|
||||
Илија Антевски – Смок |
Илија Антевски – Смок Илија Антевски – Смок (25. VII 1919 – 17. V 1943) е македонски комунист и учесник во Народноослободителната борба (НОБ). Бил инструктор на Окружниот комитет на КПЈ за делот на Македонија под италијанска окупација. Како политички комесар на Мавровскиот НОПО, бил заробен од балистите на 27 март 1943 година и спроведен во Тирана. По кратко сослушување бил осуден на смрт со бесење и казната била извршена во Тиранскиот затвор. Илија Антевски е роден на 25 јули 1919 година во Тетово, во сиромашно печалбарско семејство. По завршувањето на основното и средно образование, работел во монополот во Тетово. Во 1939 година се запишал како вонреден студент на Правниот факултет во Белград. Соочувајќи се секојдневно со неправдата се приклучил на работничкото движење. Во 1940 година Илија станал член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ), а во септември 1941 година станал член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) и Месниот комитет (МК) на Тетово. По априлската војна во 1941 година, нацистичка Германија ја окупира Југославија, а Македонија ја подели на бугарска и италијанска окупациона зона. Со својата активност Илија дал голем придонес во антифашистичката борба во италијанската окупациона зона. Илија неуморно работел населението од Тетово и Тетовско активно да се вклучи во вооружената борба за слобода во текот на Втората светска војна Поради својата активност, во јуни 1942 година тој бил принуден да премине во илегала, а на почетокот на септември истата година заминал во партизани. Илија се приклучил на Гостиварско-Мавровскиот Народносолободителе партизански одред (НОПО) „Кораб“, а потоа бил назначен за политички комесар на одредот и инструктор на Окружниот комитет на КПЈ за делот на Македонија под италијанска окупација. Како политички комесар на Мавровскиот НОПО, Илија Антевски – Смок бил заробен со уште девет партизани од балистите по вооружениот судир на 27 март 1943 година кај Ново Село, Гостиварско. Прво бил затворен во Гостивар, каде бил мачен, а потоа бил спроведен од италијанските фашистички сили во Тирана. По кратко сослушување Илија Антевски – Смок бил осуден на смрт со бесење и казната била извршена на 17 мај 1943 година во Тиранскиот затвор. Со него биле убиени уште пет македонски партизани кои биле заробени со него: Душко Поповиќ, Христо Оџаклиевски, Раде Угриновски, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски. Истиот ден, Околискиот комитет на Комунистичката партија на Албанија за Тирана организирал масовни демонстрации на кои излегле илјадници жители на Тирана. |