|
||||
Блаже Крстев - Биринчето |
Блаже Крстев - Биринчето (1873 – 21. V 1911) е македонски револуционер и крушевски војвода, учесник во Илинденското востание. Во востанието се борел во четата на војводата Питу Гули. По востанието бил четник во четата на крушевскиот војвода Ѓурчин Наумов- Пљакот. Од есента 1904 година до смртта дејствувал како крушевски војвода. Води борба со четите на српската воружена пропаганда и во едно писмо до нивен војвода пишува: „Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме“. Блаже Крстев е роден во 1873 година во крушевското село Бирино. Таму се вклучува во ТМОРО и организира сопствена чета. Учествува во подготовките за Илинденското востание, а во востанието се борел во четата на војводата Питу Гули. На 2 август 1903 година, заедно со одделението на Иван Наумов Алабакот, учествува во освојувањето на турската касарна во Крушево. По освојувањето на градот, Блаже Крстев – Биринчето учествува во одбраната на градот и под раководство на Питу Гули, четите одбиваат шест напади на Крушево, при што турскиот аскер има големи губитоци. Блаже Крстев – Биринчето е еден од малкумината македонски војводи кој по Илинденското востание останува во Македонија, за да го заштити населението од зулумот на турскиот аскер и башибозукот. По распуштањето на четите и прогласената амнестија, тој се вратил во родното место. Меѓутоа, поради насилството кој го правел еден Турчин, тој го убил и повторно станал нелегален. Во 1904 година Блаже Крстев – Биринчето се вклучува во четата на крушевскиот војвода Ѓурчин Наумов – Пљакот и е негов заменик. По доаѓањето на Дамјан Груев и Герги Сугарев од Ресенско, четите се упатиле кон Поречието. На 23 сепетмври 1904 година, во борбата со турскиот аскер кај село Сланско, во која загинал војводата Ѓурчин и секретарот на Сугарев, Блаже се истакнал со својата храброст. По смртта на војводата Ѓурчин, Блаже Крстев – Биринчето се до 1911 година дејствувал како крушевски војвода. Цели шест години тој го води овој реон, а само за два месеци, додека бил отсутен, бил заменет од војводата Петар Јуруков. Во овој период тој се борел против вооружените чети на српската пропаганда во Велешко. Во 1905 година заедно со четите на Ѓорѓи Сугарев, Иван Наумов Алабакот, Стефан Димитров и Панчо Константинов во Пореч и Азот, водат серија битки против српските вооружените чети предводени од Јован Бабунски и Глигор Соколо(иќ). Во едно свое писмо до војвода на чета на српската вооружена пропаганда, Блаже Крстев - Биринчето вели: "Македонски борачи бевне и до крај ка се бориме за македонскио народ, а не се бориме за Бугарија или за Србија и Грција, тија сат слободни и си живеат меѓу ними и си пијат по ладните меани, имат прао да пијат оти побрго туриле крфта. Ни треба што сме от македонската земија, треба за Македонија да работиме оти македонските браќа гинат по патиштата и македонските сестри сет обесчестени от клетио Турчин, от мрсниот Турчин... Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме, тогај се види да на еден збор не сме можиле да се разбереме за да не се бијеме." Во 1907 година, Блаже Крстев – Биринчето, чиј секретар е Герги Ралев, дејствува со дваесет четници. По Маладотурската револуција во 1908 година, за кратко време станува легален, но набргу се разочараува од Младотурците и ја продолжува борбата. Во 1909 година, при обид да биде уапсен од 12 жандари, тој поведува борба и ги убива сите, по што се префрла во Бугарија. Меѓутоа, Тодор Александров го враќа во Крушевско, каде го обиколува реонот. Во овој период, многу луѓе биле уапсени и мачени поради криење на Биринчето, а девет лица ќе бидат осудени од властите на 16 и 5 години затвор. Во 1911 година, при една обиколка на реонот, Биринчето тргнал кон Журечкиот манастир, каде била четата на Дончо Тодоров од Стара Загора кој се потурчил за време на Младотурската револуција. Во борбата која се развила меѓу нив на 21 мај 1911 година кај манастирот “Св. Атанасиј“, во близина на демирхисарското село Журче, Блаже Крстев – Биринчето загинал. Телото прво му било пренесено во Крушево, а потоа во Битола каде бил фотографиран. |