|
||||
Руша Делчева |
Руша Делчева Руша Делчева (1868 - 9. VI 1945 ) е македонски револуционер, првата жена член на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО). Таа е постара сестра на Гоце Делчев и мајка на револуционерите Владимир, Тодор и Туше Чопови. Од април 1895 год. била член на Првиот револуционерен комитет на ТМОРО во Кукуш. Учествувала во соборувањето на детронизираниот султан Абдул Хамид во 1909 год. По изгонувањето на османлиските власти од Кукуш во 1912 год., како доброволка дејствувала на чело на чета на Македонско-одринското ополчение на линијата Кешан– Малгара–Димотика. По палењето на Кукуш во Втората балканска војна во 1913 год., емигрирала во Бугарија, каде што нејзиниот дом бил сврталиште на многу истакнати македонски револуционери. Марија Николова Чопова (моминско Делчева) е родена во 1868 година во градот Кукуш, Егејскиот дел на Македонија. Таа е ќерка на Никола и Султана Делчеви, постара сестра на Гоце Делчев и мајка на револуционерите Владимир, Тодор и Туше Чопови. Таа се омажила за фурнаџијата Андон (Доне) Чопов. Најстарата сестра на Гоце Делчев, позната како Руша, била првата жена член на Тајната Македонско-0дринска Револуционерна Организација. Од април 1895 година, таа е член на Првиот револуционерен комитет на ТМОРО во Кукуш, основан од нејзиниот брат Гоце. По заминувањето од Кукуш, Гоце Делчев ја оставил во градот за свој помошник, а нејзината куќа станала центар за илегални активности на организацијата. Рамо до рамо со другите македонски патриоти, Руша Делчева активно зела учество во борбите за ослободување на Македонија. Извесно време таа била советник на кукушкото раководно тело на Македонската револуционерна организација и курир. По Младотурската револуција, во 1909 година, со педесетина кукушани, Руша учествувала во соборувањето на детронизираниот султан Абдул Хамид Втори. За време на Првата балканска војна во 1912 година таа е доброволец во Македонското-одринско ополчение заедно со синовите Тодор, Туше и Владимир, како и со брат и Христо Делчев. Таа е војвода на Кукушката чета заедно со Иван Тошев и учествувала во изгонувањето на османлиските власти од Кукуш. На чело на четата таа дејствувала на линијата Кешан – Малгара–Димотика. По војната била санитарка. По палењето на Кукуш во Втората балканска војна во 1913 година, таа емигрирала во Бугарија. Прво живела во Софија, а подоцна во Горна Џумаја (денешен Благоевград) каде што нејзиниот дом бил сврталиште на многу истакнати македонски револуционери. Руша ќе остане запаметена како бестрашна, решителна и силна жена. Како сведок на врховистичките убиства на македонските дејци таа јавно ги обвинила за злосторот кој и го нанеле на македонската борба за слобода, како и на нејзиното семејство, посочувајќи ги нив како нарачатели на убиството на нејзиниот брат Гоце Делчев. По 1925 година повторно живеела со семејството во Софија. Таа ја помагала и кумунистичката активност на својот син Туше, а нејзиниот дом станал прибежиште на комунистичките дејци. Според спомените на нејзината ќерка Лика Чопова – Јурукова, пред да почине, Руша одбивала секаква медицинска помош и лекови. На смртната постела таа рекла: "Јас живеев 77 години и за тоа време многу видов и многу страдав. Доста беше. Ќе умрам со тага во душата дека не почекав да ја видам слободна цела Македонија, за која дадовме толку многу жртви“ |