|
||||
БОРКА ТАЛЕСКИ - ЦРНИОТ |
БОРКА ТАЛЕСКИ - ЦРНИОТ
Роден е на 19.07.1921 година во Прилеп, во семејството на Спасија и Петре Талески.
Потекнува од фурнаџиско семејство, дедо му Тале бил фурнаџија во Прилеп. Основното образование завршува во родниот град каде бил одличен ученик. Средно образование започнува во гимназијата во Прилеп, но кога стигнал до петти клас, гимназијата била укината и морал да го заврши во гимназијата во Битола. За време на средношколските денови Борка читал многу, посебно белетристика.
Со одличен успех го завршил средното образование и се запишал на Медицинскиот факултет во Белград во 1939 година. Во периодот кога се запишал на факултет, Талески се придружил на тогашната Комунистичка партија, која го признавала правото на Македонците на свој национален идентитет, кој инаку бил забранет во тогашното кралство Југославија, кое претходно било познато како кралство на Србите, Хрватите и Словенците, или кралство СХС.
Борка Талески учествувал на сите демонстрации организирани во Белград против тогашната власт, а за време на летните и зимските одмори, држел состаноци и курсеви во Прилеп а пишувал и летоци.
На 2 август 1940 година, во Прилеп, Скопје и Охрид се одржани познатите Илинденски демонстрации.
ИЛИНДЕНСКИТЕ ДЕМОНСТРАЦИИ биле масовни демонстрации на Македонците во Вардарскиот дел на Македонија против српскиот режим.
Демонстрантите повикувале на оружена борба за ослободување и државност на Македонците. Во Скопје допатувал претседателот на Владата на кралството Југославија, кој изјавил дека се појавува македонски сепаратизам и наредил да се применат остри мерки.
Тој ден на 2 август 1940, после масовниот излет на Шаторов Камен, 19 годишниот Борка Талески бил првиот говорник пред насобраниот народ во Прилеп.
Талески одржал говор за потребата за независност и самобитност на Македонија и Македонците, со посебен осврт на Илинденскиот период и македонските револуционери од тоа време.
Поради овој настан Борка бил уапсен од српските власти. Тој бил држен неколку месеци во затворот на Ада Циганлија во Белград, а потоа во логорот Ивањица.
По пуштањето од затвор, Борка се вратил во Прилеп, но продолжил да биде следен од полицијата.
Набргу потоа српскиот режим е заменет со бугарската фашистичка окупација на Македонија.
Прилепчани биле меѓу првите кои се организирале за отпор против бугарските фашисти.
На 22 јуни 1941, денот кога Хитлер го нападнал Советскиот сојуз, истата вечер прилепскиот комитет, чиј член бил и Борка Талески имал неофицијален состанок на месноста Брдото кај Прилеп, каде Талески одржал говор.
Таа вечер се договориле Месниот комитет да се сретне во проширен состав во месноста Шарена чешма. За тој состанок Борка Талески напишал голем реферат. По состанокот подготовките за вооружена борба почнале да се одвиваат со забрзано темпо.
На Петровден цел Прилеп бил преплавен со револуционерни летоци против бугарскиот фашизам, а автор на текстовите на летоците бил Борка Талески.
Борка Талески бил дел од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, кој на 11 октомври 1941 год. во Прилеп го извршил првиот организиран напад врз бугарската фашистичка полиција, кој ден подоцна ќе се смета за почеток на востанието во Македонија.
Во 1942 година Талески повторно дејствувал во Прилеп, за подоцна да го пратат на задача во
Кавадарци, каде што ќе дејствува заедно со Лазо Филипов Лавски, човекот кој на 8 септември 1941 кај Богомилскиот тунел кај Велес, прв убива бугарски фашист во Македонија.
На 2 март 1942 година, околу 15 часот, движејќи се од Кавадарци кон Прилеп, во месноста Чашка, во близина на селото Плетвар, по претходно предавство, Борка Талески и Лазо Филипов – Лавски, паѓаат во заседа подготвена од бугарската фашистичка полиција.
Тој ден двајцата млади македонски револуцонери ќе ја положат својата младост за слободата на МАКЕДОНИЈА.
Талески загинува на 21 а Лавски на 24 години.
ВЕЧНА ИМ СЛАВА НА МАКЕДОНСКИТЕ ХЕРОИ!
ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН
|