Среда, 16 Декември 2015    PDF Печати Е-пошта
Ристе Ристески (1931 - 2000): Македонска политичка емиграција во Австралија

riste-ritevski

Ристе Ристески бил еден од најактивните македонски политички емигранти на австралискиот континент. Тој се залагал за идејата за создавање на обединета и самостојна македонска држава со демократско уредување. Ристески, за реализација на своите политички погледи, се вклучил во “Движењето за ослободување и обединување на Македонија” (ДООМ), која била најмасовната македонска емигрантска политичка организација по Втората светска војна.

Роден е во село Гари, Дебарско, на 1 октомври 1931 година, во позната патриотска фамилија. Неговиот татко Блаже, уште од најрана возраст го запознава со трагедијата на поделениот македонски народ и го задојува со силен патриотски дух. Кај малиот Ристе уште повеќе се јавувал гнев и револт кон угнетувачите на македонскиот народ, поради фактот што татко му Блаже, како македонски патриот, бил прогонуван и затворан од страна на властите на Кралството Југославија.

По завршувањето на Втората светска војна и ослободувањето, Ристески кратко време живеел во родното село, за потоа да се пресели во Штип, каде што татко му имал гостилница. Некое време работел и како реонски шумар во Прилепско и се школувал вонредно, по што се стекнал со диплома за шумарски техничар.

Додека се школувал и работел во Прилеп, Ристески дошол во контакт со повеќе патриоти од овој крај со кои решава да формира илегална организација. Таа организација била наречена ВМРО (возобновена) и имала за цел осамостојување на СР Македонија од СФР Југославија преку кревање на вооружено востание, а подоцна со проширување на востанието во деловите на Македонија под грчка и бугарска власт, да дојде до нејзино обединување во една единствена самостојна македонска држава. Оваа групација се проширила со членови не само во Прилеп, туку и во Битола и Демир Хисарско. Во текот на 1967 година групата била откриена од властите, односно предадена од свои членови. На 30 јуни 1967 година биле осудени под обвинение дека создале “непријателска организација” за борба против уставниот поредок и отцепување на СР Македонија од СФРЈ. Ристески бил осуден како нејзин главен организатор на пет години строг затвор. Казната ја издржувал во скопскиот затвор Идризово и по две години одлежана казна бил помилуван.

Од физичкото малтретирање што го преживеал во 1967 година, Ристески го загубил видот на едното око.

По излегувањето од затворот Ристески се нашол во мошне незавидна положба. Тој бил под постојана контрола на Службата за државна безбедност (СДБ). Следењата од агентите на СДБ станале дел од неговото секојдневие. Воедно неможел да најде никакво вработување, поради што се влошила неговата материјална положба. Во таква состојба, Ристески започнал да размислува да ја напушти државата. Одлучувачки момент за него да замине во некоја западна земја бил неуспешниот обид за атентат што му го подготвиле од СДБ. Имено, автомобилот што требало да го прегази на улица требало да наликува на несреќен случај и на тој начин да се “ослободат” од “непоправливиот” Ристески и евентуалното негово политичко реактивирање. Тоа го увидел Ристески и во 1969 емигрирал во Австрија, а од таму во Западна Германија, каде бил сместен во логор за политички емигранти. Откако добил статус на политички емигрант, Ристески на 12 јули 1970 година заминал за Шведска. Таму воспоставува контакт со познатиот македонски активист од Шведска, Миле Илиевски кој го издавал емигрантскиот весник “Македонија”-орган на македонската политичка емигрантска организација “Ослободителниот комитет на Македонија” (ОКМ). Меѓутоа во тој период ОКМ бил пасивизиран и не дошло до некоја посериозна соработка.

По краткиот престој во Шведска, Ристески за постојано се населил во Австралија. И таму се обидел да воспостави контакти со политичките сомисленици. Од македонските емигранти на тој континент бил забележан како фанатичен борец за остварување на идеалот за независна и обединета македонска држава, кој во секоја прилика, средба, контакт со сомислениците не заборавал да ја потенцира потребата од здружено дејствување на македонската емиграција.

Во меѓувреме ОКМ, кој бил формиран во 1962 година и извесно време пасивизиран, се возобновил на 30 мај 1971 година во Данска. Според уставот, оваа Организација имала за цел “да работи и да се бори за ослободување и обединување на Македонија во самостојна македонска држава”. Списанието “Македонска нација”, кое го редактирал долгогодишниот македонски политички емигрант Драган Богдановски, станало и официјален орган на Организацијата. Иако ОКМ бил формиран во Западна Европа, за брзо време започнал да се пробива и на австралискиот континент. Идеите на списанието “Македонска нација” и Организацијата, која набрзо го променува своето име во “Движење за обединување на Македонија” (ДОМ), односно “Движење за ослободување и обединување на Македонија” (ДООМ) нашле погодна почва за ширење меѓу бројната македонска емиграција во Австралија. Најзаслужен за ширењето на Организацијата на австралискиот континент бил Драган Богдановски, кој со помош на телефонски именици нашол адреси на околу 200 Македонци во Австралија и им го пратил списанието “Македонска нација”. Уште од третиот број на списанието започнале првите јавувања и биле добиени 20 адреси од Македонци со желба да се зачленат во Организацијата. Меѓу првите кои се јавиле бил Ристе Ристески, но и Панко Стамковски, Сергеј Секуловски, Михаил Шариновски, Душко Дојчиновски и др. По само една година од возобновувањето на Организацијата, односно во 1972 година бил формиран првиот поткомитет во Австралија и тоа во Порт Кембла. На овој континент Организацијата рапидно се ширела и за многу кусо време поткомитетите станале побројни со членство и симпатизери од оние во Европа и САД.

Ристе Ристески бил еден од најактивните членови на Организацијата во Австралија, кој уживал голем углед меѓу тамошната македонска емиграција. Поради својата посветеност во Организацијата, тој веќе на Општиот конгрес на ДООМ, кој се одржал на 13 и 14 април 1974 година во Минхен, бил избран за претседател на ДООМ од Австралија, односно потпретседател на ДООМ.

Во тој период во Австралија меѓу македонските верници постоел раскол по прашањето за припадноста на црквите, односно дали со нив требало да управуваат Македонските црковни општини или МПЦ. ДООМ на членовите од Австралија им сугерирал да ги запазат автономните црковни општини. Првичната цел на австралиските поткомитети на ДООМ била да се заземаат управите на црковните општини. Потоа замислата им била црковните општини да прераснеле во основно средиште за духовен и национален живот. Да делуваат како прикриена политичка институција и од сите општини да се формира едно национално тело за политички да ја впрегнат емиграцијата. Ристески бил еден од најжестоките поборници на таа политика на ДООМ. Тој бил особено огорчен и револтиран од македонските свештеници и конзули во Австралија, кои, според него, биле спроводници на државната политика на СФРЈ и не се залагале доволно за македонското прашање.

Иако раководителите на австралискиот дел на ДООМ во најголем број биле просоветски ориентирани, сепак Ристески бил антикомунист по убедување. Но, кога станувало збор за барање на помош од некоја странска земја за реализација на целите на Организацијата, тој не ја исклучувал можноста да се бара таква помош и од комунистичките земји. Во една таква прилика, Ристески заедно со Михаил Шариновски и Доне Донев во август 1976 година и официјално од името на ДООМ побарале помош и поддршка од Советскиот сојуз. Имено, за таа цел тие се упатиле во советската амбасада во Австралија, каде на заменик амбасадорот му предале Меморандум во кој се барало Советскиот сојуз морално и материјално да ја помогне дејноста на ДООМ. Исто така една делегација предводена од Ристески побарала помош и од турската држава, за што се упатиле и биле примени од турскиот амбасадор во Австралија. Ристески му го елаборирал проблемот со нерешеното македонско прашање на амбасадорот и му понудил соработка, односно подготвеност ДООМ да испрати свои доброволци на Кипар да војуваат на турската страна. За возврат Турција требало да го помогне материјално и политички ДООМ и да го покрене прашањето за македонското национално малцинство во Грција пред Обединетите нации. Турскиот амбасадор ги пречекал мошне срдечно и им ветил дека ќе го пренесе предлогот до турската влада.

Ристески, најчесто опишуван од своите сомисленици како национален фанатик, борбен и работлив, го поддржувал радикалното крило во ДООМ за употреба на “револуционерни методи” при реализација на целите на Организацијата. Често пати му префрлал на претседателот на ДООМ Драган Богдановски за неговата умереност и одбивањето на употребата на оружје, при што во една прилика му рекол: “Ти си роден за владика, но не и за револуционер”! Ристески бил еден од ретките членови на ДООМ кои биле милитаристички настроени и се залагал за конкретни вооружени акции. Според неговата замисла, ДООМ требало да бара од НР Албанија дозвола на нејзината територија да осниваат бази од каде би се уфрлувала герила во СР Македонија за рушење на комунистичката власт и отцепување на СР Македонија од Југославија. Меѓутоа овие предлози на Ристески не биле прифатени од останатиот дел од раководството на ДООМ.

Ристе Ристески бил политички активен до V конгрес на ДООМ, кој се одржал во 1984 година, кога Организацијата се преименувала во “Народноослободителен фронт на Македонија” (НОФМ). Тогаш веќе и моќта на Организацијата драстично опаднала, што особено се случило по киднапирањето на Драган Богдановски од страна на СДБ, кога настанале силни внатрешни потреси и поделби. Иако политички се пасивизирал, тој и натаму продолжил да остварува контакти со своите сомисленици-емигранти, не откажувајќи се од своите идејни определби. Починал на 8 март 2000 година во Австралија.

Д-р Марјан Иваноски

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.