|
||||
Сократ Маркилов |
Сократ Маркилов Сократ Маркилов (12. IV 1921 – 4. VIII 1993) е македонски национален деец во Бугарија по Втората светска војна. Поради својата македонска национална определба, по 1956 година бил прогонуван од бугарските државни органи. Во 1968 година основал тајна Независна македонска организација – „Илинден“ во Пиринскиот крај, а во 1973 година бил уапсен и наредната година осуден на 5 години затвор. Тој станува маченик за македонската национална кауза во комунистичка Бугарија. По падот на комунизмот, во април 1990 година, тој е еден од основачите на легалната Обединета македонска организација (ОМО) – „Илинден“. Сократ Маркилов е роден на 12 април 1921 година во село Бутково, Демир Хисар, Егејскиот дел на Македонија. За време на Вората светска војна тој дезертирал од бугарската армија и стапил во антифашистичкото движење. По Втората светска војна Маркилов живеел во градот Петрич. Незадоволен од односот на бугарските власти кон македонското прашање, тој презема низа активности да го организира македонскиот народ во Пиринска Македонија и македонската емиграција во Бугарија. Во 1968 година, Сократ Маркилов е еден од основачите на тајната Независна македонска организација – „Илинден“ во Пиринскиот крај и меѓу македонската емиграција. Истовремено тој е еден од најактивните дејци на организацијата. Меѓутоа, токму поради својата македонска национална определба. тој бил прогонуван од бугарските државни органи уште од 1956 година. Заради својата македонска национална определба и активности во врска со македонската кауза, Сократ Маркилов бил протеруван и затворан од бугарските власти. Во бугарските затвори, тој одлежал вкупно 17 години. Првиот пат добил пресуда на 12 години, а во 1973 година бил уапсен и наредната 1974 година бил осуден на 5 години затвор. Поради неговите промакедонски активности, покрај Сократ Маркилов, страдало и негово семејство. Тоа било интернирано од кумунистичките бугарски власти во градот Ловеч, при што неговата жена извршила самоубиство. За време на комунизмот во Бугарија, Сократ Маркилов станува маченик за македонската национална кауза. Сепак и покрај сите лични загуби во текот на својот живот, тој не се откажува од борбата за македонската кауза. Маркилов продолжува со своите активности и по падот на кумунизмот на почетокот на деведесетите години на минатиот век. Во април 1990 година тој е еден од оснивачите на легалната Обединета македонска организација (ОМО) – “Илинден“. Истовремено Маркилов учествува во организацијата на првиот и најмасовен собир на Македонците во Бугарија, кај Роженскиот манастир во 1990 година. Од овој период ќе останат запаметени неговите зборови: „Немам што да изгубам. Ниту деца, ниту жена, ми останува само голиот живот. А него секогаш можам да го дадам за Македонија“. Сократ Маркилов починал на 4 август 1993 во Бања Банско, Струмица. По негова желба погребен е во Петрич. |