|
||||
Лазар Поповски |
Лазар Поповски (1891 – 1952) е општественик, новинар и македонски револуционер, деец на ВМРО (Обединета). Тој е еден од потписниците на „Апелот до Македонците во Бугарија“ во септември на 1944 година. Лазар (Поп) Трпов Поповски е роден во 1891 во Костур, Егејска Македонија, во семејството на свештеникот Трпо Поповски, истакнат македонски преродбеник, учител, борец против грчката пропаганда, револуционер и деец на Македонската револуционерна организација. Поради своите активности татко му бил постојано прогонуван, апсен и затваран од турските власти. Во 1907 година, во домот во Битола, турската војска ја убива 18 годишната ќерка на Трпо, Василка, по што семејството се преселува во Бугарија. По доаѓањето во Бугарија, Лазар го продолжува со своето образование во Военото училиште во Софија. По својот интелект, образование и култура со која се стекнал во своето семејство, тој ги надминувал стандардите на Военото училиште. Израснат во револуционерно семејство, Лазар Поповски како доброволец учествува во Првата и Втората бал канска војна, за што се стекнува со орден „За храброст“. По завршувањето на Военото училиште во Софија, учуствува во Првата светска војна како командант на митралеска чета од 3-от македонски полк на 11-тата македонска дивизија. Во битката на свиокот на реката Црна, тој е ранет во ногата, а за искажаната храброст, тој го добива и вториот орден „За храброст“. Лазар Поповски потоа служи како командант во Штабот на 4 – тото одделение и бил назначен за градоначалник на Ксанти. Станува близок со евреинот Јосиф Херб, офицер на бугарската армија кој е директор на печатот од 1913 до 1918 година. Истовремено бил голем пријател и со Павел Шатев, кој му кумува на свадбата уште во 1916 година. По Првата светска војна, Лазар заминува од армијата и се занимава со новинарство. По серијата убиства во септември 1924 година, кои настануваат по убиството на Тодор Александров, а во кои десницата на македонското револуционерно движење се пресметува со левицата, Лазар Поповски извесен период бега од Бугарија. Потоа, меѓу 1925 и 1927 година бил назначен за воен аташе и секретар на бугарската дипломатска мисија во Тирана, Албанија. Во овој период, тој остварува контакти меѓу Александар Протогеров и Ахмед Зогу за заедничко дејствување на ВМРО и Албанија. По формирањето на ВМРО (обединета) во октомври 1925 година во Виена, чија цел е обединување и сплотување на сите македонски прогресивни сили кои се стремат и борат за ослободување и обединување на Македонија, Лазар Поповски станува нејзин член и заедно со Христо Цветков, во почетокот на 1926 година прават напори да организираат база на партијата во Албанија. Тие соработуваат со македонскиот револуционер Крсто Лондев, од леринското село Неокази, член на Македонската федеративна организација, кој ги дистрибуира весниците „Македонско дело“ и „Македонска свест“. Инаку, по наредба на организацијата, Крсто Лондев на 3 јули 1927 година го убива србоманскиот новинар во Битола, Спас Хаџи Попов, а потоа бил суден, затворен и убиен во 1927 година од српските жандари при обид за бегство. Гонети не толку поради левата ориентација, колку поради основната програма на партијата која не ги признава постоечките граници и државни творби, а нејзините членови се борат за обединета Македонија, Лазар Поповски мора да емигрира во Швајцарија, каде работи како дописник во албански и француски весници. Во Бугарија заминува дури во 1930 година. Во 1933 година Лазар Поповски бил назначен за главен редактор на левичарскиот весник „Камбана“ (подоцна преименуван во „Нова Камбана“), која на своите страници го критикува ВМРО на Иван Михајлов. Поради антигерманските позиции, весникот е забранет во 1941 година, а Лазар бил интерниран прво во концентрациониот логор „Гонда вода“, во близина на Асеноград, а по 1943 година во затворот на островот Света Анастасија, во близина на Бургас, и во концентрациониот логор Крстополе (Еникој), Ксантиско, каде останува се до 1944 година. По деветосептемврискиот преврат во 1944 година, кога со помош на Црвената армија е урната фашистичката власт во Бугарија, а на чело доаѓа Владата на Отечествениот фронт на Кимон Георгиев, Лазар Поповски го потпишува „Апелот до Македонците во Бугарија“. Меѓу потписниците на Апелот покрај Лазар, се наоѓаат следните водечки личности од македонската емиграција во Бугарија: Д-р Павел П. Шатев, Божин Димитров, Иван поп Јорданов, Љубен Манолов, Христо Калајџиев, Георги Саракинов, Алаксандар Мартулков, Д-р Христо Далкалачев, Д-р Христо Тенчов, Петар Шанданов, Пецо Трајков, Лазар Кр. Ашлаков, Туше Делииванов, Георги Динишев, Георги Деспотов, Ангел Динев, Крсто Гермов (Шакир), Филип поп Тодоров, Димитар Халваџиев, Иван Палејков, Никола Константинов, Д-р Лазар Божинов, Гоце Грков, Д-р Васил Христов, Борис Михов, Туше Влахов, Стефан Нанов, Михаил Герџиков. Лазар Поповски од новата власт бил назначен за дипломатски преставни во Истанбул, каде учествува во преговорите со Вселенскиот патријарх за признавањето на Бугарската патријаршија, која со помош на Русите е призната во 1945 година. Но, веќе во наредната 1946 година, поради промакедонска дејност, која води кон обединување на Вардарска и Пиринска Македонија, паѓа во немилост на политичкиот секретар на БКП (к), Трајчо Костов, кој го формира Народниот суд и под чие раководство илијадници невини луѓе во Бугарија ги губат животите. Имотот на Лазар Поповски бил конфискуван, а тој подложен на жестоки измачувања умира во затвор во февруари 1952 година. Прогонот продолжува и врз неговото семјство, а неговиот син Љубомир бил испратен во работен логор и му било одбиено правото да студира. |