|
||||
Гоце Меѓуречки |
Георги Толев (1874 – 18. IV 1941), познат уште како Гоце Меѓуречки, е македонски револуционер, кукушки војвода на Македонската револуционерна организација, еден од многуте борци за слободата на Македонија Во 1903 година учествува во Илинденското востание, а подоцна е назначен за војвода во Кукушко. По Младотурската револуција, тој одново го напушта легалниот живот и поведува нелегална борба, а во Првата балканска војна дејствува во грбот на отоманската армија и учествува во ослободувањето на Кукуш. Георги Толев е роден во 1874 или 1877 година во кукушкото село Меѓурек, денес Мелисургион, Егејскиот дел на Македонија. Се занимава со трговија, а во редовите на Македонската револуционерна организација го внесува Христо Чернопеев во 1901 година. Георги учествува во Илинденското востание. Во 1903 година тој е четник при војводата Крсто Асенов, а потоа околу три месеци е во четата на Атанас Јовев во Струмичко. Од мај 1905 година, една година е помошник на војводата Крсто Лазаров во Кумановско, каде се бори против рпската пропаганда. Во 1906 година го придружува Даме Груев во неговата обиколка низ Македонија. Во 1907 година е во четата на Кимон Георгиев, а подоцна е назначен за околиски војвода во Кукушко. При избувнувањето на Балканската војна тој е доброволец во Македонско-одринското ополчение (МОО). Учествува во ослободувањето на Кукуш како војвода на партизанска чета бр.26 со 10 четници, која дејствува во Гевгелиско, а подоцна е во здружената партизанска чета на МОО. На 5 октомври 1912 година Гоце Меѓуречки напредува по линијата Петрич-Струмица, на 8 октомври го ослободува Струмичкото село Банско, а кон 12 октомври е во Кукушко. По ослободувањето на Кукуш на 23 октомври 1912 година Гоце Меѓуречки е назначен на висока положба во воено-административната администрација на околијата. По окупацијата на Вардарска и Егејска Македонија од Србија и Грција, Гоце Меѓуречки се вклучува со четата во отпорот на ВМОРО. Во декември 1914 година четата го уништува мостот на реката Водосир (Валандовско) По војните тој продолжува активно да учествува во активностите на ВМОРО како војвода на чета. Од 7 до 11 фебруари 1925 година, Меѓуречки учествува на VI Конгрес на ВМРО (Автономистичка) ко се одржа во селото Србиново, Горноџумајско. Всушност на овој прв конгрес на обновената Организација, која се смета за наследник на Македонската револуционерна организација, одржан по убиството на Тодор Александров, најмногу време се посветило на измените на Уставот и Правилникот организацијата, а во кои целта на ВМРО и натаму останала иста: „Обединување на разделена Македонија во нејзините географски граници и извојување на нејзината целосна политичка автономија“. Меѓуречки учествува и на VII Конгрес на македонската револуционерна организација, односно на вториот конгрес на ВМРО (Автономистичка), кој е одржан од 21 до 25 јули 1928 година во селото Крупник, Горноџумајско. Во специјална резолуција на конгресот ВМРО декларира, дека ќе го продолжи делото на Т. Александров и ќе се бори за извојување на полна политичка автономија на Македонија Гоце Меѓуречки не доживува да ја види својата распарчена и окупирана татаковина слободна и обединета. Умира на 18 април 1941 година во Горна Џумаја, денешен Благоевград, Пиринска Македонија. Во некрологот објавен во "Илустрација Илинден", меѓудругото пишува: „Починатиот беше еден од многуте борци за слободата на Македонија. Во раните години тој дига знамето на борба против тиранијата и води постојано борба до Хуриетот кога со својата чета го напушти Балканот и во разбирање со младотурците поведува легална борба за човечки права и културен развој на својот народ. Излажан, .. (тој – н.з) го напушта легалнот живот и поведува одново нелегална борба, како во 1912 година кога влегува во грбот на отоманската армија и ја вознемирува нејзината заднина. ... По 1918 год., и до последно време покојниот Гоце не престануваат да се интересира живо за слободата на Македонија, но за жал, ... почина со најголема тага по татковината.“ |