|
||||
Димитар Ризов |
Димитар Ризов (1860 – 23.IV 1918) е македонски деец и бугарски општественик, политичар, дипломат и публицист. Учествува во дејноста на тајниот Македонски комитет чија прва цел е издвојување на автономија на Македонија. Тој бил политички противник на кнезот Фердинанд I поради што е осуден на затвор, но подоцна го прифатил неговиот режим. Тој е бугарски трговски конзул во Скопје (1897-1899), дипломатски агент во Цетиње (1903-1905) и Белград (1905-1907), полномошник во Рим (1908-1915) и за време на Првата светска војна во Берлин (1915 - 1918). Тој ја заштитувал тезата на бугарската влада, но пред неа ги застапувал и интересите на Македонската револуционерна организација. Димитар Ризов е роден во 1860 година во Битола, Македонија. Со основно образование се стекнува во родниот град, а потоа завршил гимназија во Пловдив. Во 1881 година отворил книжарница во Битола, а подоцна во 1882 - 1883 година станал училишен инспектор на егзархиските училишта во Македонија. Во 1881 година Ризов ја објавил на француски јазик првата "Етнографија на Македонија". Во 1883 година заедно со Насте Стојанов од Крушево го помогнал отворањето на книжарницата на прилепчанецот Коне Самарџиев во Солун. Тој е уредник на "Македонскиот календар - Св. Кирил и Методиј", за кого собрал статии, научни истражувања, песни од видни личности како Трајко Китанчев, Константин Мишајков, Андреј Љапчев и др. и ги пратил за печатење во Солун. Во 1884 година Димитар Ризов се населил во Кнежевството Бугарија и како многу македонски емигранти се вклучил во политичкиот живот во Бугарија. Во источнорумелијската престолнина Пловдив тој го уредувал весникот на Либералната партија "Трновски устав" („Търновска конституция“). Ризов учествувал во дејноста на тајниот Македонскиот комитет (подоцна преименуван во Бугарскиот таен централен револуционерен комитет), чија прва цел е издвојување на автономија на Македонија, а во подалечна перспектива и формирање на Балканска федерација. Овој комитет ќе одигра важна улога во подготовката и извршувањето на обединување на Источна Румелија со Кнежеството Бугарија. Од 6 до 9 септември 1885 година Ризов бил член на Привремената управа во Пловдив. Тој е и уредник на весниците "Самозаштита " (1885), "Македонскиот глас" (1885, 1887), "Независност" (1886). По обединувањето, во периодот 1886 - 1887 година, Ризов бил пратеник во Третото големо народно собрание. Поради честата промена на политичките ставови, Ризов го стекнал прекарот "Човек на стоте мислења“. На почетокот Ризов бил политички противник на кнезот Фердинанд I, но подоцна го прифатил неговиот режим и неговата политичка линија. Во јануари 1887 година, Ризов се изјаснил против Регентството и Владата и ги поддржувал русофилските офицерски бунтови во Силистра и Русе, поради што бил уапсен во Црната џамија. Во 1887 година Ризов продолжил со образованието на Универзитетот во Лиеж, Белгија, како стипендист на богатиот бугарски трговец и банкар со руско државјанство Евлоги Георгиев. По враќањето го издавал весник "Христо Ботев", во кој остро го нападнал кнезот Фердинанд I, поради што бил уапсен и осуден на две години затвор. Димитар Ризов и Наум Туфекчиев биле главните организатори на неуспешниот обид за убиство на Стефан Стамболов, На 27 март (15 март стар стил) 1891 година наместо Стамболов бил убиен министерот за финансии Христо Белчев. По падот на владата на Стефан Стамболов, Ризов се приклучил на барањата на македонската емиграција во барањата за спроведување на реформи во Македонија врз членот 23 од Берлинскиот конгрес. Димитар Ризов учествувал во формирањето на Братски сојуз на 27 декември 1894 година во Софија зедно со Трајко Китанчев, Никола Наумов, Андреј Љапчев, Наум Туфекчиев и Тома Карајовов. Во меѓувреме дошло до обединување на мекедонските друштва во Бугарија, за време на првиот македонски конгрес на кој и Димитар Ризов бил делегат. Активно продолжил да учествува во општествениот и политички живот на македонската емиграција сега во рамките на Македонскиот Комитет, подоцна познат како Врховен Македонски Комитет односно Врховен македонско-одрински комитет. Во 1895-1896 го објавил весникот Млада Бугарија (1895-1896), во кој, исто така, го нападнал принцот Фердинанд. Во декември 1895 година на Вториот македонски конгрес Димитар Ризов бил избран за член на ВМОК на Вториот регуларниот конгрес, а подоцна и активно учествувал во работата на организацијата. Од 1897 година Димитар Ризов го сменил својот став кон владата и преминал во дипломатска служба. Тој бил бугарски трговски конзул во Скопје(1897-1899), дипломатски агент во Цетиње (1903-1905) и Белград (1905-1907), полномошник во Рим (1908-1915) и за време на Првата светска војна во Берлин (1915 - 1918). Во 1917 година, во Берлин, заедно со својот брат Никола Ризов, го објавил атласот "Бугарите во нивните историски, етнографски и политички граници" со 40 карти и објаснувачки текстови на германски, англиски, француски и бугарски јазик. Сепак, Ризов никогаш не се откажал од борбата за решавање на македонското прашање. Тој учествувал на Шестиот македоски конгрес на македонските друштва во Бугарија на 1 мај 1899 година, кога за претседател на ВМК е избран Борис Сарафов. На овој конгрес станало и збор за востание во Македонија, но Ризов кој е веќе бугарски дипломат во Скопје задолжен да биде посредник меѓу владата и ТМОРО ги убедувал делегатите дека не треба да се крева востание во Македонија, без бугарската влада и Русија. Тој притоа барал ВМК и ТМОРО да се обединат, но неговите предлози за востанието и организацијата не биле прифатени. И покрај двојната улога која морал да ја игра, сепак, според Ѓ. Петров, Ризов најдобро се држал. За него Х. Татарчев ќе каже дека се држел џентлменски, ја заштитувал тезата на бугарската влада, но пред неа ги застапувал и интересите на Организацијата. Оваа должност Ризов ја извршувал до крајот на 1899 година. Со оглед дека неможел да ги усоглси ставовите на владата и Организацијата, Ризов си поднел оставка на должноста агент при Трговското агенство во Скопје. Димитар Ризов, имал можности отворено да се стави во услуга на великобугарската национална кауза. Но, во моментите на носталгија Ризов пристапувал поинаку кон проблемот на Македонија и кон македонското прашање. Познатиот скулптор Иван Мештровиќ во своите „Спомени“, зборувајќи за своето познанство со Димитар Ризов во Рим во 1912 година, ги бележи следните негови ставови: „Мене, како на Хрват, ми ја објаснуваше вистинската состојба на работите во Македонија и ми зборуваше дека е штета што првата славјанска слободна држава не е создадена во Македонија, која во заедницата еднакво би ги привлекувала Бугарите и Србите и би била алка, а не раздор помеѓу Србите и Бугарите. ...Ми раскажуваше дека Македонците, говорејќи ја објективната вистина, не се ни Бугари, ни Срби, туку македонски Славјани, кои говорат на свој посебен македонски јазик или наречје. ...Нашиот свет, рече, беше само „Македонски христијанин“, потоа стана, кога се разви грчката пропаганда, „Македонски христијанин Славјанин“. Нам ни беше сеедно која христијанска земја, ќе ни помогне да се ослободиме од Турците.. Вистина е дека професорите во гимназијата ни зборуваа оти сме Срби, како и на оние во бугарската гимназија оти сме Бугари, но ние во себе си мислевме, а тоа и дома ни го зборуваа: сеедно, нека прикажуваат тие, но ние сме си македонски Славјани христијани...“ Димитар Ризов умира на 23 април 1918 година во Берлин, Германија. |