|
||||
Киријак Држилович |
Киријак Држилович (Држиловец), (поч. на XIX век – ок. 1877) е македонски преродбенски деец и општественик, печатар и книжар. Учествува во грчкото етеристичко движење (1821–1829), а потоа учи и живее во Атина. По преселувањето во Солун се занимава со трговија, отвора грчка печатница (ок. 1850), во која печати и публикации на македонски јазик со грчки букви („Канонаме за селата битолски“, 1851; „Неделно евангелие“ од П. Божигропски, 1852). Вклучен е во преродбенските антипатријаршиски борби за своја црква, јазик и училиште и учествува во конституирањето и дејноста на Солунската црковноучилишна општина. Киријак Држилович е роден на почетокот на XIX век во селото Држилово, Негушко, Егејскиот дел на Македонија, во богато трговско-занаетчиско семејство. Во 1821 година, се вклучува во грчкото етеристичко движење, а во 1822 година потикнато од грчкото востание учествува во Негушкото востание. По задушувањето на востанието во кое му е опожарено родното место, заедно со дел од македонските востаници се повлекува на југ и им се придружува на грчките востаници. Војува против Османлиите се до 1829 година, а по извојувањето на независноста на Грција се населува во Атина, каде завршува високо образование. По преселувањето во Солун, Киријак Држилович се занимава со трговија и активно се вклучува во преродбенската антипатријаршиската борба за своја самостојна црква, јазик и училиште. Исто така, учествува во формирањето и дејноста на Солунската црковноучилишна општина. Околу 1850 година, Киријак и неговиот постар брат Константин Држилович, се обидуваат повторно да отворат македонска печатница, каква што немало од затварањето на печатницата на Теодосиј Синаитски. По многу пречки од страна на грчките црковни власти Киријак и Константин Држилови добиваат дозвола да отворат грчка печатница, во која ќе се печатат грчки, но и книги на македонски јазик со грчки букви. Во 1851 година, печатницата на браќата Држилови со грчки букви и со македонски јазик ги печати во Солун „Канонаме за селата битолски“, а во 1852 година „Неделно евангелие“ од Павел Божигропски (Солон, Стампа Кирјакова Дарзилен, 1852). Евангелието подготвено од П. Божигропски од село Кониково, пишувано на воденско наречие денес е особено важно за изучување на македонскиот јазик. Со печатницата на Држилови работи и книжарница преку која тие распространуваат грчки, руски, бугарски и српски книги и весници. Иако, во печатница биле публикувани грчки учебници, тоа не е доволно за грчките црковни власти. Согледувајќи дека во борбата за управување со црковно-училишните општини се повеќе го губи влијанието кај славјанското население, грчките првенци и свештество прават големи напори за да се затвори печатницата на Држилови во Солун. Киријак во текот на својата преродбенската антипатријаршиската борба, одржувал контакти со руските конзули. Се допишувал со Партенија Зографски и Димитар Миладинов, за кого собирал народни песни, како и со Павел Божигропски, Венијамин Мачуковски, Димитар Василев Македонски, Димитар Христо Узунов, Стефан Верковиќ, Георги Раковски и др. Потикнат од Партенија Зографски и Димитар Миладинов, Киријак во овој период се подготвувал да ги препечати распродадените учебници на Партенија, како и да ги напечати подготвените ракописи и стихови на Георги Динков, синот на брат му Константин. Подготовките на Кирјак „да печати книги на Македонскиј јазик за овдешните жители“, предизвикала тревога кај грчките првенци кои заедно со солунскиот и воденскиот мирополит го клеветат пред солунскиот управител Хисни паша, по што печатницата на Држилови е затворена во април 1860 година. Останат само со книжарницата, Киријак пишувал коментари и ги дистрибуирал во Македонија весниците „Дунавски лебед“ на Георги Раковски (1860 – 1861, Белград), „Цариградски весник“ (1848 – 1862, Цариград) и „Македонија“ (1866 – 1872, Цариград). Во 1867 година Киријак Држилович бил надзорник на училиштето за девојки во Солун, а од 1868 година бил еден од раководителите на Солунската црковноучилишна општина. Киријак Држилович умира во Солун околу 1877 година. |