|
||||
Христо Настев |
Христо Настев (Штип, 6. IV. 1876 – Варна, 20. VI. 1962) е македонски револуционер и учител, учесник во македонското револуционерно движење. Во 1898 година завршил педагошко училиште во Скопје. Учителствувал во Виница, Банско (Разлошко), Бунархисар. Како член на МРО, бил претседател на рев. комитет во Виница, на ОК на ТМОРО во Бунархисар (1899–1900), секретар во четата на Т. Давидов во Битолско (1902), учесник на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание како лерински војвода. По востанието бил началник на Ќустендилскиот пункт на ТМОРО. Настев ја опишува смртта на војводата Дине Кљосов во претставата „Како умира македонски четник“. Христо Настев е роден во 1876 година во Штип, Македонија. Од 1895 до 1898 година учи во педагошкото училиште во Скопје, каде станува член на ТМОРО. По завршувањето на педагошкото училиште, учителствувал во Виница и во Банско (Разлошко). Во 1898 година бил назначен за главен учител во Виница и претседател на револуционерниот комитет на Организацијата, кој по Виничката афера во 1897 година речиси не функционирал. Настев набргу ја возобновил мрежата и истата година го организира каналот меѓу Ќустендил и Штип. Меѓутоа, турските власти почнале да се сомневаат во неговите активности. За да не биде уапсен, Настев бега во Ќустендил. Набргу бил испратен за главен учител во одринскиот град Бунархисар. Во периодот 1899 до 1900 година, тој работи на воспоставување на мрежа на Организацијата. По доаѓањето во градот тој го формирал првиот Околиски комитет на ТМОРО во кој влегуваат: Димитар Спиров од Урумбеглија, Костадин Боруџиев и Георги Кехајов од Бунархисар, Димитар Ташев и Иван Котков од Колибите, а самиот бил избран за претседател. Ги обиколувал и околните села (Урумбеглија, Курудере, Јана, Чонгара, Килибите, Пенека) во кои формирал месни комитети. Во овој период бил посетен и од Гоце Делчев и Стојан Лазов. Меѓутоа, во јули 1900 година избувнува т.н. Керемидчиогловата афера. Одринскиот војвода Георги Танев, со подршка на ВМОК, одлучува да го киднапира грчкиот лекар и чифликчија Костаки Керемидчиоглу од Лозенградско. Четата успева да добие откуп од 800 лири, но тоа ќе има тешки последици по Организацијата во Лозенградскиот и Бунархисарскиот реон. Во оваа афера, турските власти само во Бунархисар уапсиле 16 првенци, а другите успеале да пребегаат. Настев кој пребегнал во Бугарија, бил осуден во отсуство на 101 година затвор. По оваа афера, Организацијата две години практично не постои во Бунархисар. Христо Настев за овие настани ќе забележи: „Нека добро се запомни, дека заради тие пари кои се однесоа во Бугарија, се разори цела организација во еден крај од кој можеше да се соберат, ако беше потребно не 800, туку 10.000 лири. За 800 лири се фрлија безмилосно по затворите сите повидни луѓе, од кои некои веќе починаа од тепање...“ Христо Настев се враќа во Македонија во 1902 година. Тој бил назначен за секретар на четата на капетан Тома Давидов, која испратена од Гоце Делчев имаше задача да изврши ревизија на четите во Битолско, Охридско и Демирхисарско. Настев беше со војвода кој на својот пријател Гоце Делчев пред да замине му рече: „Не сум од Македонија, но за нејзината слобода сум подготвен секој момент да си го дадам животот. Ќе одам таму, меѓу братскиот народ да умрам...“ Во март 1903 година, Давидов загина кај с. Оздолени, Охридско, а Христо Настев потоа учествува на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание како војвода на чета во Леринско, која е под раководство Георги Поп Христов. По востанието заминува во Бугарија. На почетокот на 1904 година Христо Настев бил поставен за началник на Ќустендилскиот пункт на ТМОРО. По објавената амнестија на учесниците во востанието, тој се враќа во Штип, но бил уапсен и осуден на 5 години затвор. Затворската казна ја издржува во Скопскиот затвор Куршумли ан, каде останува се` до Младотурската револуција во 1908 година кога е ослободен. По војните се населува во Бугарија. Живее и работи како службеник во Варна. Во јануари 1923 година станува член на Илинденската организација. Во своите спомени се осврнува на борбите во Македонија и Одринско. Настев ја опишува смртта на војводата Дине Кљосов во претставата „Како умира македонски четник“, која за првпат ќе се одигра на 18 февруари 1939 година во „Македонскиот дом“ во Варна. Тоа е настан од 28 септември 1902 година, кога војвода Дине и неговите четници Ване Попов (Неокази), Крсто Торбанов (Сетина) и Најдо (Добровени), по целодневна борба во опколената маала во село Крушоради за да не паднат живи во рацете се самоубиваат. Христо Настев умира на 20 јуни 1962 година во Варна, Бугарија. |