|
||||
Живко Ангелушев |
Живко Ангелушев Живко Ангелушев (1897 - 1979) е лекар оториноларинголог од македонско потекло. Во младите години емигрирал во САД. Во времето на Шпанската граѓанска војна, како доброволец од САД, стигнал во Шпанија во 1937 г. и бил директор на болницата на Шпанската републиканска влада. Како виден американски лекар и општественик од македонско потекло, активно ја помагал НОВЈ и бил еден од основачите и потпретседател на Друштвото на пријателите на Нова Југославија во Њујорк. Во февруари 1946 г. бил избран за претседател на Иницијативниот одбор за изградбата и екипирањето на болницата во Скопје. По Скопскиот земјотрес на 26. 07. 1963 г. ја запознавал американската јавност со последиците од катастрофата и учествувал во испраќањето помош од САД. Се занимавал со истражувања за причините за губењето на слухот и објавил повеќе научни и стручни трудови. Живко Димитров Ангелушев е роден на 15 јануари 1897 г. во Маглиж, регионот на Стара Загора, Бугарија, во македонско семејство со потекло од драмското село Плевна, Егејска македонија. Тој е брат на уметникот Борис Ангелушев, основоположник на дизајнот на книгата во Бугарија. Живко учел само еден месец на Семинаријата во Едрене. Живко учествувал во Првата светска војна и за време на борбите бил ранет. Тој бил на чело на специјалното одделение на VIII Трновска дивизија, која имала за цел да ја утврди точната локација на непријателските батерии со акустичните карактеристики на проектилите што ги истрелуваа. Тоа изгледа влијаше во неговата одлука за неговото понатамошно образование. По завршувањето на војната Живко прво студирал биологија и физика на Универзитетот во Софија, а потоа во 1920 година студирал медицина во Германија. Во 1925 г. дипломирал и станал хирург во една од областите на Берлин - Нојкелн. Помеѓу 1926/1932 г. тој бил на чело на одделение во тамошната болница. Меѓутоа, тој бил симпатизер на тогашните „прогресивни“ комунистички идеи и во 1933 г. се нашол под лупа на националсоцијалистите. Следејќи ја трагата за настаните во Рајстагот тој бил уапсен и малтретиран. Поради недостаток на докази, тој бил ослободен и се префрлил во париската болница. Под влијание на неговите лични искуства, тој ја напишал книгата „Расно лудило“. Во 1937 г., поради своите верувања, тој им се придружил на доброволците за одбрана на Шпанската Република, од САД каде во меѓувреме емигрирал и помогнал да се воспостави воена болница во Мурсија. Тој бил директор на болницата на Шпанската републиканска влада. По војната, прво се вратил во Париз, каде продолжил да се грижи за евакуираните ранети интернационални борци, а потоа пред почетокот на Втората светска војна, пред да се блокираат поморските патишта заминал во САД. Напишал книга за Шпанија, „Ein Artz erlebt Spanien“ (Искуството на еден доктор во Шпанија), објавена во Детроит во 1939 година. Како виден американски лекар и општественик од македонско потекло, активно ја помагал НОВЈ и бил еден од основачите и потпретседател на Друштвото на пријателите на Нова Југославија во Њујорк. На иселеничката конференција во Кливленд во февруари 1946 г., како човек кој никогаш не го заборавил своето македонско потекло, иако израснал во Бугарија, едногласно бил избран за претседател на Иницијативниот одбор за изградбата и екипирањето на болницата во Скопје. Ја посетил Македонија во 1957 г., а по Скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 г., ја запознавал американската јавност со последиците од катастрофата и учествувал во испраќањето помош од САД. Живко Ангелушев се населил во Њујорк и таму специјализирал оториноларингологија, болести на уво, нос и грло. Тој бил научно заинтересиран за влијанието на зголемувањето на бучавата и вибрациите како резултат на урбанизацијата и технологијата во 20 век, кои го загрозуваат здравјето на луѓето. Се занимавал со истражувања за причините за губењето на слухот и објавил повеќе научни и стручни трудови. Неговото истражување во Копенхаген ќе ја принуди управата да ги намали децибелите во градот. Тој исто така открил дека пробивањето на звучниот ѕид од суперсонични авиони со низок лет може да убие куче. Високите децибели предизвикуваат неповратни промени во клеточната структура на слушниот канал. Погодена е и хипофизата, која има одговорни функции во нервниот систем на човекот. Тој го претстави ова актуелно прашање пред тогашниот генерален секретар на ООН Ву Тан и претседателот на американскиот сенат В. Фулбрајт. Резултатите од истражувањето исто така се земени во предвид од НАСА и се вклучени како фактор во астромедицината. Д-р Живко Ангелушев станал член на Њујоршката академија на науките, на Светската организација за звук, на Американскиот институт за физика и Меѓународниот центар за борба против бучавата и вибрациите. Тој ги објави книгите „Борба против глувоста“ и „Вибрациона енергија и биохемија на аудитивниот нерв“. Д-р Ангелушев уживал висок авторитет меѓу Македонците во САД. Колкава била довербата кон него, најдобро говори постапката на македонскиот иселеник Антон Димитров од Гевгелија, кој го го назначува за извршител на неговиот тестамент. „Во Тестаментот се вели дека им одобрува, односно им наредува, на извршителите Д-р Живко Ангелушев, познат македонски иселеник кој уживаше висок авторитет меѓу Македонците во САД и кој беше еден од организаторите и претседател на Одборот за изградба на болница во Скопје, и на господинот Борис Панов и дека од нив не се бара да дадат никаква гаранција или друго покритие за пожртвуваното извршување на нивните должности, било тоа да е од државата Њујорк или од друго место, да ги платат неговите долгови и погребните трошоци што е можно поскоро. Останатиот негов неподвижен, личен и мешовит имот што го стекнал и поседува или има право на него, или му е доделен со тестамент, вклучително и секоја непозната оставина, ја дава, ја завештува и ја остава во наследство на градот Гевгелија, а им дава инструкции на своите извршители ова наследство да го предадат на главното Извршно тело на градот Гевгелија. Во Тестаментот вели дека наследството мора да се користи само за образовни цели, како што е изградба и подобрување на училишта и библиотеки...“. Д-р Живко Ангелушев починал на 17 јули 1979 година во Њујорк. |