|
||||
Злате Михајловски |
Злате Михајловски Злате (Малаковски) Михајловски (1926 – 1944) е македонски партизан, учесник во НОБ и народен херој на Југославија. По окупацијата на Југославија се вратил во Македонија и стапил во НОПО „Кораб“. Во текот на 1943 година во една борба бил заробен, спроведен и држан во затвор во Тирана. По капитулацијата на Италија кон крајот на истата година бил ослободен и станал борец во Првата македонско-косовска НО бригада. Загинал во борба на бригадата со бугарската војска во Егејскиот дел на Македонија во 1944 година. Злате (Малаковски) Михајловски е роден во хостиварското село Богдево во 1926 година, во семејството на Меле и Велика. Уште како млад заминал на печалба. До почетокот на 1941 година работел како зидарски работник во Белград. По окупацијата на Југославија во април 1941 година, Злате Малаковски се вратил во Македонија и во март 1943 година стапил во партизанскиот одред НОПО „Кораб“. На 27 април 1943 година, одредот влегол во судир со балистите на Џемо Хаса во Ново Село. Во текот на судирот осумина борци успеале да го пробијат обрачот, четворица загинаа, а десетмина борци меѓу кои и Злате биле заробени. Злате Михајловски со останатите борци бил спроведен во затвор во Тирана. Шетмина од нив биле осудени на смрт и во мај 1943 година обесени, а Злате и останатите партизани кои биле малолетни биле осудени на временски казни. По капитулацијата на Италија во септември 1943 година Злате бил ослободен и се вратил во Македонија. Во ноември 1943 година, тој станал борец, пушкомитролезец во Првата македонско-косовска НО бригада. По една успешна борба за одбрана на слободната територија Дебарца, пред целиот строј бил награден со револвер за покажаната храброст. По пренесувањето на тежиштето на народноослоботелната борба во Егејска Македонија, Злате Михајловски учествувал на Првиот конгрес на Народноослободителниот младински сојуз (НОМСМ) на Македонија одржан на 22 декември 1943 година во село Фуштани. Тој бил член на претседателството и бил избран за член на Главниот одбор на НОМСМ. За време на Фебруарскиот поход во 1944 година, Злате учествувал во Богомилскиот марш на Првата македонско-косовска бригада која требала да се движи преку Мариово, Азот и Порече кон Западна Македонија. Во прилепско тој се борел против бугарските војници и кога Штабот на бригадат одлучил таа да се врати во Егејска Македонија, Злате бил меѓу петте доброволци кои требало да се вратат во Прилеп за да го прикријат движењето на бригадата. Петте доброволци кои неприметно влегле во градот и започнале борба со бугарската војска ги предводел Злате. Набрзо потоа, бугарските војници ги блокирале сите излези од градот и кај фудбалското игралиште ја опколиле групата. Злате и останатите доброволци загинале во борба со бугарската војска. Злате Михајловски бил прогласен е за народен херој на Југославија на 8 октомври 1953 година. |