|
||||
Атанас Свештаров |
Атанас Николов Поп Василев (23.II 1847 – 12. III 1930) е македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација. Учествува во борбите за национално ослободување на балканските народи и против грчката пропаганда. Бил член на Македонската револуционерна организација и во неговиот дом се одржала последната средба на Гоце Делчев и дејците на Серскиот револуционерен округ, пред заминувањето за Баница. Во текот на живот се занаимавал и со правење на свеќи, па бил наречен Свештаров. Атанас Николов Попвасилев е роден на 23 февруари 1847 година во серското село Горно Броди, Егејскиот дел на Македонија. Живее и работи во Серес. а во 1867 година, дваесетгодишниот Атанас заминал за Света Гора, од каде преку Цариград, стигнал во Одеса, Русија. Извесен период работи како пекар и потоа заминал за Бесарабија. Во летото 1868 година, на повик на славјанските браќа, бугарските револуционери Хаџи Димитар и Стефан Караџа, кои бараат доброволци за ослободување на нивната земјат од турско ропство, Атанас заминал во Влашко, но веќе четата се префрлила преку Дунав. За да се издржува, Атанас работи во Костанца, Меџидија и село Тополово, Добруџа, а во 1873 година на изградбата на нова железничка линија во село Кадиево, Пловдивско. Во 1875 година, Атанас заминал за Херцеговина за да земе учество во босанско-херцеговското востание против османлиските власти. Меѓутоа бил уапсен во Србија и вратен во Романија, каде почал да работи како бојаџија во Турну Магуреле. Меѓутоа, кога било во прашање борбата за слобода на поробените христијански славјански народи, овој македонски интернационалист не мирува. Во тоа време почнало собирање на доброволци за четата на Христо Ботев, па Атанас се пријавил како доброволец. По преминувањето на преку Дунав на 16 мај 1876 година, тој учествувал во сите борби кои ги води четата се до смртта на Ботев на 1 јуни 1876 година. Потоа, заедно со македонецот Тодор Стојанов од Неврокоп и другите востаници, заминал за Стара планина, каде четата била уништена. Атанас и други биле затворени во Софија се до општата амнестија. Атанас по ослободувањето се вратил во Сер, каде играл видна улога во борбата против грчката пропаганда. Тој се вклучува во црковно-училишната борба и заедно со учителот Петар Сарафов, татко на Крсто и Борис Сарафов, ја започнуваат борба со фанариотите за воспоставување црковно-училишна општина во која барале да се богослужи и учи на славјански (македонски) јазик. Во заострените односи со грчкото духовенство, Свештаров при крштевката на својата прва ќерка Олга, го избркал грчкиот свештеник. Свештаров потоа се приклучил кон Македонската револуционерна организација и неговиот дом станал место за средби и прибежиште на македонските револуционери. Во неговиот дом се одржала и последната средба на Гоце Делчев и дејците на Серскиот округ, пред заминувањето за Баница. Поради своите активности против фанариотите, како и активностите во Серскиот револуционерен округ, тој бил следен, како од турските власти, така и од Грците. И двете страни сакале да го елеминираат, така да врз него биле извршени повеќе неуспешни атентати. Првата и Втората балканска војна (1912 - 1913), како и Првата светска војна (1914 – 1918 ) го променил животот на многу македонски семејства кои морале да емигрираат. По потпишувањето на Букурешкиот мировен договор во 1913 година и поделбата на Македонија, Атанас со семејството се преселил во Пловдив, а подоцна во Ксанти. Во 1919 година, по окупацијата на Ксанти од страна на грчката армија , Свештаров одново со семејството се преселил во Бугарија. До крајот на животот живее мирно во бугарскиот град Станимах (кој од 1934 се преименува во Асеновград – н.з), каде се занаимавал со правење на свеќи, па бил наречен Свештаров. Атанас Свештаров умира на 12 март 1930 година. |