|
||||
Нико Нестор |
Нико Нестор (19. VI 1934 – 26. II 2016) е македонски пливачки маратонец, првиот Македонец кој го препливал Ла Манш. Тој бил член на ПВК “Охридски бранови“ од Охрид. Од 1948 до 1967 година учествувал на републичките првенства во пливање на кои освоил 14 први места и поставил наколку републички рекорди. Во периодот од 1954 до 1959 година се истакнал во пливање на долги патеки на Охридското Езеро. Во 1958 го препливал езерото од Св. Наум до Струга за 11 часа и 28 минути, а во 1959 година го препливал Ла Манш за 12 часа и 6 минути. Нико Нестор е роден на 19 јули 1934 година во Струга. Тој е роден Несторов, но по грешка бил заведен како Нестор во патна исправа. До прво одделение живее во Струга, а потоа се преселува во Охрид. Завршил средно-фискултурно училиште и виша школа за надворешна трговија во Белград. На десетгодишна возраст Нестор почнува да плива. Во 1946 година се зачленил во пливачко-веслачкиот клуб ПВК “Охридски бранови“, каде се истакнува со својот раскошен талент и набрзо победува на детска трка во Сплит. Станал член на штотуку формираниот одбор на Македонија за пливање и ватерполо. Во 1948 година, на државното пионерско првенство во Охрид, Нико Нестор освоил 5 златни медали. Од 1948 до 1967 година учествувал на републичките првенства во пливање на кои освоил 14 први места и поставил наколку републички рекорди. Тој пливал и играл и ватерполо. Иако ги пливал сите стилови еднакво добро, неговиот омилен стил бил краул. Долго време бил македонски рекордер на 50, 100, 200, 400, 1.000 и 1.500 метра. Во периодот од 1954 до 1959 година, Нико Нестор ќе се истакне во пливање на долги патеки. Тој е иницијатор за одржување и победник на првиот Охридскиот маратон во 1954 година. Читајќи разни написи за најголемиот пливачки предизвик, Нико добил инспирација да го преплива каналот Ла Манш. За да ја оствари својата цел, тој се подготвувал на Охридското Езеро. Во текот на своите тренинзи тој секојдневно ја зголемувал препливаната должина. Истовремено, се качувал и на планини за да се стекне со потребната кондиција. На 19 август 1958 година, тој пливал од Св Наум до Струга и растојанието од 33 км. го испливал за време од 11 часа и 28 минути. Така Нестор станал првиот човек кој го препливал Охридското Езеро и ги поставил основите на маратонското пливање во Македонија. Својот голем сон – Ла Манш, Нико Нестор го остварил веќе наредната година. Меѓутоа, пред да пристапи кон релизација на овој предизвик, тогашните југословенски весници со критика и потсмев прашувале: „Кој е тој Нико Нестор?, Дали може воопшто да плива?, Кој го испратил и што бара на Ла Манш?“ Сепак, Нестор пливаше за Македонија, за својот македонски народ, за Охрид и Струга. Поддржан од македонската јавност, на 9 септември 1959 година, македонскиот маратонец направи историски подвиг. Тој за 12 часа и 6 минути го препливал каналот Ла Манш долг 33 км. и станал првиот Македонец, првиот Југословен и воопшто прв човек од Источниот блок кој го препливал растојанието од францускиот до британскиот брег. Англиските весници „Дејли Мирор“ и Дејли телеграф“ кои ќе го одбележат подвигот на момчето од Охрид и неговиот секундант Климент Заров, како голема и необична вест, ќе забележат дека Нико бил првиот човек од тогашните комунистички држави, од т.н. „железна завеса“ кој го препливал каналот. По враќањето во Македонија, Нико Нестор бил пречекан како херој. Прво во Скопје бил пречекан од голем број народ и преставници на тогашната републичка Влада на Македонија, која финансиски го поддржа маратонот, а потоа и од граѓаните на Струга и Охрид кои му приредиле величествен пречек Со повиците „Нико, Нико!“, цвеќе, локуми, наполитанки, народот го пречекал отворениот автомобил во кој се превезуваше македонскиот маратонец. Истата 1959 година година Нико Нестор бил избран за најдобар спортист на Македонија. Нико Нестор настапувал на повеќе маратони ширум светот. Охридско Езеро од „Свети Наум“ до Струга го препливал повеќе пати. Во 2000 година бил назначен за претседател на возобновениот Охридски маратон, а потоа бил и негов почесен претседател. Успехот на Нико Нестор бил поттик и за Атина Бојаџи, Македонка од Охрид, која десет години потоа, на 9 септември 1969 година, како прва жена од Балканот која го преплива Ла Манш. Нико и Атина се прогласени за великани на македонскиот спорт од страна на МОК. Легендата на македонскиот маратон Нико Нестор почина на 26 февруари 2016 година во Скопје. |