|
||||
Јордан Николов - Орце |
Јордан Николов - Орце Јордан Николов Антонов ( 7. I 1916 - 3/4. I 1942) е македонски револуционер, комунистички деец и народен херој. Бил активист на УРС- овите синдикати и член на КПЈ од 1935 година. Ги организирал илинденските излети во 1940 година, поради што бил уапсен во август 1940 година и осуден на две години затвор и лежел во Кикинда, Лепоглава и Сремска Митровица. Со група затвореници, низ прокопан тунел, успеал да избега во август 1941 година и се вклучиле во Фрушкогорскиот НОПО, преку кој се префрлил до Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ во слободното Ужице. Со група партизани, во обид да се префрли во Македонија, наишол на бугарска заседа и по кратка борба загинал. Познат е како Орце Николов и во 1945 година, како еден од првите борци од Македонија бил прогласен за народен херој на Југославија. Јордан Антонов Николов – Орце е роден на 7 јануари 1916 година во Скопје, во работничко семејство. После завршеното основно училиште, во 1934 година го изучил кројачкиот занает. Соочувајќи се со тешкиот работнички живот пристапил на синдикалното движење, а во 1935 година станал член на КПЈ. Како активист на УРС- овите синдикати бил член на Меѓуструковиот синдикален одбор и одбор за штрајкови. Во текот на 1937 година служел воен рок во Загреб, а во пролетта 1939 година се вратил во Скопје, каде пролжил со синдикалните и партиските активноси. Во текот на 1939-1940 година бил секретар на Подружницата на шивачките работници и секретар на Месниот комитет на КПЈ во Скопје и член на привременото Биро на Покраинскиот комитет на КПЈ во Македонија . Во 1940 година, Орце Николов ги организирал илинденските демонстрации, поради што бил уапсен и осуден. Судот за заштита на државата на кралството Југославија го осудил на две години затвор кои ги лежел во затворите Кикинда, Лепоглава и Сремска Митровица, каде што бил член на Затворскиот комитет на КПЈ. На Покраинската конференција одржана на 8 септември 1940 година во отсуство бил избран за член на ПК на КПЈ во Македонија, а на Петтата земска конференција на КПЈ одржана во Загреб од 19 до 21 октомври 1940 година и за кандидат за член на ЦК на КПЈ. За време на Втората светска војна, додека Орце бил на робија во Сремска Митровица кралството Југославија беше окупирано од фашистичка Германија и нејзините слуги. Неколку месеци по априлската војна и окупацијата, на 22. VIII 1941 година, група од 32 затвореници, меѓу кои и Орце Николов избегале од затворот и се приклучиле на Фрушкогорскиот НОПО (народноослободителен партизански одред). По извесно време Орце се префрлил до Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ во слободното Ужице, од каде добил задача да се префрли во Македонија за да помогне во организирањето на ослободителното движење. Бидејќи бугарските окупатори добро ја чувале границата помеѓу нивната и германската окупациска зона на југот на Србија, секој обид за премин на оваа граница бил опасен. Во првиот обид да се премине границата Орце не успеал и се вратил. Вториот обид за премин на границата бил со група партизани на 3 и 4 јануари 1942 година, кај Владичин хан. Меѓутоа и овој пат наишле на заседа на граничната полиција и по кратка борба Орце Николов загинал, Со указ на Претседателството на АВНОЈ на 29 јули 1945 година, Орце Николов бил меѓу првите борци од Македонија и од Народноослоботелната војска на Југославија прогласен за народен херој. |