|
||||
Естреја Овадија - Мара |
Естреја Хаим Овадија - Мара (25. XII 1923 - 26. VIII 1944) е припадник на еврејската заедница во Макединија, учесник во Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ) и народен херој на Југославија. Непосредно пред депортацијата на македонските Евреи, заминува во илегала (10. III 1943) и се вклучува во партизанскиот одред “Даме Груев“ (5. IV 1943)м а потоа во НОПО “Гоце Делчев“ и во други единици на НОВ и ПОМ. При формирањето на Третата македонска ударна бригада била назначена за заменик политички комесар на чета, а при формирањето на Седмата македонска НО бригада (22. VIII 1944) за политички комесар на баталјон. Загинала во борба со бугарските окупаторски сили. Естреја Хаим Овадија - Мара е родена на 25 декември 1923 година во работничко сефаридско еврејско семејство во Битола. Рано останала без татко и многу млада Естреја и нејзините две сестри ја почуствувале сета беда на серимоштијата. Нејзината мајка работела како перачка по богатите битолски семејства, а во издржувањето на семејство се грижела и малата Естреја. Иако морала да работи, таа го посетувала училиштето и била активна во еврејската заедница. Многу рано се вклучила кон напредното работничко движење и била еден од најактивните членови во организациите на напредната младина во својот роден град. Особено била активна во еврејската младинска организација. Во 1938 година, Естреја со неполни 16 години се активирала во Еврејското хуманитарно друштво “Визо“ во Битола. Како нивна активистка, таа заминала на работа во Белград, каде се вклучува во работничкото движење. Во текот на нејзиниот тригодишен престој во тогашната престолнина таа се запознала со повеќе напредни луѓе и ја засилила револуционерна активност.Нејзинот бунтовен карактер доаѓа до израз за време на мартовските демонстрации (27 март 1941 година), кога ја предводела работничката група против предавничката политика на тогашната профашистичка југословенска влада. Во предвечерието на Втората светска војна, како докажан активист, Естреја станала член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ). Во Белград останала да дејствува се до нападот и окупацијата на Југославија во април 1941 година. Веќе во мај, истата година се вратила во Битола, каде се вклучила во подготовките за вооруженото востание. Естреја била особено популарна меѓу еврејската младина. Во 1942 година Естреја Овадија – Мара, станала член на КПЈ, а непосредно пред депортацијата на битолските Евреи, на 10 март 1943 година, таа преминала во илегала. На почетокот, на 5 април 1943 станала борец на Битолско-преспанскиот партизански одред НОПО “Даме Груев“, потоа во НОПО “Гоце Делчев“, кои воделе борби со италијанскиот окупатор во околината на Преспанското Езеро. Естреја како борец се истакнува во повеќе борби и храбро го издржува Февруарскиот поход, кога со единицата од теренот на јужна Македонија, преминува на теренот на Козјак, о оклината на Куманово. При формирањето на Третата македонска ударна бригада Естреја била назначена за заменик политички комесар на чета. На таа позиција таа се истакнува во борбите за Ристовец, Биљача, Злетовските рудници, Кратово и на Петрова Гора. Исто така со својата единица се наоѓа на обезбедување на Првото заседание на АСНОМ. Набрзо потоа е испратена во околината на Битола, а на 22 август 1944 година, при формирањето на Седмата македонска ударна бригада (Битолска ударна бригада) во селото Зборско, на планината Кожуф, таа станала политички комесар на баталјон. Бригадата по формирањето преминала во Битолско, каде ги нападнала позициите на бугарските сили на просторот Ресен – Битола. Во борбите кои Седмата македонска ударна бригадата ги води со бугарските окупаторски сили за граничните Караули на планината Кајмакчалан од 24 до 28 август 1944 година, Естреја Овадија – Мара загинала на 26 август 1944 година. На 11 октомври 1953 година, по повод Ден на востанието на Македонија, Естреја Овадија – Мара е прогласена за народен херој на Југославија. |