|
||||
Глигор Смокварски |
Глигор Смокварски Глигор Смокварски (8. V 1914 – 15. III 1974) е претставник на Втората генерација македонски композитори. Во историјата на македонската музика ќе остане забележан како автор на првиот македонски балет „Македонска повест“ (1952). Покрај тоа, напишал уште низа оркестарски композиции и други дела, педесетина композиции за камерни состави, за хорски ансамбли, како и голем број обработки на народни песни за симфониски оркестар. Пишувал и музика за филм. Во своето творештво главно се инспирирал од богатиот македонски фолклор. Глигор Смокварски е роден на 8 нај 1914 година во малешевското село Будинарци. По завршувањето на основното училиште, станал питомец на Воената музичка школа во Вршац, која ја завршил во 1939 година. Пред почетокот на Втората светска војна, настапувал како музичар во оркестрите во Ниш, Суботица и Белград. По окупацијата на кралството Југославија, Смокварски бил извесен период подофицир-музичар во бугарска војска. Иако како музичар настапувал за бугарскиот окупатор, тој јавно ја истакнувал својата национална припадност, што се гледа од списокот на бугарскиоте воени власти, каде во графата народност тој е заведен како Македонец. По ослободувањето на земјата, Глигор Смокварски дошол во Скопје каде ја продолжува својата музичка кариера. Тој е прв кларинетист и еден од втемелувачите на првиот симфониски оркестар, кој започнал да работи кон крајот на 1944 година, при Радио Скопје. Настапувал и во оркестарот на новоформираната Македонска опера, а потоа се занимавал со компонирање и педагошка дејност. Смокварски предавал обоа и кларинет во Средното музичко училиште во Скопје. Покрај тоа, тој се занимавал и со мелографија на народни песни (собирање, запишување на народни мелодии), со што ја поставува основата на својот творечки стил. Во музичкиот живот во Македонија, Смокварски активно е присутен цели три децении. Првите композиторски обиди, тој ги направил веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Најраните оригинални творечки обиди на Смокварски се забележани во 1944 година, кога го создава своето прво сериозно музичко дело, Фантазија за симфониски оркестар, кое е изведено на крајот на 1944 година под диригенство на Тодор Скаловски, како прв концерт на симфониски оркестар, емитуван на брановите на Радио Скопје. Во историјата на македонската музика Глигор Смокварски ќе остане забележан како автор на првиот македонски балет „Македонска повест“ од 1952 година. Неговиот втор балет „Болен Дојчин“ ќе го создаде дури по 18 години, во 1971 година. Покрај тоа, во меѓувреме, Смокварски напишал уште низа оркестарски композиции и други дела, околу 50 композиции за камерни состави, за хорови, како и голем број обработки на народни песни за симфониски оркестар. Пишувал и музика за филм. Во своето творештво Глигор Смокварски главно се инспирирал од богатиот македонски фолклор. Неговите композиции се силно вдахновени со топла народна мелодика. Меѓу неговите дела познати се: Македонска повест, балет (1952); оркестарски композиции и други дела: Фантазија бр. 1 (1945), Скерцо (1951), 11 Октомври, симфониска поема (1955), Рапсодија бр. 1 (1956), Стихија, симфониска поема (1970), Болен Дојчин, балет во три чина (1971); композиции за камерни состави: Гудачки квартет (1954), Дувачки квинтет (1974); за хорски ансамбли и др.; музика за филм („Селскиот учител“, 1953; „Фрески“, 1957). Во текот на својот живот Смокварски извршувал и други важни функции. Тој бил прв секретар на Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) и др. Неговите дела можат да се сметаат како битно скалило во развојот на македонското музичко творештво. Поголемиот дел од нив во последната деценија на XX век имаа своевидна ренесанса, и се снимени и издадени на носачи на звук. За својата работа, тој е добитник на наградата „11 Октомври” (1973) Глигор Смокварски починал на 15 март 1974 година во Скопје. |