|
||||
Григорие Хаџи Ташковиќ |
Григорие Хаџи Ташков(иќ) (6/19. VIII 1875 – 16. VIII 1942) е македонски револуционер, водач на „автономистичкото движење“ во Србија, публицист и книжевник. Бил српски стипендист и соученик и пријател на Крсте Мисирков. Во 1905 година, заедно со Г. Герџиковиќ е обновувач на Македонскиот клуб во Белград и главен уредник на неговиот орган весникот „Автономна Македонија“. Во јули 1918 година е коавтор на Воденската декларација (и автор на крфската Промеморија (во две верзии, 1. и 19. IX 1918) за културно-националниот ентитет и идниот рамноправен конститутивен автономен статус на Македонија во југословенската држава. Григорие Хаџи Ташковиќ е роден на 6/19 август 1875 година во Воден, Егејскиот дел на Македонија. Се школувал во родното место, а потоа станува српски стипендист. Студира во Белград и Париз. Работел како воспитувач и учител, а подоцна и директор на српски гимназии во Македонија (Солун, Скопје, Битола). Меѓутоа, иако е српски воспитаник, тој никогаш не се ставил во служба српската пропаганда. Напротив, тој се истакнал како поборник и станал лидер на „автономистичкото движење“ во Србија. По Илинденското востание 1903 година, во време кога во Македонија беснеат српската, бугарската и грчката пропаганда, идејата за автономна Македонија не се ограничила само во Македонија, туку ги опфатила и македонските печалбари и интелектуалци во Србија, кои ги предводат професорот Григорие Хаџи Ташковиќ од Воден и офицерот Георги Герџиковиќ од Гевгелија, инаку српски воспитаници и жители на кралството Србија. Ташковиќ и Герциковиќ се „приклонуваат“ кон Српското шовинистичко четничко движење на Јован Атанацковиќ и Милорад Гоќевац, надевајќи се дека ќе добијат помош за македонското револуционерно ослободително дело. Согледувајќи го лицемерието на Атанацковиќ и Гоќевац. Герџиков и Хаџи Ташковиќ во весникот „Ден“ ќе истакнат: „ ... Ние сме неповратно решени да работиме за ослободувањето на нашата татковина Македонија, притоа воопшто не водејќи сметка кому тоа се допаѓа, а кому не, без да му го признаеме некому правото за тоа повеќе да се грижи од сопствените синови на таа земја, независно од верата и народноста“. („Ден“, бр. 611, 9 септември, 1905 година) Во 1905 година Хаџи Ташковиќ и Георги Герџиковиќ, кој е учесник во Илинденското востание, го обновува Македонскиот клуб во Белград и го издаваат весникот „Автономна Македонија“ (La Macédoine autonome). Герџиковиќ бил сопственик и одговорен уредник на весникот, а Хаџи Ташковиќ кој бил главен уредник. Преку овој весник на македонската емиграција во Србија, неофицијален орган на Македонскиот клуб во Белград, кој излегува неделно во периодот од 12 октомври до 14 декември 1905 година под мотото "Балканот на балканските народи - Македонија на Македонците", тие ја проповедаат идејата за автономна Македонија. Откако по уличните демострации во Белград беше променета власта, весникот „Автономна Македонија“ по 12 издадени броеви во декември 1905 година престана да излегува, Македонскиот клуб бил растурен, а Хаџи Ташковиќ и Герџиковиќ биле принудени да ја напуштат Србија и да заминат во Бугарија. Македонскиот револуционер и историчар Христо Силјанов во своето дело "Ослободителните борби на Македонија" за Хаџи Ташковиќ и Герџиковиќ ќе напише: "Во Србија, сепак, имаше ... и друга една група од најчистокрвни автономисти - групата околу весник" Автономна Македониjа "... Оваа група има својата трагична историја - толку трагична како и општата судбината на сите Македонци кои несебично му служеле на светлиот автономен идеал. Нејзината дејност, многошумна и несебична, но краткотрајна, е поврзана ко имињата на двајца Македонци со српско воспитание: Георги Герџикович од Гевгелија, српски офицер и Глигор хаџи Ташкович, од Воден, гимназиски учител. Ослободителното движење на своите сонародници ги плени нивните срца и ги направи протагонисти на идејата Македонија за Македонците. Герџикович беше активен борец, хаџи Ташкович, - борец со перо и слово. Во 1903 година Герџикович се најде во Македонија со чета, како доброволец и се запозна одблизу со аспирациите и разбирањата на македонските револуционери од сите струи. Тој се врати во Србија длабоко убеден дека спасението на Македонија е во заедничка борба на населението од потистнати народи, под знамето на Внатрешната организација и почна да работи во оваа насока... Во август 1905 година двајцата другари дојдоа во Софија и од името на групата влегоа со представителите на Внатрешната Организација во преговори за взаемна дејност..“ Многу подоцна, во јули 1918 година, Григорие Хаџи Ташковиќ се јавува како коавтор на Воденската декларација и автор на крфската Промеморија (во две верзии, 1. и 19. ИЏ 1918) за културно-националниот ентитет и идниот рамноправен конститутивен автономен статус на Македонија во југословенската држава. Во Воден, била одржана средба на група македонски интелектуалци, која ги разгледала ставовите и предлозите содржани во Крфската декларација, составена од страна на Југословенскиот одбор и на Српската влада. Иницијатори на средбата биле Чедомир Ѓурѓевиќ, санитетски полковник во српската војска, и Глигорие Хаџи-Ташковиќ. Бидејќи во „крфскиот” документ многу ставови и предлози биле површни, неодредени и недоволно јасно дефинирани, групата Македонци во јули 1918 година издадоа декларација „Ставот на Македонците кон Крфската декларација“ во која бараат обединување на цела Македонија и влегување на претставници од Македонија во Југословенскиот одбор. Во Декларацијата, позната како Воденска декларација, помеѓу останатото, се вели: 1. Никој не оспорува дека Македонците (Македонските Славјани) се југословенско племе, а тоа е чувство и мислење на сите Македонци без разлика. 2. Како југословенско племе солидарни сме со сите југословенски стремежи и ја усвојуваме Крфската декларација од 1917 година. Сакаме и молиме Крфската декларација да се дополни во тоа да ја опфати цела Македонија и сите Македонци. 3. Како резултат на тоа го усвојуваме единството со другите Југословени врз основа на демократско уредување, на чело со династијата Караѓорѓевиќевци. 4. Според тоа, сакаме, и ние Македонците да имаме свои претставници во Југословенскиот одбор, па го молиме Одборот да го прошири својот обем примајќи и претставници на Македонците вон границите на Србија како што се во Одборот и претставници на другите југословенски области кои се вон од границите на Србија". Оваа Декларација го одразува стремежот на македонскиот народ во дадениот историски момент. Односно неговите идеали кон слободата да се решаваат заедно со идеалите на останатите балкански народи во рамките на една поширока заедница изградена врз принципите на рамноправност и еднаквост. Водачот на македонското автономистичкото движење во Србија Григорие Хаџи Ташковиќ умира на 16 август 1942 година во Белград. |