|
||||
Илија Манолов Дилберов |
Илија Манолов Дилберов (20 VII 1875 – 29 VIII 1962) е македонски револуционер, војвода на Македонската револуционерна организација. Познат е како Дилбер Илија. Се познавал со Гоце Делчев и учествувал во аферата Мис Стон. Илија Дилберов е роден на 20 јули 1875 година во кукушкото село Гаваланци, Егејскиот дел од Македонија. Се образувал во родното место. На 18 години се сретнал со Гоце Делчев во Софија и влегува во ТМОРО. На 23 години тој е веќе војвода, а Гоце го испратил во Горноџумајско. Во 1898 година, на чело на мала чета води десетчасовна борба кај селото Железница. Наредната 1899 година Дилбер Илија води борба четиринаесет часови меѓу селата Падеж и Габрово. Во оваа борба за да ги привлече поблиску Турците, тој го заиграл тешкото, македонско русалиско оро и пеел песна пред нивните очи, поради што бил лесно ранет. Во 1901 година, заедно со Христо Чернопеев, Крсто Асанов и Јане Сандански учествувал во организирањето и успешното спроведување на аферата Мис Стон. Во моментот кога требало да се добие откупот од 14.500 златни турски лири од американскиот конзул, Дилбер Илија открил дека Турците планираат да ги убијат и да ги земат парите. За да го одвлечат вниманието на Турците, откако ги зеле парите бил исцениран пожар во Тодевиот ан, а комитите се повлекле во темнината кон Пирин Планина, каде снегот бил до појас. Во 1902 година, Дилбер Илија е во четата на Христо Чернопеев, која дејствува во Струмичко, а потоа во родниот крај учествувал во подготовките за Илинденското востание. Во пролетта 1903 година, по наредба на Гоце Делчев тој заминал во Кукушко. На почетокот на востанието, под раководство на Дилбер Илија, Милан Делчев, Гоне Трајков и Стојко Немански, востаниците успешно се борат со турската војска и башибозукот кај Долни Тодорак. По дванаесет часовна борба тие се повлекуваат кон селото Грамадна, но биле следени и опколени во Гаваланскиот Дол. Иако биле опколени од 12.000 војска, востаниците по петнаесет дена успеале да го пробијат обрачот и да се повлечат кон селото Шљопинци, а потоа да го преминат Вардар и да се поврзат со обединетите чети под водство на Аргир Манасиев. Потоа околу 500 востаници се упатиле кон планината Кожуф, каде се одвојуваат четите на Ичко Димитров, Иванчо Карасулијата и Григор Тотев, а Дилбер Илија и Манасиев продолжуваат за селото Хума. Илија зел учество во судењето на убиецот на Крсто Асенов. Во есента 1903 година четите на Дилбер Илија, Аргир Манасиев и Андон Ќосето воделе борба кај Љубничка Чука. Дилберов, Ќосето, Тодор Чочков – Серменински и Гоно Дилимано со бомбашки противнапад го одбиле противникот. По неуспехот на востанието Дилбер Илија како војвода на самостојна чета дејствува во Гевгелиско. Во пролетта 1904 година, четата на Илија паднала во гркоманска заседа кај селото Бајалци. Успеале да се спасат само Дељо Калчев и Дилбер Илија, кој потоа формирал нова чета со која во текот на 1904 и 1905 година води неколку борби. Меѓу нив е борбата кај селото Стојаково коа траела 13 часа. Во 1908 година, по Маладотурската револуција Дилбер Илија се легализирал. Но, во пролетта 1909 година, верувајќи на прокламираниот слоган „Слобода, братство, еднаквост“, тој повторно го зел оружјето и бил дел од 1200 македонски револуционери кои предводени од Јане Сандански, Христо Чернопеев и Тодор Паница, на повик на Младотурците учествувале во походот на Цариград, за да го спречат султанот Абдул Хамид II да ја преземе власта. Меѓутоа, по разочарувањето од Младотурците, Дилбер Илија повторно формирал чета од 25 луѓе со која дејствува се до Првата балканска војна во 1912 година. Во текот на Првата балканска војска, во склоп на македонско-одринските доброволни чети, Дилбер Илија со својата чета дејствува во заднината на турската војска. Поставува заседи, урива мостови и железнички линии, со што го отежнува нејзиното движење. На почетокот во 1913 година тој е во четата на Тодор Александров која во содејство со бугарската војска го ослободува Кукуш. Дилбер Илија за своите заслуги добива „Орден за храброст“. Во Втората балканска војна во 1913 година, Дилбер Илија бил на чело на здружена партизанска чета. Меѓу селата Карабунар и Сараѓол, тој со својата чета која броела 115 лица, 30 часа го задржувал настапувањето на 7–та грчка дивизија, при што имал загуби од 25 лица. По влегувањето на Бугарија во Првата светска војна во 1915 година, Силбер Илија се вклучил во партизански одред на 11 дивизија. Во периодот од 1916 до 1918 дејствивал во Призренско. По Првата светска војна, во 1919 година се населил во Горна Џумаја (денешен Благоевград), каде живее се до смртта. Се оженил и работел како градител, а потоа како чувар на пат. Во 1934 година, тој е еден од основачите на Македонско-одринско ополченско друштво.Зад себе оставил спомени за револуционерната дејност во Кукушко. Тој често знаел да се искачи над височинката над градот и одтаму да го упати тажниот поглед кон родниот Кукушки крај, спомнувајќи си за другарите Гоце Делчев, Христо Чернопеев, Крсто Асанов, Тодор Александров и дригите. Неговата внука ќе ги запише неговите спомени кои подоцна ќе бидат публикувани како „Литургија за Илинден“. Во педесетите години на XX век, кога за првпат се организират меѓугранични средби на тогашната југословенско-бугарска граница, по децении разделба, Дилбер Илија се сретнува со свои братучеди од кои едниот живее во родното место, а другиот во Македонија. Илија Манолов Дилберов или Дилбер Илија умира на 29 август 1962 година, на 87 годишна возраст во Горна Џумаја. |