|
||||
Иван Апостолов |
Иван Апостолов Иван Апостолов (1847 – 1926) е македонски ајдутин, револуционер и неврокопски војвода. Познат како Ване Македонецот учествувал во Српско- турската војна (1876) во четата на војводата Иљо Марков Малешевски, во Руско-турската војна (1877/1878), и во Кресненското востание (1878/1889). Од 1902 година станал војвода на чета на Македонската револуционерна организација во Неврокопско. Активно учествувал и во Илинденското востание во 1903 г. Иван Апостолов е роден во 1847 година во неврокопското село Куманиќ, денес Дазото, Грција или Белица, Разлошко. Долги години бил ајдутски војвода кој дејствувал во родниот крај. Потоа учествувал во Руско-турската војна од 1877-1878 година, а во 1878/1879 година бил во четата на Орчо Војвода и учествувал во Кресненското востание, уште познато како Македонско востание. Во текот на борбите со турскиот аскер, Иван Апостолов бил заробен и осуден од турските власти на доживотен затвор. Тој бил испратен казната да ја издржува на грчкиот остров Родос. Во 1897 година е амнестиран, по што бил назначен за учител во родното село. Во 1897 година учествувал во акцијата на Врховниот комитет, како десетар на Крсто Захариев. Иван Апостолов, уште познат како Копоран Чауш, Даскалот, Куманичлијата и Ване Македонецот влегува во Македонската револуционерна организација. Од 1902 година е назначен за војвода на чета во Неврокопско. На почетокот на февруари 1903 година, во подготвителниот период за престојното востание, Ване Македонецот присуствувал на средба на Гоце Делчев со дејците на Серскиот револуционерен округ. Во текот на Илинденско востание, тој учествувал во неколку судири со турската војска во Неврокопско. Тој со својата чета учествувал во нападот врз турскиот гарнизон во селото Обидим, заедно со четите на Михаил Чаков, Стојан М’лчанков и Никола Грујчин. На 13 и 14 септември 1903 година, обединетите чети, потпомогнатите од селските милиции заминале за Обидим. Вечерта на 14-ти востаниците го нападнале селото и ја опколиле касарната и училиштето каде што била сместена војската. Училиштето било запалено и турскиот аскер се разбегал, по што започнале улични борби. По 6 часа борби, турскиот аскер се повлекол до месноста „Свети Спас“, каде борбата продолжила. Македонските вопстаници имале само 2 загинати и едно дете, додека турскиот аскер имал 50 загинати и 35 ранети војници. Поради тоа аскерот се повлекол кон помачкото село Филипово, каде на 15 и 16-ти септември се собрал башибозукот од Филипово, Рибново и другите помашки села. На 16 септември, турскиот аскер и востаниците, во кои била и четата на Иван Апостолов се судриле во месноста Харамибунар (Ајдучки бунар). Во судирот турската воска претрпела нови загуби. Тие имале 35 убиени војници, меѓу кои и турскиот командант, како и многу ранети. По востанието Иван Апостолов нашол прибежиште во Бугарија и потоа станал комита во четата на војводата Атанас Тошовалијата. Во 1905 година, влегол во Македонија со четите на Андон Ќосето, Петар Милев и Кочо Молеров, но заради големите снежни наноси тие се вратиле во Бугарија. Иван Апостолов или Ване Македонецот починал во 1926 година во бугарскиот град Долна Бања, Костеничко. |