|
||||
Круме Волнароски |
Круме Волнароски Круме ИцковВолнароски (1909 - 9. V 1944) е македонски комунистички деец и народен херој од НОАВМ. Станал член на КПЈ во 1941 гпдина и работел во Партиската техника на МК на КПЈ во Прилеп. Во прилепските села собирал народна помош и формирал воени комитети и НОО во текот на 1942/1943 година. Како секретар на ОК на КПМ учествувал во активностите за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ. Заедно со соборецот Кире Гавриловски биле опколена во куќа во Прилеп од бугарската полиција. Окупаторските сили успеале да ја запалат и по жестоката оружена престрелка Круме бил фатен и починал во затвор. Прогласен е за народен херој на Југославија (11. X 1953). Круме Волнароски е роден во 1909 година во Прилеп, во старо и познато револуционерно семејство, како едно од петте деца на Ицо и Арсена. По завршувањето на основното образование и гимназијата, тој иако бил солиден ученик не успеал да го продолжи школувањето. Уште од мали нозе морал да работи во прилепската чаршија. Се занимавал со гимнастика и по отслужувањето на воениот рок во Вршац отворил бакалница во Прилеп. Во градот и околината бил познат како трговец – бакал. Круме рано се вклучил во работничкото свижење и бил многу активен меѓѕ револуционерните сили, особено за време на политичките кампањи. Активно учествувал во изборната кампања во 1935 година, а во 1938 година бил еден од потписниците на листата на Здружената опозиција во која бил и Методија Андонов Ченто. Круме со својата бакалница и Ченто кој кој имал ан, одлично соработувале, поради што биле на мета на полицијата, која се сомневала дека кај нив се собираат антифашисти. Уште тогаш Круме се дружел и со Кузман Јосифовски Питу. Како угледен човек во чаршијата и симпатизер на КПЈ, Круме активно учествувал во собирање на „Црвена помош“. Во 1941 година станал член на КПЈ и работел во Партиската техника на МК на КПЈ во Прилеп. Во неговата куќа имало изградено скривница, каде тој во 1942 година ги следел радио вестите, ги пишувал и ги испраќал на печатење во билтенот „Народен глас“. По провалата во 1942 година Круме Волнарски станал илегалец и во периодот 1942/1943 година собирал народна помош и формирал воени комитети и НОО во прилепските села. Поради постигнатиот успех станал секретар на ОК на КПМ за Прилеп. Во 1944 гдина Круме зел учество и во Фебруарскиот поход. По походот тој го мобилизирал населението во овој округ за помош на Првата македонско-косовска бригада во борбата со бугарската војска концентрирана на овој простор од неколку гарнизони. Како секретар на ОК на КПМ, од крајот на 1943 до мај 1944 година, Круме Волнароски учествувал во активностите за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ. Во мај 1944 година, во куќа во Прилеп се одржал состанок на кој биле делени полномоштва на делегатите. Откако тие си заминале, по извршеното предавство, куќата во која Круме останал со членот на ОК КПМ Кире Гавриловски била опколена од бугарската полиција. Тие ја одбиле понудата за предавање по што започнала акција за нивно ликвидирање. Во неколку часовната жестока оружена престрелка тие успеале да убијат еден и да ранат двајца бугарски полицајци. Меѓутоа, окупаторските сили успеале да ја запалат куќата, по што Кире се убил за да не падне жив во нивни раце, додека Круме бил заробен. Тој бил мачен и починал на 9 мај 1944 година. Круме Волнароски е прогласен за народен херој на Југославија на 11. X 1953 година. |