|
||||
Ѓурчин Кокалески |
Ѓурчин Кокалески (1775 –1863) е еден од првите македонски преродбеници, истакнат големопоседник, трговец, кнез, ктитор и автор на првиот автобиографски текст со световна содржина во македонската литературна историја на народен јазик и со славјанско писмо под наслов „Наказание“. Бил заштитник на христијаните и борец против грчката културна доминација. Успева од султанот да добие дозвола за градење црква и џамија, за постојано носење оружје и ферман со кој ќе се регулираат давачките во неговиот крај. Во родниот крај финансирал изградба, зографисување и снабдување со црковнословенски книги на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Лазарополе, во која било основано и првото основно училиште. Ѓурчин Илиов Кокалески е роден во 1775 во Лазарополе, во семејството на Илија и Кала. На едногодишна возраст останал без татко, кој бил убиен од арамии. Одгледуван само од неговата мајка Ѓурчин имал тешко детство. Во 1785 година, заради тешката материјална состојба на семејството, мајкаму го дала да слугува кај некои бегови во Дебар. Во текот на две години, таму ќе го научи турскиот и албанскиот јаик, кои потоа во живот ќе му бидат ид голема корист. Во 1787 година Ѓурчин со својот брат Силјан заминал на печалба Катерино каде го научил и грчкиот јазик. По една година се вратил во Лазарополе и работел како терзија кај својот зет Илија Коштрески, кој освен занаетот го научил да пишува на црковнославјанки. Набрзо повторно заминал на печалба. Од 1790 до 1792 работел во Воден како терзија. Покрај терзискиот Ѓурчин се занимавал и со други занаети. Работел како анџија, кираџија, бојаџија, но не се збогатил. Сепак, убав и висок, облечен во убава облека која самиот си ја шиел, тој изгледал како богат човек. Убавиот изглед, познавањето на јазици и женидбата со Ѓурѓа, сестрата на селскиот свештеник поп Мартин во 1798 година, како и започнувањето да се занимава со сточарство, ќе му овозможат да стане богата и позната личност. Ѓурчин Кокале своите овци ги испраќал на зимување во околината на Солун. Станал ќаја и набрзо ја проширува својата дејност. Тој е меѓу првите организатори на сточарска производна задруга; претставник на мануфактурна индустрија и земјишен големопоседник, а се занимавал и со лихварство и трговија. Во 1807 година, по пожарот кој го зафатил Лазарополе, Ѓурчин бил избран за коџабашија на селото (вид на селски кмет), која што должност ја извршувал бесплатно до крајот на својот живот. Веднаш по изборот за коџабашија на селото, Ѓурчин заминал на поклонение на Света Гора, каде се раѓа идејата за изградба на голема црква во Лазорополе. Но за тоа му било потребно одобрение од Султанот. . Ѓурчин не им доволувал на грчките духовници да влегуваат во селото. Исто така, не дозволувал и Турците да влегуваат во селото и да ги малтретираат селаните додека од нив ги собираат даноците, туку самиот ги собирал и им ги носел на турските власти во Битола. Свесен дека колку се повеќе толку се посилни, Ѓурчин како коџабашија за секое новородено машко дете во селото, давал еден златен наполеон, а за секое новородено женско дете давал една бела-меџидија (сребреник). Исто така, како голем верник ги помагал сиромашните, се трудел на сите да им најде работа, ги одвраќал луѓето од пијанства, кражби, разврат и се трудел да не одат луѓето на печалба за да не се осипе селото. Ѓурчин барал од селаните да бидат писмени, чисти и да носат убави алишта. Тој ја делел правдата, недозволувајќи селаните да одат по турски судови. Во селото организирал општествени каси, во кои што ќаите вложувале пари во текот на годината, а тие средства биле користени како помош за оние кои настрадале од турски зулум или пак биле ограбени од арамии. Исто така, овие средства се користеле за општествени цели: за изградба на чешми, за поправка на цркви, манастири, училишта, патишта, за плати на селските учители и попови, за помош на сиромашните во селото, како и за други потреби. Голема била желбата на Ѓурчина во Лазорополе да се изгради голема црква. Без да поседува одобрување на султанот, ѕидањето на црквата започнало во 1832 година. Градењето се одвивало нелегално се до 1838 година, кога Ѓурчин, по добиената препорака од својот пријател Лобуд-паша, успеал да биде примен кај Султанот Махмуд II. На средбата Ѓурчин успела да добие дозвола за градење црква и џамија, за постојано носење оружје и ферман со кој ќе се регулираат давачките во неговиот крај. Зачуван е ферманот за законското право да го заштитува својот крај од одметниците и да учествува во Покраинското собрание во Дебар. По добивањето на ферманот, Ѓурчин со своите соселани продолжил да ја финансира изградбата на црквата, зографисувањето и снабдувањето со црковнословенски книги. На ден Илинден 1841 година црквата „Св. Ѓорѓија“ во Лазарополе била осветена. Во црквата било основано и првото основно училиште, во кое се учело од црковни книги на мијачки дијалект. Училиштето кое било селска сопственост, за него, како и за исплатата на учителот се грижеле побогатите ќаи во селото. Ѓурчин исто така, помагал во обновата на манастирот „Св. Пречиста“ кај Кичево, му помагал на манастирот „Св. Јован Бигорски“, како и при изградбата на храмот во село Росоки во 1836 година. Но, за да го исполни ветеното на султанот, тој ја изградил и џамија во солунското село Лубаново. Ѓурчин Кокалески кој на старост се парализирал, починал во 1863 година. По смртта бил погребан покрај олтарот на лазарополската црква во која за него имало посебен престол, а на којшто додека бил жив често седел. Долги години по неговата смрт, грчките владици не се ни осмелувале да влезат во селото, за да одржат богослужба на грчки јазик. Ѓурчин Кокале кој станал јунак во мијачките песни и преданија, зад себе ќе го остави првиот македонски автобиографски текст на народен јазик и со славјанско писмо под наслов „Наказание“. Под формата на летопис, Ѓурчин во него ни дава информации за политичките и економските услови во Македонија за периодот од 1775 до 1823 година. |