|
||||
Ратко Јанев |
Ратко Јанев Ратко Јанев (30. Ⅴ 1939 – 31. XII 2019) е македонски физичар, професор и научник со светки углед во областа на атомската и нуклерната физика, член на МАНУ. Работел во Институтот за нуклеарни науки во Винча и во Институтот за физика во Белград, и повеќе од една деценија во Меѓународната агенција за атомска енергија на создавање податоци за атомски судири во плазма и нивна евалуација, а во врска со истражувањето на фузијата. Објавил голем број статии во врвни списанија на споменатите теми и е еден од најцитираните научници во областа на атомската физика. Меѓудругото добитник на престижната Хумболтова награда за физика. Ратко Јанев е роден на 30 мај 1939 година во градот Свети Врач (денешен Сандански), Пиринскиот дел на Македонија. Гимназија завршил во 1957 година во Скопје. Образованието го продолжил на Електротехничкиот факултет на Универзитетот во Белград, каде дипломирал во 1963 година. По завршувањето на постдипломските студии во 1965 година на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Белград се вработил во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча. Во текот на 1966 и 1967 година тој ја продолжил својата наобразба и специјализација на Државниот универзитет во Ленинград (денешен Санкт Петерсбург), на тема „Процеси на електронскиот зафат во бавните атомски судири“. Својата докторска дисертација ја одбранил на ПМФ во Белград во 1968 година. Ратко Јанев работел како научен советник во Институт за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча до 1972 година, а потоа во Институтот за физика во Белград до 1987 година. Од 1969 година држел курсеви на постдипломските студии на ПМФ во Белград (Отсек теориска физика), а во периодот од 1970 до 1973 година држел предавања по атомска физика на ПМФ во Скопје. Неговата повеќегодишна преокупација биле теми поврзани со атомски судири. Објавил голем број статии во врвни списанија на споменатите теми, за гасни ласери, судири со тврди површини, карактеризација на процесите во токамак и др. Бил гостин-професор во повеќе универзитети низ светот. Држел предавања на повеќе универзитети во Европа (Парис, Бордо, Аархус, Стокхолм, Москва, Лондон, Дарам, Брисел, Лувен-ла-Нев), Америка (Боулдер, Ноксвил, Принстон), Јапонија (Нагоја, Кјото,Токио, Осака) и Кина (Пекинг, Шангхај, Сиан, Ченгду). Покрај тоа, проф. Јанев остварил и долгогодишна научна соработка со врвни светски истражувачки институции како што се: Париската обсерваторија во Медон, Физичкиот институт на Руската академија на науките во Москва, Курчатовскиот институт во Москва, Санкт-Петерсбугскиот иниверзитет, Лабораторијата за атомски судири при Католичкиот униврзитет во Лувен-ла-Нев, Белгија, Пристонската лабораторија за физика на плазмата, Националната лабораторија во Оук Ридж, Националниот институт за фузиона наука во Таџими, Јапонија, Истражувачкиот центар во Јулих, Германија, Институтот за применета физика и математика во Пекинг, Кина. Во текот на својата научно истражувачка работа, проф. Јанев дава особен допринос во развитокот на асимптотската теорија на изменските заемнодејствија меѓу атомските честици и меѓу атомските честици и цврстите површини, квантната динамика на судирните процеси на многократно наелектризираните јони со атомските честици, физиката на атомските процеси во густи, високотемпературски лабораторијски и астрофизички плазми, како и во магнетски и инерцијано конфинираните термонуклеарни плазми. Во последните години неговиот научен интерес бил насочен кон атомските и молекуларните процеси во раната фаза на еволуцијата на Вселената и галаксиите и т.н Проф. Јанев бил еден од најцитираните научници во областа на атомската физика. Во осумдесетите и деведестите години на минатиот век тој имал позиции во Нобеловиот комитет (како предалагач на кандидатите за Нобеловата награда за физика). Проф. Јанев активно соработувал и со Скопскиот универзитет и со МАНУ. Исклучителен е неговиот придонес за развојот на науката во Македонија. За член на Македонската академија на науките и уметностите, надвор од работниот состав, е избран на 7 октомври 1988 г., а за редовен член е избран на 16 октомври 2000. Во периодот од 1988 до 1999 година, акад. Јанев раководел со програмите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена. Повеќе од една деценија во МААЕ тој работел на создавање податоци за атомски судири во плазма и нивна евалуација, а во врска со истражувањето на фузијата. Покрај тоа, проф. Јанев бил преставник на Македонија и помогнал во процесот на зачленување на земјата во МААЕ во Виена. Заради својата репутација од областа на атомската физика акад. Јанев бил член и на Советот за електронски и атомски судири на Европското физичко општество (1993-1997), како и член на научните или програмски комитети на меѓународните конференции. Заедно со проф. А. Далгарно од Харвардскиот универзитет, акад. Јанев во 1998 година ја иницира биеналната Меѓународна конференција за атомски и молекуларни податоци и нивните примени (ICAMDATA). За својата истражувачка работа, во 2004 тој ја добил престижната германска Хумболтова награда за истражувања во контролираната термонуклеарна фузија.
|