|
||||
Александар Џорлев |
Александар Џорлев (1878 - 1914) е македонски револуционер, лерински војвода на Македонската револуционерна организација. Познат како Леко Банички и Алексо Жарле (Џоле), за време на Илинденското востание раководи со Леринскиот револуционерен реон. Обединетите чети на Павел Христов, Марко Иванов, Христо Цветков, Алексо Џорлев и други, потпомогнати од вооружената милиција, по упорни борби со турските војници ги ослободуваат во октомври 1912 година Вощарани, Забрдени, Секулево, Врбени и град Лерин. Александар Гичев Џорлев е роден во 1878 година во леринското село Баница. Во 1902 година влегува во Македонската револуционерна организација, а за време на Смилевскиот конгрес (2-7 мај 1903 година) тој чува стража. Во 1903 година го убива Кирјакос Кочев, татко на Пандил и Костадин, убијци на неговиот татко Гиче, кои потоа бегаат во Канада. За време на Илинденското востание во 1903 година, Алексо Џорлев раководи со Леринскиот револуционерен реон, заедно со Александар Поп Настев и Тане Џолев. Во неговиот одред влегуваат 250 востаници со ловџиски пушки, пушки „Гра“, секири и коси. Тие се луѓе од селото Пополжани предводени од војводата Никола Ангелов и селото Врбени, Неокази со Крсто Љондев, Крушоради, Хасаново со Цветко Шалапанов, Секулево со Или Мирчев, Горно и Долно Каленик со Ристо Шината, Сович, Сетина, Попадија и други. На почетокот на востанието одредот кој го предводи Џоле ги пресекува телеграфските линии меѓу Лерин и Битола и ги палат турските кули во Врбени, Каленик и други места. Потоа заедно со Александар Поп Настев (Леко Настев) одат во Мариово каде месец дена дејствуваат со Никола Русински, член на штабот на Прилепското горско начелство. Востанието во реонот започнува на 7 август (н.ст) крај Горничево кога пред налетот на востаниците се убиени 50, а 800 турски војници се повлекуваат. По борбите кај Неокази, Сетина, Секулево, востаниците ја освојуваат целата Ниџе планина. На 28 август (ст. ст.) востаниците водат борба кај Душегубец и се повлекуваат. Оттогаш е и народната песна: „ ..Вика Леко Џорлев: - Не плашете се, наши браќа, јаз сум тука на помош. Бој се почна, борба ужасна меѓу Турци и комити. Пушки пукаат, бомби грмат, Турци викаат: "Аллах, Аллах"! "Ура" - извикуваат комити“ Леко Џорлев е еден од ретките војводи, кои по востанието останува во Македонија и придонесува за обновување на активностите на организацијата во Леринско. Во 1904 година Џорлев е фатен и затворен. Во битолскиот истражен затворот лежи и војводата Александар Турунџев, кој заради своето држење пред судот бил осуден на смрт со бесење, додека Џорлев на доживотен затвор. Џорлев е затворен во Солунскиот централен затвор со други дејци на Македонската револуционерна организација, а потоа е испратен на вечно заточение во Фезан во Африка. По Младотурската револуција во 1908 година е амнестиран. Леко бил еден од оние затвореници кои беа помилувани и пуштени на слобода од младотурскиот режим, но турскиот затвор ќе остави трајни лузни во неговата душа. Тоа ќе биде искористено да се фати во врховистичката јадица против Младотурците. Џорлев постојано се наоѓа во првите борбени редови за ослободување на земјата. За време на Првата балканска војна Алексо Џорлев е војвода на партизанска чета бр. 9 од Македонско-одринското ополчение, составена од 15 лица од Леринско, Преспанско и Солунско. Влегува во одредот на Васил Чакаларов. По влегувањето на македонските чети во Македонија дејствува во тилот на турската армија и учествува во борбите кај Копаница. Обединетите чети на Павел Христов, Марко Иванов, Христо Цветков, Алексо Џорлев и други, потпомогнати од вооружената милиција, по упорни борби со турските војници ги ослободуваат во октомври 1912 година Вощарани, Забрдени, Секулево, Врбени и градот Лерин. Алексо Џорлев трагично умира во 1914 година. |