|
||||
Стојан Донски |
Стојан Донски Стојан Донски (1869 – 9. VII 1904) е македонски револуционер, војвода на Македонската револуционерна организација. Поради учество во Мелничката акција бил осуден на 101 година затвор. По амнестијата бил врбуван од српската пропаганда, но се откажал. Станал битолски околиски војвода. Стојан бил познат под псевдонимот Донски. По востанието, по предаство од србоманите, Донски загинал во битката со Турците кај светиниколското село Горно Ѓуѓанци. Стојан Ангелов Донски е роден во 1869 во леринското село Битуша. Во 1894 година заминал за Бугарија, а веќе наредната 1895 година учествувал во таканаречената Мелничка акција на Македонскиот комитет. Тој бил заробен во битката и осуден на 101 година егзил во Дијарбакир. По амнестијата Стојан Донски се вратил во Македонија и живеел во селото Смилево. Тој станал четник кај војводата Никола од битолското село Брезово, познат како херојот. Во 1901 година, Донски се здружил со српскиот офицер и деец на српската пропаганда во Македонија, Живојин Рафаиловиќ, а Донски станал војвода на чета организирана и вооружена од страна на Белград. Сепак, по неговото пристигнување во Македонија, Донски не пропагирал србизам, туку се сврзува со Македонската револуционерна органиација. Тој положил заклетва кај војводата Георги Поп Христов и бил поставен за војвода во битолскиот округ. Во однос на делувањето на српската вооружена пропаганда во Македонија, македонскиот револуционер, историчар и деец на Македонската револуционерна организација Христо Силјанов ќе напише: „Сепак, неуспешен обид беше направен во Белград, во текот на истото лето, со Стојан Донски. Донски, поранешен арамија од селото Битуша, се појавил во битолско со чета организирана од комитетот на Ж. Рафаилович. Тој ги обнови врските со своите стари скривалишта во селата во подножјето на Пелистер и Бигла, но без да промовира никаков србизам. По наредба на Д. Груев, кој во тоа време беше затвореник во Битола, Георги Поп Христов се сретна со Донски и успеа, без потешкотии, да го посвети на револуционерната кауза. После положената заклетва, Донски беше назначен за привремен окружен војвода во Битола и до крај верно и служеше на Организацијата.“ Донски ја водел четата во битолскиот и ресенскиот регион до почетокот на 1902 година кога бил заменет со војводата Славејко Арсов. За тоа време, неговите јатаци биле Мико Кокин во Смилево, Филип Терзиов во Градешница, Тодор Фурнаџиев во Лажец и Битола. Во 1903 година, Стојан Донски учествувал во Илинденското востание и бил меѓу бранителите на Смилево. Во летото 1904 година, четите на Стојан Донски, Славејко Арсов и Атанас Бабата биле предадени од страна на србомани од селото Кокошино. Македонските чети биле опколени во близина на светиникоското село Горно Ѓуѓанци. На 9 јули 1904 година, во шестчасовна битка во која Турците користеле артилерија и коњаница, загинале војводите Донски и Арсов заедно со 20 четници. Другите, предводени од Атанас Бабата, успеале да го пробијат кордонот. Тие по битката ги казниле предавниците од селото Кокошино (Кокошинско клање). Во четата на војводата Стојан Донски, биле Михаил Каранфилов од кичевско Дупјани (убиен), Кочо Матев од кичевското село Крушица (убиен), Бојче Павлев од кичевското село Миокази, Љубе Софрониев од кичевското село Миокази, Илија Христов од леринското село Неолени (убиен) и Коле Ѓоров. |