|
||||
Петар Новаковиќ – Чардаклија |
Петар Новаковиќ – Чардаклија Петар Новаковиќ – Чардаклија (? - 1808) е македонски доброволец, командир на чета во српските доброволечките одреди (фрајкори) во Австриско-турската војна во 1788 - 1791 г. Учествувал во Првото српско востание и бил доверлива личност и личен пријател на Караѓорѓе Петровиќ. Во дипломатска мисија патувал во Санкт-Петербург и бил член на Правителствујушчиот совет сербски. Посмртен говор му одржал Доситеј Обрадовиќ. Петар Новаковиќ – Чардаклија е роден во 18 век во гостиварското село Леуново. Неговиот поранешен живот преставува мистерија. Веројатно од своето родно село избегал од турските власти во Смедеревскиот санџак, а потоа во Белград работел како гостилничар. За време на Австро-турската војна (1787 - 1791) година заедно со неговиот брат Јован Новаковиќ Чардаклија се приклучил на српските доброволечките одреди (фрајкори), каде бил капетан на чета. По повлекувањето на Австрија, тој отишол во Виена, а потоа во Будим, каде што успеал да воспостави блиски врски со аристократските кругови. Неговата сопруга била познаник или службеник на Александра Павловна, сестра на рускиот император Александар I. Кнегињата Александра била омажена со надвојводата Јосиф, хабзуршкиот гувернер на Унгарија, со кој живеела во Будим. Ова е периодот во кој Петар Новаковиќ - Чардаклија ја добил витешката титула ритермајстор. Петар Чардаклија за цело време останал во контакт со познатите Срби од Унгарија, со надеж дека еден ден ќе биде протерана османската власт од Србија и Македонија. Кога дознал за востанието на Караѓорѓе, тој ја испратил својата сопруга во Харков, а потоа во јули 1804 година преминал во Србија и се ставил во служба на Караѓорѓе Петровиќ. Учествува во Првото српско востание и станал доверлив човек и личен пријател на Караѓорѓе. Тој е член на Правителствујушчиот совет сербски и патува во дипломатска мисија во Санкт Петербург во есента 1804 година заедно со Матија Ненадовиќ, Божа Грујович и Јован Протич. Имено, кога српските востаници одлучиле да побараат меѓународна помош за своите активности, тие прво се обратиле до Виена, но биле одбиени. По ова разочарување, Чардаклија ги советувал да поднесат молба до рускиот император, бидејќи тој повеќе сакал да ги поддржи. Чардаклија го убедил Караѓорѓе дека најдобар начин да се направи ова е со испраќање на делегација во Санкт Петербург. Караѓорѓе се согласи и на 1 септември српската делегација заедно со Чардаклија тргнала на пат. Во Петербург делегацијата се сретнала со рускиот министер за надворешни работи Адам Чарторијски, кој ги сослушал и го предал нивното барање на рускиот император. Адам, исто така, ги советувал да формираат српска влада и им ветил дека Русија ќе го помогне српското прашање влијаејќи врз османлискиот султан. Делегацијата се врати во Србија во средината на декември 1804 година. Чардаклија потоа учествуваше во Собранието во Печани. Во април 1805 година, Чардаклија повторно бил дел од дипломатска делегација. Тој заедно со Алекса Лазаревиќ, Јован Протиќ и Стеван Живковиќ бил испратен во Цариград. Меѓутоа, некои претставници беа подложени на злоставување и мораа да побегнат во рускиот конзулат, потоа да избегаат од градот, плашејќи се за својот живот. Чардаклија и Лазаревиќ се качиле на рускиот брод и отпловиле до Одеса. Од Одеса одпатувале во Петроград, а од таму до Белград. Во Србија, тие се вратија во 1806 година. Во 1807 година, кога Русија одлучила да ја помогне војската на Србите, Чардаклија, заедно со Аврам Лукиќ и Јеремија Гагиќ, бил испратен до главниот штаб на руските експедициски сили стационирани во Влашко. Чардаклија останал во Белград се до својата смрт во 1808 година. Тој бил погребан во Соборната црква во Белград. Говорот на неговиот погреб го држел неговиот пријател, познатиот писател Доситеј Обрадовиќ, кој во тоа време бил министер за образование на Србија. |