|
||||
Тома Пожарлиев |
Тома Петров Пожарлиев (1. V 1870 – 5. XII 1938) е македонски револуционер, војвода на Македонската револуционерна организација во Воденско, Кратовско и Чепеларско. Учествува во Илинденското востание. Тома Пожарлиев е роден на 1 мај 1870 година во Ениџе Вардар, Егејскиот дел на Македонија. Завршил шестти клас во Солунската гимназија. По завршувањето на школувањето учителствува во горноџунајското село Бистрица. Во 1895 година Тома станува член на Македонската револуционерна организација, а веќе наредната 1896 година бил уапсен и прогонет во родниот град. Следен од турските власти, тој бега во Кнежеството Бугарија во 1898 година. Под влијание на неговиот брат Иван Пожарлиев кој бил поручник во бугарската армија, Тома се запишува во Военото училиште во Софија. Во 1902 година, Тома го напушта училиштето и со врховистичка чета на ВМОК влегува во Воденско. Но, бил пречекан кај Зборско од четата на Атанас Мурџев, кој го убедува да се откаже од предвремено кревање на востание и заедно заминуваат за Прилепско. За време на Илинденското востание, Тома Пожарлиев и Атанас Мурџев се војводи на чета во Кратовско. По осветувањето на знамето на 2 септември 1903 година на планината Руен, нивната чета заминува за Кратовско. Опкружени од турската војска над селото Луково, на 25 септември четата на Пожарлиев и Мурџев, заедно со четите на војводите Григор Манасиев, Иван Топчев и Никола Дечев, кои бројат вкупно 152 востаници, водат тешка борба со 7.000 редовна војска и башибозук. По повеќе од десетчасовна борба во која загинале осуммина востаници, меѓу кои и војводите Манасиев, Топчев и Дечев, Пожарлиев и Мурџев со преживеаните востаници во текот на ноќта се повлекле кон границата со Бугарија. Подоцна со други чети бил формиран одред од околу 450 востаници, кој под команда на Сотир Атанасов водат борба со османската војска кај Крива Паланка и селото Долна Љубата. По задушувањето на востанието се повлекува во Бугарија. Во текот на 1905 и 1906 година, на барање на војводата Пејо Шишманов, Пожарлиев е испратен за војвода во Чепеларско, Ахчелебијско и Беломорска Тракија, каде заедно со Шишманов се обидуваат да ја возобноват организациската мрежа на Македонската револуционерна организација. Тома Пожарлиев се враќа во Бугарија, каде учи земјомерство и работи како геодет во реоните на Казанлак и Свиленград. Поради пројавени високи способности добил државна стипендија и бил испратен да учи геодезија во Белград. Меѓутоа, не успева да го заврши школувањето. Српските власти откриле дека Тома бил активист на ВМРО и под смртна закана била издадена потерница, по што тој бега во Бугарија. Иако се повлекува од активната револуционерна активност, во текот на меѓусебни пресметки на десницата и левицата на македонското револуционерно движење, во 1925 година против Тома Пожарлиев била изречена смртна пресуда. До 1935 година, речиси десет години тој се крие во Батак, каде што рабити како геодет. По забраната за дејствувањето на ВМРО, Тома Пожарлиев се враќа во Софија каде умира на 5 декември 1938 година, на 68 години. Во текот на сојузничките авионски бомбардирања на Софија гробот му е разрушен. |