|
||||
Димитар Ацев |
Димитар Ацев Димитар Ацев (15. X 1893 - 9. X 1923) е македонски учител и од 1912 година е деец на Бугарската работничка социјал демократска партија - тесни комунисти (БРСДП-т.с.), која во 1944 година е преименувана во Бугарска комунистичка партија (БКП) Бил учител во струмичкото село Босилово и во Петричко, Пиринскиот дел на Македонија Во месното читалиште основал аматерски театар, оркестар со кој диригирал, а бил основоположник и на фудбалската игра во градот. Бил соработник на “Работнически вестник“. Во Септемвриското востание (1923) бил командир на чета во Горноџумајскиот востанички одред “Христо Ботев“. По поразот бил уапсен, злоставуван и обесен во центарот на Горна Џумаја. Димитар Ацев (Шуманов) е роден на 15/29 октомври 1893 година во Берово, град сместен под падините на Малешевските планини. Тој е роден во печалбарско семејство и завршил Скопското средно педагошко училиште. По завршувањето на училиштето работел како учител во струмичкото село Босилово (1913-1914) и во Петричко. Уште во 1912 година, Димитар Ацев станал деец на Бугарската работничка социјал демократска партија - тесни комунисти (БРСДП-т.с.). Зел учество во Првата светска војна (1914 - 1918), но агитирал против милитаризацијата. При крај на војната, по започнување на пробојот на Македонскиот фронт и поразот кај Добро поле, Ацев зел учество во т.н. Војничкото востание кое започнало на 24 септември 1918 година со цел да се смени актуелната воинствена власт во Софија и да се казнат виновниците за војната. По завршувањето на Првата светска војна, Димитар Ацев станал учител во Крупник, Горноџумајско (ден. Благоевградско), каде што предавал во учебната 1920-1921 година. Таму основал група на БКП и од април 1921 година бил секретар на Градскиот комитет, а подоцна и на Окружниот комитет на БКП во Горна Џумаја, поради што бил уапсен (1921). Во месното читалиште Ацев основал аматерски театар, оркестар со кој диригирал, а бил основоположник и на фудбалската игра во градот. Истовремено бил и соработник на “Работнически вестник“. Во 1923 година Димитар Ацев учествувал во подготовките за Септемвриското востание. Тој бил командир на чета во Горноџумајскиот востанички одред “Христо Ботев“. Уште на почетокот бил склучен договор помеѓу ВМРО и БКП да не се дига востание во Пиринскиот дел на Македонија, а ВМРО нема да ги спречува во подготовките. По започнувањето на борбите еден одред од над стотина вооружени луѓе, на чие чело биле Тодор Чопов и Димитар Ацев, тргнале на помош на востаниците кон бугарскиот град Дупница, придржувајќи се до договорот. Откако биле известени дека прекинал бунтот во Дупница, одредот се поделил и една група заминала за Разлог, а другата за Горна Џумаја. Меѓутоа, некои од комунистите не го испочитувале договорот, особено во Разлошко, каде востаниците предводени од Владимир Поп Томов на 23 септември 1923 година го завземаат Разлог поранешна Мехомија. Во тие моменти, за да не ја изгуби доминацијата во Пиринска Македонија, ВМРО се вмешува на страната на актуелната власт. По преговороте со ВМРО голем дел од востаниците го предале оружјето на Организацијата, но некои се повлекуваат и во планините. По задушувањето на востанието учителот Димитар Ацев бил уапсен, злоставуван и обесен. Тој бил обесен во Горна Џумаја заедно со адвокатот Никола Лисичков и нотарот Стефан Велинов, откако ноќта меѓу 9 и 10 октомври 1923 година на старите врби во центарот на градот биле направени бесилки. |