|
||||
Борис Изворски |
Борис Изворски Борис Изворски (1897 – 1928) е македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација. По Првата светска војна учествува во обновата на ВМОРО (Автономистичка). Од септември 1922 година раководел со Ениџевардарскиот окружен одред, борејќи се и со грчките чети во Егејска Македонија и со српските чети во Вардарска Македонија. Во 1924 година македонското население емигрирало од областа според бугарско-грчката конвенција и четата ја прекинала својата активност. Бил убиен од михајловистите. Борис Изворски е роден во 1897 година во бојмишкото село Извор, Егејскиот дел на Македонија. По Првата светска војна Изворски учествува во обновата на ВМРО (Автономистичка), наследник на Македонската револуционерна организација. Тој успеал да го организира целиот округ, а неговата револуционерна група во која се Григор Фустанов, Борис Струмнички, Спас Божечки, Христо Андонов и Атанас Костадинов, прераснала во чета на Организацијата. Изворски раководел со Ениџевардарската околиска чета од септември 1922 година. Се борел со грчките чети во Егејска Македонија, но и со српските чети во Вардарскиот дел на Македонија. Во 1923 година активноста на четата на Изворски била ограничена поради засилениот грчки терор, а во 1924 година македонското население емигрирало од областа според бугарско-грчката конвенција за размена на население, поради што четата ја прекинала својата активност. Истата година Изворски учествувал како делегат на Солунскиот регионален конгрес на ВМРО и бил избран за редовен член на околиското раководство, а во 1925 година бил делегат на Шестиот конгрес на ВМРО, оддржан од 7 до 11 февруари 1925 година во селото Србиново (денешно Брежани), Пиринскиот дел на Македонија. Во 1925 година работел со чета од 23 луѓе во Охридско. На почетокот на 1928 година бил во Албанија заедно со Петар Шанданов и Пандо Кицов. По убиството на Александар Протогеров во 1928 година, Изворски застанал на страната на Протогеровистите. Тој раководел со чета за време на протогеровистичката експедиција во округот Петрич. Кон крајот на август четата на Изворски била откриена на падините на Пирин и предадена и опколени од локалните бугарски гарнизони. Нивниот командант ги убедувал борците под водство на Борис Изворски да се предадат и да не се жртвуваат непотребно, ветувајќи дека нема да им падне ни влакно од главата. Тие поверувале на зборот на бугарскиот командант и се предале. Но на нивен голем ужас тие вечерта им биле предадени на бандата на михајловистот Стојан Вардарски и кај разлошкото село Добриништа Борис Изворски и неговите комити (Васил Запрев, Борис Козов, Георги Наков, Пандо Кицов, Спас Стојанов, Георги Христов. Спас Вергов, Христо Андонов и др.) биле убиени. |