|
||||
Димитар Матов |
Димитар Матов Димитар Матов (15. V 1864 – 15. IX 1896) е истакнат македонски фолклорист и етнограф, деец на Врховниот македонски комитет. По завршувањето на високото образование во Русија се враќа во Македонија, каде што во учебната 1888/89 г. ја почнува својата кариера на наставник во Солунската гимназија. Во овој период почнува и неговиот зголемен интерес кон јазикот и фолклорот, па системно и неуморно ја проучува македонската културна традиција. Димитар Христов Матов е роден на 15 мај 1864 година во Велес. Со основно образование се стекнува во родното место, а потоа, од 1878 година образованието го продолжува во Русија, во денешните украински градови Николаев и Харков. По завршувањето на гимназијата во Николаев, студира на Историско-филолошкиот факултет во Харков каде слуша лекции по лингвистика кај Александар Потебња, а историја кај Марин Дринов. По завршувањето на високото образование, Димитар се вратил во Македонија и во учебната 1888/89 година, почнал да работи како учител во Солунската гимназија. Во Солун останал да работи две години. Во овој период почнува и неговиот позголемен интерес кон јазикот и фолклорот, па системно и неуморно ја проучува македонската културна традиција. Станал редактор на списанието „Книжици за прочит“, кое го издава книжарницата на Коне Самарџие По две години поминати во Солун, Димитар заминал на специјализација по славјанска филологија кај Јагич и Лескин. Во 1891 година учел кај Ватрослав Јагич во Виена, а во 1892 година кај Август Лескин во Лајпциг. По завршувањето на специјализацијата, Димитар Матов се преселил во Софија, Бугарија, каде работи прво како учител во гимназија. Потоа бил назначен за соработник во научното списание на проф. Иван Димитров Шишманов “Сборник за народни умотворения, наука и книжнина“, на кое во шест години му втиснува белези на високонаучно гласило. Во истиот период активно соработува и во списанието “Български преглед“, во кое објавува серија забележани трудови од областа на историјата, јазикот и фолклористиката. Матов во своите фолклорни дела ја следи теоријата на миграција и прави споредби помеѓу бугарскиот фолклор и фолклорот на балканските, славјанските и другите народи. Во 1893 година, Матов кој станува пробугарски ориентиран, ја објавил брошурата "Српско-бугарски етнографски аргумент пред науката" („Сръбско-българската етнографска препирня пред науката“), во која ги прекорува српските аспирации кон Македонија. Извесен период, Димитар Матов е вмешан и во општествено-политичките настани. Тој е истакнат деец на македонската емиграција во Бугарија, пишувајќи многубројни трудови за македонското прашање. Во 1895 година на Вториот македонски конгрес Матов е избран за член на Врховниот македонски комитет, на чие чело се наоѓал Трајко Китанчев. Тој работи како секретар на Врховниот македонски комитет,. Димитар Матов се занимавал со собирање на фолклористички материјал од Велес и Велешко и печател студии од областа на јазикот и фолклорот. И самиот почнал да пишува, при што оставил скромни траги во поезијата, сметајќи ја како „грев на младоста“. Негови литературни дела се песните „Македонија“ и „Сурвакана на 1881 година“. Во нив ја истакнува својата приврзаност за автономна Македонија. Димитар Матов починал на 15 септември 1896 година. Умира мошне млад по неуспешна операција во Дрезден, Германија. Смртта го затечува како доцент на Софискиот универзитет. |