|
||||
Иван Апостолов - Македонецот |
Иван Апостолов (1847 – 1926) е македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација и неврокопски војвода. Со четата на војводата Иљо Марков Малешевски учествувал во Српско-турската војна (1876), потоа во Руско-турската војна (1877/1878) и во Кресненското востание (1878/1889). Активно учествувал и во Илинденското востание. Бил познат како Копаран чауш, Даскалот и Ване Македонецот. Иван Апостолов е роден во 1847 година во неврокопското село Куманич или Белица, Разлошко. Се стекнал со образование и во текот на животот освен што ајдукувал и бил учесник во македонското револуционерно движење, еден период работел како даскал, па меѓу народот бил познат како Даскалот. Освен како даскалот, тој меѓу народот и своите браќа по оружје бил познат како Копоран чауш и како Ване Македонецот. Насилието на турските власти ќе го натера Иван Апостолов да се одметне и долги години потоа бил ајдутски војвода. Во 1876 година, тој со четата Иљо Марков Малешевски учествувал во Српско – турската војна, а потоа во Руско-турската (1877/1878) и Кресненското (Македонско) востание (1878/1879). Во текот на борбите Иван бил заробен, осуден и испратен во заточение на островот Родос. Во 1897 година, Иван бил амнестиран, по што се вратил во родното место каде работел како учител. Истата година учествува во акцијата на Врховниот македонски комитет, како десетар во четата Крсто Захариев. Инаку четата на Захариев била формирана по повод Грчко турската војна и борбените дејствија кои во април се одвиваат во Епир и Тесалија. Оваа чета во која бил и Јане Сандански водела без загуби еднодневна борба со 150 турски војници над селото Пирин. Во втората борба која ја водела во близина на Лапово со околу 250 турски војници, бил убиен само еден четник, а Јане бил ранет. По наредба на Гоце Делчев, Захариев во мај формира агитациска чета која потоа влегува во Македонија. Иван Апостолов Македонецот влегува во ТМОРО и во 1901 година формира револуционерен комитет во двете соседни пирински села Обидим и Кремен. Овие две планински села, кои расположени над важниот пат кој ги спојува Разлог со Неврокопско, потоа ќе станат важен центар на Организацијата. Во Кремен бил организиран магацин каде се складирало орујето пренесено преку граница. За пушките, муницијата и другот воен материјал, одговарале Иван Апостолов и месните раководители. Во 1902 година бил назначен за војвода на чета во Неврокопско. Во почетокот на февруари 1903 година присуствува на средбата на Гоце Делчев со дејците на Серскиот револуционерен округ. Во текот на Илинденското востание 1903 година, првите востанички акции во овој револуционерен округ ги изведуваат местните чети на Атанас Тешовски и Иван Апостолов, кои дејствуваат во реонот на планината Али Ботуш. Заедно со Јане Сандански, Михаил Чаков, Стојан Млчанков и Никола Грујчин, војводата Иван Апостолов учествува со четата во нападот на турскиот гарнизон во селото Обидим. Во текот на ноќта 13 наспроти 14 септември 1903 година, востаниците го напаѓаат селото и водат борба со турскиот аскер кој бил сместен во касарната и училиштето. Училиштето било запалено, а по жестоките улични борби кои траеле околу 6 часа, војската се повлекла кон месноста „Св. Спас“ каде борбите продолжуваат. Турскиот аскер кој имал 50 лица загинати и 35 ранети, потоа се повлекол кон селото Филипов, додека востаниците и населението кон Пирин. Откако се реорганизира и засилува, турската војска од Неврокоп ги следи востаниците и се судираат со нив по два дена. Во борбата која се водела на 16 септември кај месноста Арамиски бунар (Ајдучки кладенец), учествува и војводата Иван Апостолов со својата чета. Во заседата која ја поставуваат здружените чети и селската милиција, биле убиени 35 турски војници меѓу кои и нивниот командат. По востанието се повлекува во Бугарија. Во 1905 година, Иван Апостолов повторно влегува во Македонија со четите на Андон Ќосето, Петар Милев и Кочо Молеров, но поради големиот снег се враќа назад. Иван Апостолов или Ване Македонецот умира во 1926 година во Долна бања. |