|
||||
Арсо Пандурски |
Арсо Пандурски Арсо Пандурски – Кочо (11. VII 1912 – 29. I 1944) е македонски револуционер, припадник на националноослободителното и комунистичкото движење во Пиринскиот дел на Македонија. Соработувал со Никола Вапцаров и со членовите на Македонскиот литературен кружок. Бил член на Окружниот комитет, заменик на Никола Парапунов по воена линија (1941– 1944) и бил командант на Горноџумајскиот партизански одред „Никола Калапчиев“. Загинал во борба против бугарската војска, полиција и контрачета. Арсо Пандурски е роден на 11 јули 1912 година во Горноџумајското село Бучино, Пиринскиот дел на Македонија. Неговиот татко бил деец на Македонската револуционерна организација и соработник на Јане Сандански. Уште како ученик на Горноџумајската гимназија (Благоевград), Арсо бил активен член на Работничкиот младински сојуз (РМС) и градел организации на РМС во селата на десниот брег на Струма. Во периодот од 1935 до 1937 година бил работник на железничката линија Дупница - Горна Џумаја и во водниот синдикат во Бело поле, каде што организирал успешен штрајк. Во 1939 година Пандурски станал студент на Високата трговска школа во Свиштов, а следната година бил префрлен во Државното високо училиште за финансиски и административни науки во Софија. Таму станал член на Бугарскиот општ народен студентски сојуз, а од 1941 година и член на Бугарската комунистичка партија. Во меѓувреме, во периодот од 1938–1942 година, Арсо соработувал со Никола Вапцаров и со членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија. Тој е технички соработник на Централната воена комисија во ЦК на БРП (к) и ја одржува врската со Горноџумајската окружна организација на БРП (к). На 18 февруари 1942 година, Арсо Пандурски бил уапсен од страна на полицијата во Софија. На 5 мај 1942 година, при неговиот трансфер од Софија во Горна Џумаја, тој успеал да избега и станал партизан во Горноџумајско партизанска чета. Судот во негово отсуство му пресудил смртна казна. Во март 1943 година, тој ја добил и втора смртна казна. Арсо Пандурски бил член на Окружниот комитет, заменик на Никола Парапунов по воена линија (1941– 1944). Од пролетта 1943 година тој го води Воениот оддел на Окружниот комитет на БКП во Горна Џумаја и е заменик-командант на Четвртата Горноџумајска востаничка оперативна зона и е командант на Горноџумајскиот партизански одред „Никола Калапчиев“.. Заради масовизирање на партизанското движење и за поврзување со партизаните од Вардарскиот дел на Македонија, Арсо Пандурски со половина од Одредот заминал кон крајот на 1943 година и почетокот на 1944 година на десната страна на реката Струма. Арсо Пандурски – Кочо загинал во борба против бугарската војска, полиција и контрачета на 29 јануари 1944 година кај селото Лисија, Горноџумајско. (извор: МЕ, Скопје, 2009) |