|
||||
Димитар Гуштанов |
Димитар Гуштанов (1876 - 4. V 1903) е македонски револуционер и војвода на ТМОРО. Завршил Педагошко училиште во Сер и Духовна семинарија во Самоков, а подоцна и право во Лозана (Швајцарија). Работел како учител во село Старчишта (Неврокопско) и бил професор во Педагошкото училиште и прв директор на Гимназијата во Сер. Прво пристапил во четата на Михаил Чаков, а потоа бил драмски околиски војвода на ТМОРО. На враќање во с. Баница на Гоце Делчев му се придружила и четата на Д. Гуштанов, со кого заедно загинале во борбата со османлиската војска. Селаните ги погребале еден до друг во ист гроб. Димитар Атанасов Гуштанов е роден во 1876 година во селото Крушево, Демирхисарско, Егејскиот дел на Македонија. Израснат во патриотско учителско семејство, Димитар тргнува по стапките на својот татко учителот Атанас Гуштанов. Ги завршил Педагошкото училиште во Сер и Духовната семинарија во Самоков, по што бил учител во Неврокопското село Старчишта. Подоцна заминува за Лозана (Швајцарија), каде завршува право во 1898 година. Истата година, по враќањето во земјата, Гуштанов работи како учител во градот Кочани. Во наредната 1899 година, тој бил назначен од Егзархијата за главен учител на егзархиското класно училиште во Петрич. На оваа должност Гуштанов останува се до 1901 година, а потоа бил назначен за професор во Педагошкото училиште и прв директор на Гимназијата во Сер. Во меѓувреме, уште во 1899 година Димитар Гуштанов се приклучил на Македонската револуционерна организација. Набрзо бил избран за околиски раководител на градот и под негово раководство во повеќе села во Петричко се формираат комитети на Организацијата. Во септември 1902 година, поради прогон од османлиски власти, Гуштанов го напушта учителствувањето и преминува во илегала. Првично пристапил во четата на Михаил Чаков, а потоа бил назначен за член на Серскиот револуционерен комитет. Гоце Делчев го назначува за инспектор на четите од овој револуционерен округ. Извесно време Димитар Гуштанов ја извршува дадената задача како инспектор на Серскиот револуционерен округ на ТМОРО. Во февруари 1903 година тој е назначен за драмски војвода и учествува на советувањето во село Караќор, Неврокопско. На Серското советување, по повод Солунското решение на ТМОРО за кревање на востание, Димитар Гуштанов заедно со војводата на Демирхисарската чета Илија Крчовалијата, Неврокопската и Мелничката чета, кои располагале со околу 80 комити и 200 младинци пријавени за идни комити, ја дочекале четата на Гоце Делчев. На ова советување, со кое раководел Гоце Делчев биле: Димитар Гуштанов, Атанас Тешовалијата, Дедо Иљо Крчовалијата, Јане Сандански, Христо Куслев, Михаил Чаков, Пејо Јаворов, Иван Атанасов Грчето и др. На една затворена средба помеѓу Делчев, Јаворов, Гуштанов и Сандански било договорено да се вложат усилби за измени на Солунското решение, алудирајќи на карактерот на дејствата. Во март 1903 година Гуштанов учествува во рушењето на мостот на реката Ангиста (Драматица), на железничката линија Солун – Цариград, а по советувањето во Караќор, Гоце Делчев заминал за Солун на средба со Даме Груев. На враќање во селото Баница му се придружила и четата на Димитар Гуштанов со кого заедно на 4 мај 1903 година загинале во борба со османлиската војска. Селаните ги погребале еден до друг во ист гроб на полјаната под големо брестово дрво. Во борба со турските аскер во селото Баница, Серско, загинуваат и четниците на Гуштанов: Евстати Арнаутчето, Стефчо од Трлис и Конзулот од Волак, а Георги Савеклијата е тешко повреден и уапсен од Турците. Лазар Томов пишува за Гуштанов во Илустрација Илинден: „И како само тој можеше да почива до најголемиот македонски син - Гоце. Делото на Димитар Гуштанов повторно воскреснува и ќе ја буди свеста во младите генерации...“ |