|
||||
Христо Далкалчев |
Христо Далкалчев (с. Владово, Воденско, 12 IX 1878 – 14. XII 1954) е македонски револуционер, воденски војвода на МРО, просветен деец, лекар и универзитетски професор. Ја завршил Духовната семинарија во Цариград, а потоа како главен учител во Гевгелија бил раководител на окружниот комитет на Македонската револуционерна организација. По Првата светска војна бил член на Неутрална обединителна комисија за надминување на поделеноста на македонската емиграција во Бугарија, а потоа влегол во состав на новоформираната Привремена комисија на македонската емиграција во Бугарија. Бил и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО). Се застапувал за „Македонија за Македонците како наполно независна политичка единица од балканските држави, што гарантира апсолутни еднакви права на сите етнички елементи што ја населуваат. Христо Далкалчев е роден на 12 септември 1878 година во воденското село Владово, Егејскиот дел на Македонија. Брат е на Иван Далкалчев. Во 1901 година завршил Духовната семинарија во Цариград и станал учител. Работел како главен учител во Гевгелија (1901-1902) и во Сер. Влегол во Македонската револуционерна организација и, додека бил во Гевгелија, тој бил член на окружниот комитет на Организацијата. Одржувал писмени контакти со четите на војводите Сава Михајлов и Апостол Петков Терзиев. По откривањето на Бајалската афера на почетокот во 1901 година, прогонуван од властите, Христо Далкалчев преку Бугарија емигрирал во Русија. Во 1902 година, со намера да студира медицина, дошол во Санкт Петербург, а потоа, од здравствени причини, се запишал на Медицинскиот факултет во Киев. Христо Далкалчев бил особено активен член на тамошниот Таен македонско-одрински кружок (ТМОК), основан во 1900 година во Санкт Петербурт од Крсте Мисирков и неговите другари. Со цел да го помага материјално и морално македонското дело и според своите можности, да го следи неговиот развиток, тој организирал револуционерни комитети во Москва, Одеса и Санкт Петербург. Христо Далкалчев бил доброволец во руско-јапонската војна во 1904 година. Во 1911 година дипломира медицина во Киев. Во 1914 година дошол во Бугарија и за време на Првата светска војна (1914 - 1918) бил воен лекар во Деветтата пешадиска плевенска дивизија. По завршувањето на Првата светска војна, кога македонското прашање повторно беше отворено на Париската мировна конференција (јануари 1919 – јануари 1920) и имаше потреба од заедничко делување на македонската емиграција, на 24 јули 1919 година, Христо Далкалчев бил избран за член на седумчлената Неутрална обединителна комисија за надминување на поделеноста на македонската емиграција во Бугарија. На 18 октомври 1920 година, спротивставувајќи се на врховистите, заедно со други 62 делегати, демонстративно го напуштил Вториот голем собир на македонските братства и на Извршниот комитет. Заедно со Никола Јуруков, Филип Атанасов, Христо Татарчев и Александар Димитров, Христо влегол во состав на новоформираната Привремена комисија на македонската емиграција во Бугарија, која му претходи на формирањето на Македонската федеративна организација. На состаноците на групата беше назначен за претседател. Тој бил и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО). Христо Далкалчев се застапувал за „Македонија за Македонците како наполно независна политичка единица од балканските држави, што гарантира апсолутни еднакви права на сите етнички елементи што ја населуваат.“ Во септември 1944 година тој го потпишал Апелот на Македонците во Бугарија во Софија. Христо Далкалчев го завршил работниот век како универзитетски професор во Бугарија. Починал на 14 декември 1954 година во Софија. |