|
||||
Марко Мушевич |
Марко Мушевич Марко Мушевич (ок. полов. на XIX в. - по 1920) е македонски културно-национален деец, иконописец и собирач на народни песни. Како иконописец ја обиколил Македонија, Бугарија, Србија, Романија, Турција и Русија. Тој барал помош од тамошните власти, но и разговарал со европските преставници за програми за културно издигнување и политичко ослободување на македонскиот народ. Марко бил член на санктпетербуршкото Македонско научно-литературно другарство и бил истомисленик е со Ѓорѓија Пулевски, Исаија Мажовски, Константин и Стојан Везенкови, како и други македонски преродбеници во врска на древното етничко потекло на денешните Македонци. Истовремено, тој собирал македонски народни песни, инсистирал на отворање училишта во Македонија и печати буквари на македонски јазик. Марко Атанасов Мушевич е роден околу половината на XIX век во Крушево. Основно училиште завршил во родното место, а потоа го изучил молерскиот и иконописниот занает. По ослободувањето на Бугарија (формирање на кнежество Бугарија - 13 јули 1878 година), работел како молер и иконописец во Софија. Како иконописец Марко ги обиколил Македонија, Бугарија, Србија, Романија, Турција и Русија. Покрај македонски, зборувал турски, грчки, романски, албански, руски, српски и бугарски јазик. Марко Мушович, познат уште како Марко Мушевич – Македонец, бил истомисленик со Ѓорѓија Пулевски, Исаија Мажовски, Константин и Стојан Везенкови, како и со други македонски преродбеници во врска со древното етничко потекло на современите Македонци. Сите тие во темелите на својата идеологија за посебноста на македонскиот народ ја поставија државноста и културата на античката македонска држава. Мушович собирал македонски народни песни, инсистирал на отворање училишта во Македонија и печати буквари на македонски јазик. Исто така контактирал со истакнати луѓе од Европа, а во Солун, Софија, Белград барал помош од тамошните власти, но и од европските претставници, „за очајната состојба на измачените, несреќни, но силни по дух славјано - македонци“. На тамошните власти им предлагал програми за културно издигнување и политичко ослободување на македонскиот народ. На 9 јануари 1885 година, во Санкт Петербург. Марко имал аудиенција кај императорот Александар III, на кого му подарил стари монети собрани во Македонија, а од името на македонскиот народ му предал Меморандум кој подоцна бил објавен во петербуршкиот весник „Свет“ (5. VII 1885) под наслов за “Тешката положба на Македонија под турското ропство“, Во овој документ се вели: „Во западниот дел на Македонија, во Дебарскиот и Охридскиот округ, па и воопшто во целата Македонија, се прават сè поголеми и поголеми ѕверства од страна на Турците… Македонскиот народ, предизвикан од турските разбојнички банди, почна самиот да се брани… Ние, малите, несреќни, но силни духом Слоавјани Македонци едногласно молиме да обрнете внимание на сегашните наши страдања што ги трпиме под турското ропство“. Од 1887 година, Марко Мушович соработувал со Македонскиот комитет во Софија, а на 18. IX 1889 година поднел национална програма за Македонија до српскиот министер за надворешни работи во Белград. Во 1902 година, од „името на православното национално население“,Марко отпатувал за Санкт Петербург, каде бил примен од царот Николај II, на кому му се „обратил“ за позицијата на Македонија. Тој на рускиот император му поднел петиција, потпишана од 91 македонски емигранти и печалбари во Србија (7. II 1902). По двомесечниот престој во Воскресенскиот мисионерски манастир, се вратил во Македонија и со собраните Македонци околу Македонскиот клуб во Белград и весникот “Балкански гласник“ планира да обнови еден манастир во Битолско “што би можел да стане центар за Македонија“ со замисла да се издава македонски весник во Солун, но и во Русија (август 1902). Во Битолскиот вилает во 1908 година, по иницијатива на Марко Мушович пак се покренало прашањето за воведување на македедонски јазик во училиштата. Тој одново оди во Русија и заедно со Наце Димов (познат како Атанас Чуповски) на 13 мај 1910 година поднесуваат нов меморандум до Светиот синод на Руската православна црква со барање помош за обновување на разурнатиот Житошкиот манастир “Св. Атанасија“ и за отворање на стручно (занаетчиско) училиште со интернат во него, во кое ќе се предава на македонски јазик. По посетата на Димитрија Чуповски во Крушево, живописецот Марко, од името на верниците од истиот манастир, поднесува молба до Светиот синод на РПЦ за помош за отворање македонско училиште со пансион во манастирот (15. Х 1911). Балканските војни ја оневозможуваат иницијативата и Марко привремено се повлекол на Света Гора и во Житошкиот манастир, а потоа се оженил и живеел во Крушево. Марко Мушевич како молер и живописец животот го завршил во Прилеп по 1920 година. |