно со д-р Петар Икономов го иницираат издавањето на музејските списанија „Acta“ и „Fragmenta balkanica“, во кои се објавуваат резултатите на начно-истражувачката дејност. Во 1957 година, на негово барање бил пензиониран. Но, неговата активност, продолжила се` додека болеста не го спречи. По долготрајно боледување почина на 17 мај 1959 година во Скопје. Еден од најголемите ихтиолози на Балканот остави зад себе над стотина научни трудови и колекционерски материјал кој се чува во депоата или е изложен во Музејот. |