|
||||
Илија Димушев |
Илија Димушев (17.VII 1876 – 27. VII 1934) македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација и член на Битолскиот окружен револуционерен комитет. За својата револуционерна дејност повеќе пати бил осудуван и лежел по турски и грчки затвори. Учесник е во Балканските и Првата светска војна, а во меѓувреме бил кмет на Лерин. Илија Димушев Трпенов е роден на 17 јули 1876 година во Лерин, Егејскиот дел на Македонија, во семејството на големиот лерински чорбаџија Димуш Трпенов. Се образувал во родното место, а потоа учел во Битолската гимназија, каде под влијание на учителите Ѓорче Петров и Пере Тошев, станал член на Македонската револуционерна организација. Пред да ги положи испитите за IV клас, Илија бил исклучен и во 1895 година се вратил во Лерин. Од 1897 до 1900 година, Димушев бил благајник на околискиот комитет на Организацијата и ги помагал активностите на Марко Лерински. Во 1898 година при спор со локалните гркомани за изворот на вода на црквата „Свети Пантелејмон“, Илија Димушев го нападнал грчкиот владика и му ја искубал брадата. Поради овој чин бил осуден на една недела затвор. Илија Димушев работел под раководство на леринскиот началник Георги Поп Христов. По апсењето на Даме Груев за време на Попставревата афера во август 1900 година во Битола, Поп Христов заминал во градот на конзулите, а Димушев бил назначен на негово место. Но, веќе наредната година и тој бил уапсен за време на аферата во Костурско. По Илинденското востание 1903, Димушев се обидува одново да го организира Леринскиот крај, поради што го предизвикал бесот на грчката оружена пропаганда. Грчките андартски чети го нападнале за време на неговата свадба, но, неговите другари навремено реагирале и дошло до воружена престрелка. Младоженецот и неговите другари биле уапсени и осудени на 15 години затвор. Сепак, по интервенција на странските козули тие биле ослободени. По ослободувањето Димушев продолжил со своите активности. Во 1904 година заедно со Даме Груев вршел инспекциска обиколка на Леринско, а потоа се префрлил во Воденско. Во 1905 година, тој бил делегат за Леринско на Битолскиот револуционерен округ, каде бил избран за благајник на окружното тело. Меѓутоа, на 14 август бил уапсен заради најдени негови писма кај уапсениот Пандил Шишков во Ајтос. Димушев уште еднаш бил осуден на 15 години затвор. По Младотурската револуција и амнестијата во 1908 година, Илија Димушев како дел од прогресивните сили се вклучува во организирање на легалниот политички живот во Лерин. Паралелно со политичкиот притисок била поведена акција против странските пропаганди, особено против доминацијата на егзархиската во раководењето со црковнопросветните дела. Но, разединети македонските политички сили не можеле да се спротивстават на притисокот на младотурската реакција. Поради тоа, во овој период бил направен обид да се свика црковно-народен собир во Солун за да се острани Егзархијата од Македонија, дури и да се формира нова политичка партија - Отоманска прогресивна партија. Во 1919 година, Димушев како преставник од Лерин учествувал на Отоманскиот конгрес во Дебар. По објавувањето на Првата балканска војна во есента 1912 година, Илија Димушев се вклучува во одредот на Васил Чакаларов и Иван Попов, кој дејствува во Костурско. По завземањето на Лерин од страна на грчките војски, тој се враќа во градот и бил назначен за градоначалник. Набргу по започнувањето на Втората балканска војна тој е принуден да бега и преку Солун заминал за Сер, кој бил окупиран од бугарската војска. Повторно се приклучил на четите на Васил Чакаларов и Иван Попов и учествувал во нивните дејствија во текот на јуни-јули 1913 година. По поразот од грчките војски кај Екши Су во почетокот на јули 1913 година, успеал да дојде во Лерин, но на 3 август бил заробен од Грците. Илија Димушев бил осуден на смрт од страна на новите грчки власти. Но, по интервенција на гувернерот Нико Загорас, казната му била заменета со доживотен затвор. Во Атинскиот затвор лежел до март 1914 година, кога бил ослободен и емигрирал во Бугарија. Во Првата светска војна тој учествувал како доброволец, а по војната се населил во Бургас. Таму се занимавал со трговија и бил на чело на месното Леринско Друштво и Илинденската организација. Илија Димушев Трпенов починал на 27 јули 1934 година во Бургас. |