|
||||
Паскал Митревски |
Паскал Митревски (1912 – 11. XI 1978) е истакнат македонски нацинален деец од Егејска Македонија, борец за националните права на Македонците во Грција. Во периодот од 1943 до 1949 година бил учесник е во грчкото движење на отпорот (ЕЛАС), секретар на СНОФ во Костурско (1943), секретар на Политичката комисија на Македонците под Грција (1944), а за време на Граѓанската војна во Грција бил и министер на Привремената демократска влада на Грција (1948). По војната, бил уапсен од страна на КПГ во Албанија во 1949 година, а потоа префрлен во СССР, каде бил осуден на 25 години затвор. Во Македонија доаѓа во 1955 година. Паскал Митревски е роден 1912 година во селото Чука, Костурско, Егејскиот дел на Македонија. Живеел во селото Рупишта каде завршил основно образование, а со гимназиско образование се стекнал во градот Костур. Потоа образованието го продолжил на Правниот факлутет во Солун и по завршувањето работел како адвокат. Пред Втората светска војна, Митревски се поврзал со левицата, а по окупацијата на Грција во 1941 година тој постепено се ориентира кон грчкото комунистичко движење. На 16 јуни 1943 година тој стапил во редовите на Грчката народно ослободителна војска (ЕЛАС), во Костурско. Како дипломиран правник, Митревски потоа учествувал во создавањето на програмите и дејноста на македонските народноослободителни организации како Славјано –македонскиот народно ослободителен фронт (СНОФ) и Народно ослободителниот фронт (НОФ). Митревски се вклучува во формирањето на Првиот партизански одред на ЕЛАС во Рупишта. Прво бил заменик-командир, а потоа во јули 1943 година бил назначен за командир на македонската партизанска единица во Костурско. По формирањето на СНОФ, во декември 1943 година, тој бил избран за секретар на Окружниот одбор за Костурскиот округ. По спогодбите во Либан и Казерта, со која народноослободителното движење на грчкиот народ се предаде во рацете на англиската воена команда на Средниот Исток, стравувајќи дека Македонците ќе создадат силна војска, која би била силен фактор во Егејскиот дел на Македонија, ЦК на КПГ во мај 1944 година издал наредба за расформирање и разоружување на македонските батаљони на СНОФ. Меѓутоа, еден дел од македонските команданти кои биле незадоволни од решението на КПГ заедно со единиците преминуваат во Вардарскиот дел од Македонија, каде се ставиле под команда на ГШ на НОВ на Македонија. Од нив во близина на Битола била формирана Првата егејска ударна бригада која потоа учествувала во завршните операции за ослободување на Македонија и била испратена на Сремскиот фронт. На 3 декември 1944 година, Паскал Митревски бил поставен за секретар на Политичката комисија на Македонците во Егејска Македонија формирана во Битола. По завршувањето на Втората светска војна, откако КПГ се ориентирала кон политичка борба, а десницата го продолжила теророт и понижувањата на македонскиот народ, Македонците од Костурско, Воденско и Леринско се организираат за борба против монархофашистите. Паскал Митревски, Михајло Керамитчиев, Георги Урдов, Атанас Коровешов, Павле Раковски и Минчо Фотев, на 23 април 1945 година, го формираат Народно ослободителниот фронт (НОФ). Правникот Паскал Митревски бил поставен за секретар на Главниот одбор на НОФ. Додека КПГ сеуште смета дека е можен договор со десните реакционерни сили, македонските единици на НОФ веќе водат повеќе битки со монархофашистите. Кога НОФ се претвора во моќен фактор во Егејска Македонија, а бројот на нејзините борци бил трипати поголем од левицата, КПГ се решава да започне преговори со нив. Преговорите во име на НОФ ги водат Паскал Митревски и Михајло Керамитчиев, а од страна ма КПГ Марко Фавијадис. По обединувањето на силите на НОФ и ДАГ во ноември 1946 година, Паскал Митревски бил назначен за член на Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија и инструктор на ГКП, одговорен за НОФ. Во јануари 1948 година повторно бил поставен за секретар и претседател на НОФ, но во август 1948 год. бил испратен како политички секретар на 14 бригада на ДАГ. Паскал Митревски повторно бил назначен за секретар на НОФ на 3 февруари 1949 година, откако на Петтиот пленум на ЦК на ГКП одржан на крајот на јануари 1949 година било донесено решение за правото за самоопределување на Македонците во Грција. Потоа, како преставник на НОФ, на 3 април 1949 година бил назначен за министер за снабдување на Привремената демократска влада на Грција. По поразот на ДАГ во граѓанската војна во Грција, на 3 октомври 1949 година, Паскал Митревски како „Титов агент“ бил уапсен од КПГ во Албанија и пренесен во СССР. Во 1952 година, Врховниот суд на СССР го осудил на 25 годишна робија и испратен во логорот во Варкута. Но набргу, по смртта на Сталин бил ослободен и во 1955 година се вратил во СР. Македонија. На 26 јуни бил избран за судија на новоформираниот Уставен суд на Македонија. Паскал Митревски починал на 10 февруари 1978 година во Скопје. |